Согласно промените во Кривичниот законик, кои стапија на сила на 15 март годинава, загадувачите на воздухот, водата и почвата може да бидат казнети со затвор до десет години, доколку со делото се предизвика сериозна опасност за животот и здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија и животни.
Законските измени беа изгласани во септември, а стапуваат на сила шест месеци подоцна. Со новиот текст на Кривичниот законик и бучавата станува кривично дело, па така со новиот член 231-б – тој што спротивно на прописите ќе произведе бучава, вибрации или нејонизирачко зрачење и со тоа ќе создаде чувство на вознемиреност или ќе го загрози здравјето на луѓето ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
Се предвидуваат и затворски казни за производство, трговија или употреба на супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка, за уништување растенија или насади со штетна материја, како и пореметување или обид за пореметување на воден режим.
Меѓутоа, речиси сите членови вклучуваат став со кој сторителот може да добие само парична казна доколу го сторил делото од небрежност. Поради воведувањето на оваа опција, може да се изрекуваат помали парични казни и нема да видиме поголеми казни, а затворски ретко, сметаат од „О2 Иницијатива“, невладина организација која се залага за зачувување на животната средина. Покрај тоа, додаден е и член за „делотворно каење“.
„Со новиот член Делотворно каење – Член 234-а, се остава можноста да се ослободат сторителите на голем број на дела, ако пред настапување на последиците доброволно ја спречат опасноста за нивно настапување или ги отстранат последиците. Тука се отвора врата за толкување, колку и како се отстранети последиците и ќе има ослободување на сторителите,“ велат од „О2 Иницијатива“ за ПИНА.
Од „О2 Иницијатива“ посочуваат дека во промените се вметнуваат повеќе термини кои тешко ќе се спроведуваат зошто не се точно дефинирани, а тоа може да доведе до неизрекување кривични казни за тие одредби.
Како ќе се докажува штетата на животната средина?
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) по изгласувањето на промените во собранието во септември укажа дека дел од усвоените одредби ќе бидат мошне комплексни за нивно ефикасно спроведување во пракса. Сепак, ДИЖС не ни одговорија директно на прашањето кои уредби ги сметаат за коплексни за спроведување, туку ни испратија изјава во која посочуваат дека законот дава појаснувања на основните термини со цел правилна примена во пракса.
„Сериозна штета е штета која вклучува многу сериозна неповолна промена, нарушување или штета на кој било дел на животната средина, вкучувајќи влијанија со тешки последици на човечкиот живот или природата, културните или економските ресурси. Под широкораспространета штета се подразбира штета која се протега преку целата територија на најмалку еден географски регион или на прекугранична територија која опфаќа најмалку територија на еден регион или штета со која е зафатен целосен екосистем, целосен вид на организми или поголема група на луѓе,“ изјавија од ДИЖС за ПИНА.
Од таму додаваат дека со новите измени на Кривичниот законик се прави обид да започне процес на превентивно делување, односно новопропишаните високи казни да го одвратат сторителот од чинење на некое од овие кривични дела или нивно повторување.
Казна до доживотен затвор за екоцид
Промените во Кривичниот законик донесоа и новост – екоцидот. Со додавање на нов член за екоцид во законикот, Македонија станува една од ретките во светот што го вклучила екоцидот во законодавството. Досега, само 13 земји во светот го вклучуваат екоцидот во своите закони, според специјализираната веб-страница „Екосајд ло“. Во Европа, само Франција, Русија, Грузија, Белорусија, Украина, Молдавија и Ерменија го дефинираат екоцидот во своите закони.
Во новиот член за екоцид на македонскиот Кривичен законик се наведува дека тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор.
Од ДИЖС појаснуваат дека екоцидот би значел уништување на природата до степен од кој не би постоела можност за повторно обновување на растителниот и животинскиот свет.
Во пракса, ова би значело пожари на шуми, излевање на нафта/хемиски отпад, дренирање на блатни екосистеми, прекумерен и неконтролиран лов и риболов, радиоактивна контаминација поради нуклеарни тестирања и користење нуклеарни оружја, односно дејствија или пропуштање на дејствија кои би довеле до масовно уништување на екосистеми.
Авторка: Драгана Петрушевска
Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА