Пушењето на цигари во угостителските објекти во земјава е стар проблем, кој во последниот период е повторно актуелен поради олабавувањето на правилата, откако во 2018-тата годината се направија измените во Законот за заштита од пушењето, кој всушност дозволува да нема јасна и стриктна ограниченост на просторот наменет за пушачи и за непушачи. Иако во објектот има определени и означени места за пушачи и непушачи, тие всушност дишат ист воздух. Законот во 2010 година предвидуваше забрана за пушење во јавните простории, а со измените на законот во 2018-та тоа се ублажи.
Тамара Мијовиќ-Спасова од тинк-тенк организацијата ,,Аналитика“ од Скопје за ПИНА.мк вели дека токму со донесувањето на тој закон, тогаш преваленцата на пушење најмногу се намалила тој период.
„Додека трае примената на законот, од 2010 година па се до 2018 година, имаме некоја стабилна преваленца на пушење, за веќе во 2018 година кога ги олабавија условите, се гледа дека делумно се зголемува преваленцата на пушење каде се воведуваат ретроградни политики кои ниту помагаат на граѓаните за намалување на пушењето генерално, ниту за политиките владини. Од 2018 година каде со законските измени се дозволи пушење цигари во просториите на угостителските објекти, се добива чувство дека во објектите повеќе е одделен простор за пушење отколку за непушење. Се наоѓаат дупки во законот каде објектите се пренаменуваат повеќе за пушење, а за непушачите се издвојуваат мали простории во склоп на угостителските објекти“, објаснува таа.
Мијовиќ-Спасова додава дека тоа било нотирано и во некои од претходните извештаи на ЕУ за напредокот на државата во однос на здравствените политики каде тие констатирале дека со ваквиот закон ние не сме напредувале.
„Немаше никаква потреба да се уништува добрата имплементација на законот кој беше донесен во 2010 година. Со ова се стимулираат и младите на некој начин да почнат да пушат цигари, бидејќи гледаат дека самото пушење е дозволено во сите објекти. Она што ние го имаме како податок е дека речиси 20% од младите започнуваат со пушење на 14 годишна возраст,“ рече Мијовиќ-Спасова.
Во однос на тоа дека одредени сопственици на угостителските објекти се имаа пожалено дека ако се врати стариот закон нивниот промет ќе опадне, таа вели дека секоја индустрија може да лобира за одредена измена на закон, но дека не видовме дека прометот на угостителските објекти зависи од ваквиот закон како што некои угостителски објекти тврдат.
„Баш напротив, луѓето се навикнаа дека пушењето во тие објекти е онакво какво што е. Не постојат докази дека им бил намален прометот пред да се донесе овој постоечки закон. И да е така, не може на штета на здравје да се носат политики базирани на профит. Овој закон е на штета на граѓаните. Сведоци сме дека се пуши во скоро сите делови во рестораните, дискотеките и баровите. Едноставно нема имплементација на законот. Сите бараат начини како да го изиграат законот“, децидна е таа.
Таа потенцираше дека цигарите се премногу достапни кај нас и дека имаме најниски цени во регионов и со години тоа е така каде просечна кутија на цигари кај нас чини околу две евра.
„Во истражување кое допрва треба да го објавиме, а е поврзано со електронските цигари, имаме едно прашање кое се однесува за тоа дали оние кои се анкетирани, а се всушност пушачи, се за забрана на пушењето во објектите каде дури 60% се согласни за тоа, да се вратат претходните законски одредби. Ако тоа не е индикација за носење политика, не знам што може да биде. Институциите кога го донесоа законот строго ги гледаа интересните на угостителскиот сектор“, објаснува Мијовиќ-Спасова.
Од Туристичко-угостителската комора за ПИНА.мк велат дека угостителските објекти го почитуваат Законот.
„Ако биде вратен стариот Закон, верувајте дека 50 проценти од угостителските објекти ќе бидат затворени, до таму е дојдена работата, едноставно објектите нема да можат да издржат,“ велат од таму.
Институциите велат дека Законот се почитувал, граѓаните се жалат
Во однос на тоа колку се почитува Законот, од Државниот пазарен инспекторат за ПИНА.мк велат дека од направените надзори констатирано е дека генерално Законот за заштита од пушењето се почитува од страна на угостителите.
„По Законот за заштита од пушење, во 2023 година извршени се над 2.100 надзори, издадени се над 400 прекршочни платни налози во вредност од над 37 и пол милиони денари. Во јануари и февруари 2024 година извршени се над 450 надзори, издадени се над 40 прекршочни платни налози, во вредност од над 3 милиони денари. Непочитувањето на Законот за заштита од пушењето предвидува казна од 2.000 до 4.500 евра за правното лице, за одговорното лице во правното лице од 500 до 1.000 евра, а физичкото лице што ќе биде фатено како пуши во затворен објект предвидена е парична казна од 100 до 300 евра“, велат тие.
