
Изградба на квалитетен, достапен за сите пациенти во земјава и долгорочно финансиски одржлив здравствен систем, беше едно од главните ветувања од 2016 година во планот „За живот во Македонија“, како дел од предвремените парламентарни избори.
Бесплатно лекување во болниците (ослободување од партиципација на
сите здравствени осигуреници), замена на „Мој термин“ со систем кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита, изградба на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбеди високо квалитетна здравствени услуги на населението во целата држава е уште едно од ветувањата кои тогаш беа актуелни. Kакво здравство имаме денес после осум години од ветеното?
Термини на „Мој Термин“ нема ни за лек, за многу специјалистички прегледи. Термин тешко се наоѓа за мамографија, колоноскопија, ехо на дојки, невропсихолошко тестирање. Иако препораката од сите доктори е дека раното дијагностицирање на болестите е од клучно значење за брзо и навремено превенирање на болеста, сепак доколку си имате мака или треба да направите некој од овие специјалистички прегледи, ќе морате да одите во приватните болници каде што некои од прегледите чинат и стотици евра.
Ветувањето беше дека „Мој Термин“ ќе се замени со нов систем кој ќе гарантира брза и здравствена заштита на секое ниво со точно утврдени рокови и обврски, но од ова добивме „Мој Термин“, на кој термин тешко се наоѓа. Од Министерство за здравство за ветената замена на „Мој Термин“ за ПИНА.мк велат дека системот континуирано се надградува и доусовршува.
„ Во однос на неговото функционирање, согласно анализите, забележано е дека има чести појави на недоаѓање на пациентите на закажан термин или негово навремено неоткажување, со што се оневозможува да бидат закажани и прегледани поголем број пациенти“, дополнуваат од Министерство за здравство.
Пациентите и матичните лекари мака мачат да дојдат до посакуваниот термин
Пациентите и матичните лекари се едногласни дека многу тешко се доаѓа до термин и пациентите се приморани на дополнителни финансиски трошоци, кои не секој може да си ги дозволи во ова време.
„На мојот 5 годишен син требаше да му закажат ЕХО и ЕКГ на срце на Детската Клиника во Скопје, но бидејќи немаше термин сестрата буквално ни кажа да си најдеме познаници дека до термин многу тешко се доаѓа и дека ќе не стави на листа на чекање за кога ќе има нови термини. Но, од тогаш поминаа 6 недели и се уште термин не може да се најде и приморана бев детето да го однесам во приватна клиника“, вели за ПИНА.мк, мајката Сандра Таневска.
Матичниот лакар Бојан Трајковски за ПИНА.мк вели дека родителите многу често го одбираат приватното здравство поради побрзата реакција на лекарите, поголемата удобност која ја имаат таму, но и за жал многу често поради стручноста на дел од специјалистите вработени во приватниот сектор. Проблемот со немањето термини го насочува во дефицитарноста на кадарот, малиот број на специјалисти од одредена област и секако прелошата дисперзираност на специјалистите.
„Секако улога има и огромниот број на пациенти кои имаат потреба од специјалистичко мислење, но исто така лоцирам проблем и во дел од колегите од примарното здравство кои попуштаат на притисокот од страна на некои пациенти да бидат испратени кај специјалист за проблем кој може и треба да го реши матичниот лекар“, дополнува Трајковски.
Ставот на матичните лекари е дека јавното здравство е пред колапс. Трајковски вели дека насоката кон која се движиме за жал од пракса покажува дека ако продолжи овој надолен тренд на јавното здравство за многу брзо може да очекуваме се повеќе отворени приватни клиники и секако голема можност за формирање на јавно-приватни приватни партнерства секако на штета на пациентите или на самиот Фонд за здравство.
Со брзи прсти до термин кај специјалист
Дека здравството не е еднакво за сите велат и пациентите со ретки болести. Весна Алексовска од Здружението за ретки болести вели дека еден од многуте предизвици со кои се соочуваат пациентите со ретки болести во земјава е и недостаток на регулатива за ран пристап до терапија. Иако постои регистар, комисија, и програма се чека од тендер на тендер за нови пациенти и нови лекови.
„И недостаток на специјалисти, поради одлив во странство или во приватните клиники како и неможност да се дојде до термин, чекање за анализи од 3 месеци до година дена и повеќе во одредени случаи и немање соодветен процес за стигнување до точна дијагноза. Некои пациенти се дијагностицираат за неколку месеци, а некои поминуваат и повеќе од 5 специјалисти и до 5-10 па и 20 години како и недоволна информација за ретките болести е она со кое секојдневно се соочуваме“, вели Алексовска за ПИНА.мк
Наташа Петровска е мајка на дете со јувенилен артритис која вели дека во сите наши околни држави, да не зборуваме за подалеку има и доктори детски ревматолози и соодветна терапија на располагање, но тоа не е случај и кај нас.
„Потребно е многу ажурно следење од соодветен доктор за да има подобар исход во лекувањето на истата. Во однос на термините за закажување на прегледи исто имаме голем проблем затоа што ние не може пред време да закажеме преглед освен ако не се работи за редовна контрола. Најчесто кога ќе настане оток веднаш треба да се однесе на преглед, но термините секогаш се пополнети. Во вакви ситуации се косултираме со докторите и така договараме термин и искрено секогаш сме биле навремено примени и прегледани. Ние прегледот го добиваме, но со емпатија на докторите на Детска клиника и докторите ортопеди, иако според протоколот на системот нашите потреби не се земени предвид“, објаснува Петровска.
Доктор Трајковски за закажувањето на термините вели дека секојдневно играат игра на „брзи прсти“ односно кој прв до слободниот термин и за жал многу голем број на пациенти чекаат со месеци за некои специфични специјалности како урологија, ревматологија, ендокринологија.
МЗ: Одливот на кадар е глобален тренд
Од Министерство за здравство велат дека со цел да се надминат некои од овие проблеми, а да се овозможи правилно упатување, ситемот од самиот почеток, има вградено опции кои овозможуваат да се искористат термините за пациенти со одредени заболувања или состојби.
„На апаратите за КТ, МР се поставени посебни т.н урнеци за термините во кои може да упатува само лекар од онкологија, или неврохирургија, и вакви урнеци се користат речиси за сите термини на УИ за радиологија, со цел да биде овозможено побрзо упатување со цел навремена дијагностика или следење на пациентите за некои посебни болести кои бараат итен преглед. Овие можности ги користат самите установи при креирање на термините“, дополнуваат од Министерство за здравство.
На прашањето, како планираат да го намалат одливот на здравствени работници од земјава од Влада ни одговорија дека, одливот на кадар е глобален тренд и се преземаат конкретни мерки.
„Во постојана комуникација сме со претставници од Здружението на лекари и специјализанти, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, здруженијата на лекари и коморите, во насока на подобрување на условите на младите лекари и воопшто на сите здравствени работници во државата. Како Влада преку надлежното Министерството имаме јасна цел да ги мотивираме и да им ги подобриме условите за работа на лекарите“, дополнуваат од Влада.
Ги прашаваме надлежните и за изградбата на ветениот современ, функционален Клинички Центар во Скопје од планот „За Живот во Македонија“ од изборната програма на СДСМ во 2016 година, но одговор на ова прашање и по речиси еден месец не добивме ниту од Влада, ниту пак од Министерство за здравство.
Авторка: Ивана Крстеска Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА