Потребен е стратешки пристап во обезбедување безбедно, пристапно и достапно домување за сите

0
115
фото: ОДС

Неодамна во Скопје се одржа Фестивалот за домување – Безбедно, достоинствено и пристапно домување за сите. Претседателката на Организација за домување и станари (ОДС) Маја Сталеска за ПИНА објаснува дека граѓаните биле пријатно изненадени што се зборува за важноста на домувањето и сакале да дознаат што нуди фестивалот, а биле желни и да споделат свои искуства и да се вклучат во активностите.

Во Паркот на франкофонијата, покрај посетителите од земјава, имало и гости од Шведска и Исланд, а во текот на фестивалот биле организирани паралелни отворени работилници на различни теми поврзани со домување.

Маја Сталеска

„Темата домување нѐ засега сите, и потребно е да имаме поголема заложба за унапредување на сегашните состојби. Целта на Фестивалот беше да се отворат прашања поврзани со домувањето и потребите на младите, граѓанското учество во донесувањето одлуки поврзани со домувањето и домувањето од аспект на родовата еднаквост“, вели Сталеска.

Неопходно е да се подигне знаењето кај младите за домувањето, правата и можностите

Една од специфичните групи со кои работи Организацијата за домување и станари и ја застапува се потстанарите во Македонија кои најчесто се млади луѓе.

„За жал, во нашата земја немаме точна бројка на потстанари бидејќи често се избегнува легална заверка на нотар на договорот за закуп. Тоа се случува поради избегнување на дополнителните трошоци кои најчесто се на товар на потстанарите и избегнувањето на данокот кој треба да го платат сопствениците на станови. Постепено работиме на подобрување на овој дел, првично со директни средби со потстанарите каде слушаме за нивните проблеми и предизвици, и споделуваме информации за нивните права како потстанари и можност за пристап до бесплатна правна помош од наша страна“, вели Сталеска.

Пред скоро време се изготви методологија и софтверски калкулатор за регулирање на пазарот на издавање на недвижнини, посочува Сталеска.

„Методологијата и софтверот ќе послужат во креирањето на правични и фер цени, како за изнајмувачите, така и за сопствениците на станбен простор. Важно е да се обезбеди сигурност на изнајмувачите, кои во најголем дел се млади луѓе, и чии примања во најголема мера се користат за плаќање на прекумерни кирии за изнајмување, кои не секогаш соодвестуваат со реалната вредност на станбениот простор“, посочува претседателката на организацијата.

фото: ОДС

Сталеска е децидна дека локалните заедници мора проактивно да одговараат на предизвиците со домувањето, посебно поврзано со младите, но и генерално.

„Потребен е стратешки пристап од државата во обезбедување на безбедно, пристапно и достапно домување за сите. Имаме бројни предизвици почнувајќи од несоодветната урбанизација, прекумерното градење, нерегулираниот пазар на недвижности, социјалните нееднаквости, родовиот аспект и младинската сиромаштија и ред други“, вели таа.

Според неа, недостасува и сеопфатна стратегија за домување која ќе биде изработена според потребите на различни групи на граѓани.

„За таа цел, ќе биде потребно јасно, недвосмислено, синхронизирано и добро обмислено планирање на активностите на сите субјекти инволвирани во процесот, како на државата и нејзините институции, така и на науката, локалната самоуправа, приватниот сектор и граѓаните“, изјави Сталеска.

Социјалното домување на начинот на кој сега е организирано нe е доволно да ја покрие бројката на станбено необезбедени лица кои се наоѓаат во социјален ризик, објаснува Сталеска и додава дека не е достапно ниту за граѓаните кои имаат ниски приходи со кои не може самостојно да си обезбедат основни услови за живот.

„Тоа е наменето само за тесна група на лица во социјален ризик кои може да ги исполнат многу ограничувачките критериуми поставени од страна на државата. Освен оваа опција за социјално домување, не постои диверзифицирана мрежа со која би се овозможувало освен ова, вака програмирано социјално домување, друго – достапно, субвенционирано, економски исплатливо или поддржано домување за граѓани кои се наоѓаат во моментална криза, тежок финансики период или имаат континуирано ниски приходи“, додава Сталеска.

Таа е децидна и дека отсуствува и чувството за градење заедници на станари, и потстанари, со мешани животни состојби со што би се поттикнувала солидарноста кон и вклучувањето на оние со помалку можности и би се намалувала дискриминацијата по сите основи, што всушност треба и да биде конечната цел на домувањето со социјален карактер.

„Иако територијално, зградите со социјални станови се наоѓаат во различни општини, тие остануваат во сопственост на државата, па локалните самоуправи не ги чувствуваат како свои и не им посветуваат доволно внимание. Лицата кои живеат во нив се граѓани во социјален ризик, но локалните самоуправи и нивните оддели за социјална заштита ги исклучуваат од своето работење, под изговор дека надлежноста таму ја има локално надлежниот Центар за социјална разбота. Тоа води до недостаток на социјални услуги и директна работа со корисниците на социјалните станови и голема веројатност тие самостојно да не успеат да се снајдат во новата реалност“, вели Сталеска.

„И иако има огромен интерес за социјалните станови сепак дел од нив остануваат празни и нераспределени подолг период, и тоа по неколку години. Тоа индицира дека критериумите не се соодветни или дека погрешно е направено планирањето по територија. Во оваа насока, вредно е да се истакне дека корисник на социјален стан може да биде само лице кое е жител на општината во која се наоѓа станот, со што жителите на помалите општини, особено руралните, немаат еднаква можност при аплицирањето и користењето на овој тип домување“, додава таа.

Сталеска е децидна дека е неопходно да се подигне знаењето кај младите за домувањето, правата и можностите поврзани со него и неопходно е да се работи на вмрежување и поткревање на свеста за поврзаноста на домувањето со сите други аспекти на правилниот раст и целосен развој на потенцијалот кај младите лица.

Авторка: Маја Терзиова