Со итна неповратна помош од Јапонија денеска во земјава пристигна лекот Авиган (фаврипиравир) кој ќе се користи за третман на лицата со ковид-19. Како што соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, од овој лек има количини за лекување на 100 пациенти.
Донацијата е во партнерство со Канцеларијата за проекти на ОН – УНОПС.
„Станува збор за антивирусна терапија што во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата во 2014 година и сè уште не е одобрен да биде специфичен лек за kовид-19, но во тек се бројни клинички студии и од искуствата во апликацијата веќе има доста добри резултати во повеќе земји“, рече Филипче.
Според него, охрабрувачки се фактите дека генеричките форми на овој лек веќе се одобрени во Русија и Индија за лекување на ковид -19 и овие генерички форми се применуваат за третман на ковид-19 и во други земји.
За да се избегне ширењето на ковид-19, од голема важност е да се пронајде ефикaсна антивирусна терапија, рече Филипче.
Во моментот Јапонија спроведува мултицентрична клиничкa студија во повеќе земји од светот во која се испитува ефикасноста на Авиган во третманот на пациентите со ковид-19.
„Сепак, треба да се има во предвид дека приемната на Авиган во лекување на пациентите со ковид -19 е сè уште неодобрена индикација, впрочем како и сите други антивирусни терапии кои се применуваат во борбата со овој вирус и треба да се препишува и аплицира под внимателен медицински надзор“, додаде Филипче.