Од таму додаваат дека тие се орган кој спроведува веќе донесени законски одредби и како институција немаат ингеренции да предлагаат и носат закони или да дават мислења за веќе донесени закони.
„Инспекторатот има обврска во деловите каде е надлежен да провери дали одредени одредби од законите се спроведени. До Пазарниот инспекторат до сега нема пристигнато иницијатива за укинување на одредби од Законот за заштита на пушењето“, објаснуваат од Државниот пазарен инспекторат.
Во моментов, граѓаните се жалат дека не постои никаква имплементација на Законот каде на терасите на угостителските објекти кои се оградени особено во зимските периоди не се проветрува, објектите имаат слаби системи за вентилација, а истото ова е дозволено и во ресторани каде токму на тие тераси се служи и храна.
ПИНА.мк разговараше со граѓанин кој има астма и кој вели дека пушењето на цигари во угостителските објекти е проблем кој никако да биде решен.
„Веќе долго време имам проблем каде и да одам, секаде е дозволено пушењето. Лошите вентилации и премногу пушачи на едно место предизвикуваат големо незадоволство и кај здравите луѓе кои не се пушачи, и кај луѓето со здравствен проблем како на пример кај мене. Да не зборуваме пак за облеката што мириса на непријатен мирис на цигари. Најголемиот проблем е во тие угостителски објекти за немањето соодветна опрема за тие намени. Не ми се познати конкретните причини зошто се направени овие законски измени, но луѓето се свесни за овој проблем и очекуваат некој да го реши“, објаснува тој.
Тој смета дека ова мора да се промени, а напомена и дека пушењето во затворени простории им смета и на самите пушачи.Во 2020 година беше направена онлајн петиција за да престане пушењето во угостителските објекти каде беа собрани речиси 30 илјади потписи.
Цигари не треба да се пушат во ниеден затворен простор
Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа-семејна медицина за ПИНА.мк вели дека пушењето е еден од јавните здравствени проблеми со најголемо влијание врз морбидитетот и морталитетот на глобално ниво каде земјите со високи примања исто така се соочуваат со сериозни предизвици во врска со контролата на епидемијата на тутун.
„Македонија има долга традиција на консумирање тутун со стапка на пушење која се зголемува во последните неколку децении. Преваленца на пушење која е 46% кај жени, 54% кај мажи и годишни смртни случаи кои се припишуваат на пушење каде 29% се мажи, а 15,4% се жени се повисоки во Македонија отколку во другите земји во развој. Преваленцата на првата цигара испушена на 13 и помлада годишна возраст помеѓу млади лица меѓу 11-15 години изнесува 12 % за момчиња и 7 % за девојчиња“, објаснува Ѓорѓиевски.
Тој додава дека цигари не треба да се пушат во ниеден затворен простор бидејќи со самото пушење на цигари излегува чад кој го дишат сите во просторијата, а тоа е познато како пасивно пушење.
„Колку што штетни ефекти има пушењето на цигари исто толку штетни ефекти има вдишувањето на чадот од цигарите по здравјето на непушачите. Никотинот заедно со другите алкалоиди влијаат на психоактивната состојба и во голема мера предизвикуваат негативни здравствени последици. Како последици од пушењето се јавува рак на бели дробови, рак на усни и хранопровод, емфизем, ХОББ, срцеви заболувања и слични здравствени состојби. Последици на пушењето се петтина од сите смртни случаи предизвикани од срцеви болести. Пушачите имаат околу 70 проценти повисок ризик од смртност како последица на болестите на кардиоваскуларниот систем во споредба со непушачите,“ дециден е тој.
Ѓорѓиевски вели дека е потребна поголема свесност од страна на пушачите.
„Недозволиво е еден пушач да пуши во затворен простор во присуство на своето дете. Малите деца под три години кои растат во дом, каде континуирано се пуши се по чувствителни од возрасните на пасивно внесување на чадот од цигарите. Колку е помало детето, дишењето е побрзо и внесот на хемиски агенси на килограм телесна тежина е поголем од возрасните лица. Децата на мајка пушач се повеќе изложени на респираторни инфекции, настинки, воспалителни процеси на респираторен тракт како и на средното уво во однос на децата кои растат во дом во кој не се пушат цигари. Поради тоа е потребно враќање на старата одредба од законот за апсолутна забрана за пушење во затворени простории,“ додава Ѓорѓиевски.
Во однос на решение, тој рече дека треба да се воведуваат програми за одвикнување од пушење на ниво на примарно здравство. Целта и акцентот треба да се стават кај најмладата популација, односно во оние години кога се почнува со пушење. Порачува да се има поголема медиумска покриеност во презентација на штетните ефекти од пушењето, но и бенефитите кои ќе ги добијат кога ќе се одвикнат од пушење. Потребни се и кампањи за подигнување на свесноста на пушачите дека со прекин на пушење спречуваат појава на хронични заболувања.
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА