Почетна Анализи „Нема веќе риболовци“: сведоштва за пропаѓањето на езерото Младост

„Нема веќе риболовци“: сведоштва за пропаѓањето на езерото Младост

0
24
Езеро Младост | Фото: Архива на „Вила Зора“

На брегот на езерото Младост наместо разговори за улов, натпревари и рибарски сезони сè почесто е тишина. Риболовците велат дека чувството е исто кај сите – разочарување, неизвесност и впечаток дека езерото полека им се лизга од раце.

Тие што со децении го познаваат секој дел од езерото денес зборуваат за драстично намален рибен фонд и за воден екосистем кој веќе не личи на оној од порано. Риболовот, кој некогаш бил секојдневие и традиција, сега станува активност што сè повеќе се напушта.

Претседателот на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес, Даниел Наумовски за ПИНА вели дека состојбата со рибниот фонд е тешка и континуирано се влошува. Посочува дека намалувањето на рибата е очигледно и дека не постои вид што не е погоден од промените во езерото. Крапот, амурот, карашот, сомот, но и помалите белорибни видови, сите трпат последици од загадувањето и од нарушениот екосистем. Она што најмногу загрижува, според него, е фактот што овие промени веќе не се повремени, туку стануваат нова реалност.

Риболовците на терен, како што вели Наумовски, сè почесто се соочуваат со видливи знаци на загадување. Водата е заматена, со зеленкаста боја, а на одредени места се забележуваат и органски наслаги. Особено загрижува присуството на фекалии, што, според него, не е само визуелен проблем, туку сериозна закана за целиот екосистем. Во одредени периоди се забележуваат и угинати риби, што дополнително ја потврдува сериозноста на состојбата.

Оваа состојба директно влијае и врз интересот за риболов. Наумовски вели дека во последните три години интересот е намален за околу 80 проценти. Дел од риболовците целосно се откажале, додека други доаѓаат сè поретко, повеќе од навика отколку од реална очекувана корист. Недовербата дека уловената риба е безбедна за консумирање дополнително придонесува за овој пад. Наместо место за рекреација и релаксација, езерото за многумина станува симбол на пропаѓање.

Покрај тоа, Наумовски укажува и на институционални слабости. Според него, недостасува контрола врз загадувањето, а проблемот со фекалните води што се влеваат во езерото сè уште не е решен. Посебно го истакнува сливот на Отовичка Река, каде што, како што вели, континуирано се влеваат загадувачи без соодветен надзор.

Последици од долгорочно загадување

Од еколошки аспект, состојбата за ПИНА ја потврдуваат и активисти од Еколошкото друштво „Вила Зора“. Тие објаснуваат дека во езерото се забележува интензивно цветање на алги, што резултира со зеленикава и матна боја на водата. Иако ваквите појави понекогаш може да се поврзат со природни процеси, во случајот со езерото Младост тие се засилени од долгорочното загадување и од акумулацијата на органска материја.

Езеро Младост | Фото: Архива на „Вила Зора“

Посочуваат дека анализите покажуваат присуство на бактерии како ешерихија коли, што укажува на фекално загадување. Ова не само што влијае врз живиот свет во езерото, туку претставува и ризик за здравјето на луѓето. Нагласуваат дека загадувањето директно го нарушува кислородниот баланс во водата, што е клучен фактор за опстанок на рибите и другите организми.

Особено значајно е тоа што, според нив, проблемот не е од вчера. Станува збор за процес што се таложи со години, при што езерото постепено ја губи својата способност за самопрочистување. Недостатокот на доволен доток на свежа вода дополнително го влошува овој процес. Во такви услови, органската материја се акумулира, а со зголемување на температурите почнува да се подига кон површината.

Токму тоа, според нив, е објаснувањето за појавата на пивтиестата маса која граѓаните ја забележуваат на површината на езерото. Тие не ја сметаат за изолиран инцидент, туку за последица на долгорочно таложење на органски и фекални материи. Со секое затоплување на водата, овие наслаги стануваат повидливи и поприсутни, што дополнително ја влошува перцепцијата за состојбата на езерото.

Центар за јавно здравје Велес: водата не е безбедна за користење

Овие оценки се поткрепени и со официјалните анализи. Според последното испитување на Центарот за јавно здравје Велес, направено во јуни минатата година, водата во езерото е со лош микробиолошки квалитет. Институцијата предупредува дека водата не смее да се користи за капење, рекреација, наводнување или други активности. Присуството на колиформни бактерии и фекално загадување укажува дека постои реален ризик за здравјето на населението.

Дополнително, во анализите се посочува присуство на пивтиеста маса и сунѓерести наслаги на површината, што е показател за напреднат процес на органско загадување. Центарот за јавно здравје укажува и на потребата од дополнителни испитувања за присуство на цијанотоксини, кои можат да имаат сериозни последици врз здравјето на луѓето.

Слична, но уште подетална слика дава и извештајот на Хидробиолошкиот завод од Охрид, изработен во октомври минатата година по нарачка на Јавното претпријатие за водостопанство (ЈВП) „Лисиче“. Во него се наведува дека водата во езерото припаѓа на трета до петта класа квалитет, што значи дека станува збор за значително загаден воден систем. Анализите покажуваат високи концентрации на органски материи, како и зголемено присуство на нутриенти како азот и фосфор, што се клучни фактори за појава на еутрофикација.

Извештајот укажува дека во езерото се одвива интензивен процес на „стареење“ на екосистемот, поттикнат од човечко влијание и од долготрајно загадување. Особено загрижувачки е податокот дека во подлабоките слоеви на езерото не е регистриран растворен кислород. Ова создава услови во кои органската материја не може целосно да се разгради, што дополнително го влошува квалитетот на водата и директно го загрозува живиот свет.

Присуството на колиформни бактерии и индикаторите за фекално загадување, според извештајот, јасно укажуваат на антропогено влијание, односно загадување предизвикано од човекот. Во комбинација со високите температури и намалениот доток на вода, ова доведува до намалување на нивото на езерото и дополнително концентрирање на загадувачите.

Институции: „Се работи на ревитализација“

Од институционален аспект, директорот на ЈВП „Лисиче“, Ване Маневски за ПИНА, признава дека станува збор за долгогодишен проблем, но нагласува дека во последниот период се преземаат конкретни мерки за подобрување на состојбата. Посочува дека е извршено расчистување на крајбрежјето, дека се планира внес на свежа вода преку бушотини и дека ќе се работи на санација на инфраструктура која не функционира со децении.

Ване Маневски, ЈВП Лисиче | Фото: приватна архива

Маневски вели дека не може да се очекува брзо решение за проблем што се таложел повеќе од 50 години, но дека постои насока кон подобрување. Според него, во процесот се вклучени и други институции, вклучително и општина Велес, која треба да интервенира во делот на Отовичка Река.

Сепак, и покрај овие најави, јазот меѓу перцепцијата на риболовците и оптимизмот на институциите останува очигледен. Додека едните зборуваат за езеро што го губат, другите зборуваат за процес на ревитализација кој допрва треба да даде резултати.

Авторка: Маја Терзиова 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.