Казината почнуваат со работа, одлучи Владата

0
235

Владата донесе Протокол за отворање и работа на казината и автомат-клубовите, откако вчера тоа го предложи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

На вчерашната владина седница бил изгласан Протоколот за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во автомат-клуб, и Протоколот за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во казино. Но, деталите од овие протоколи сè уште не се јавно објавени.

Како што најави вчера, министерот за здравство, Венко Филипче, сите економски оператори во целост треба да ги почитуваат пропишаните протоколи за заштита на здравјето на клиентите и вработените.

„Се повеќе економски оператори почнуваат да работат, но условот секако е тие строго да се придржуваат до донесените протоколи и препораки. Затоа и се изготвени тие препораки, кои досега ги почитуваат најголем дел од компаниите, рестораните, хотелите, и останатите коишто добија дозвола да работат. Апелирам апсолутно до сите целосно да се почитуваат овие протоколи заради тоа што така ќе се заштитат и клиентите и вработените“, апелираше Филипче на вчерашната прес-конференција кога го најави и предлогот за отворање на казината и автомат-клубовите.

Владата на вчерашната седница го прифати и предлогот на Комисијата за заразни болести за точката 9 од Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија. Со тоа се овозможува да се врати редовната состојба на организиран превоз на патници од и во подрачјето на Општина Тетово, и од општините Теарце, Боговиње, Желино, Врапчиште, Гостивар, Јегуновце, Брвеница, Маврово, Ростуше и град Скопје.