Трендот на задолжителна вакцинација за работниците, кој е актуелен последниве месеци во европските, но и во земјите од регионов, како и одењето на работа со негативен ПЦР-тест на сопствена сметка, станува реалност и во Македонија.
Имено, Комисијата за заразни болести одлучи да и предложи на Владата, сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работното место да прикажат потврда за примена најмалку една вакцина или ПЦР негативен тест, кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок.
Вработените во јавниот сектор исто така ја имаат и можноста да прикажат и потврда за прележан Ковид-19 не постар од 45 дена, или пак потврда од лекар специјалист дека вакцината не можат да ја примат, а тоа се однесува на лицата со ретки имунолошки состојби.
За приватниот сектор овие нови мерки, кои се однесуваат на невакцинираните работници, не важат, и има само препорака.
За здравствените работници, пак вакцинацијата станува задолжителна.
Предлог-мерките треба да поминат на владина седница, а поради силниот нов бран, кој го најавуваат експертите, тоа најверојатно и ќе се случи, а истите ќе стапат на сила десет дена откако ќе ги усвои Владата.
Вакцинацијата мора да биде лична определба на работниците, реагира Сојузот на синдикати на Македонија
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) е против новите мерки што ги предлага Комисијата за заразни болести.
Оттаму наведуваат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.
– Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против војата на поединецот, стои во реакцијата на ССМ.
Синдикатот информира дека во изминатиот период до него пристигнале обраќања од работници кои не се вакцинирани во кои укажуваат дека не им е дозволено да влезат на работа без сертификат за вакцинација или негативен тест направен на нивни трошок.
Поради ова, од ССМ се обратиле до Државниот инспекторат за труд (ДИТ) од каде добиле одговор дека ваквото однесување на работодавачите е незаконско.
– Во врска со пријавите од ССМ добивме и известување од Државниот иснпекторат за труд со кое сме информирани дека ваквото однесување на работодавачите кои забрануваат влез за невакцинирани работници или ги задолжуваат да донесат негативен ковид тест на свој трошок како услов да дојдат на работа, се незаконити.
ДИТ постапувајќи по пријавите на ССМ, правилно ги применил законите и по спроведен инспекциски надзор ги укинал спорните одлуки на работодавачите, се вели во соопштението од ССМ.
Стопанска комора бара задолжителна вакцинација и во приватниот сектор
Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) па побара да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор.
Од сметаат дека така ќе се постигнат колективни резултати во борбата со вирусот, но и ќе се овозможи континуитет на деловните процеси.
Од Комората вакво барање во вид на Иницијатива веќе доставиле до Владата.
Потпретседателката на Комората, Анета Трајковска на прес-конференција рече дека од СКСМ ја поддржуваат задолжителната вакцинација во јавниот сектор, посебно во здравството, но сметаат дека вакцинацијата треба да биде задолжителна и во приватниот сектор, како што прават повеќето европски земји, повикувајќи се на правото на работникот за заштита при работа.
“Мора заеднички да работиме на подигнување на степенот на имунизација, што е неопходно да се постигне во пократок временски период за да се спречат мутациите на вирусот.
Затоа предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат, изјави Трајковска.
Според неа, вработените треба да бидат вакцинирани против Ковид-19, да имаат потврда дека го прележале вирусот или да се тестираат и за тоа, кога ќе доаѓаат на работа, да приложуваат соодветен сертификат.
Тестирањето, според Комората треба да биде на сметка на работникот.
Добра, но задоцнета одлука
Матичниот лекар Ненад Лазаров смета дека предлог-мерката е добра, но задоцнета.
„За жал голем број на здравствени работници се се уште невакцинирани, не мислам само на тие што се вработени во јавниот сектор, туку и на тие во приватниот, чиј број не е мал.
Тоа не е добро за нивното здравје, за нивните пациенти и се злоупотребува„, вели за ПИНА, Лазров.
Тој смета дека задолжителната вакцинација на здравствените работници требаше да се случи многу порано и тие да беа пример, што ќе придонесеше за повисока вакцинација во Македонија.
Смета и дека има нелогичности во делот кој се однесува на вработените во јавниот сектор и локалната самоуправа, на кои наместо две дози, ќе им се бара само една вакцина, ПЦР-тест или сертификат за прележан ковид, кој ќе важи 45 дена.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 14 ноември од Ковид-19 во македонија починаа 36 здравствени работници.
Од Министерството за здравство за ПИНА велат дека процентот на целосно вакцинирани здравствени работници, и од јавниот и од приватниот сектор е околу 80%.
Мерки само за невакцинирани
Тоа што периодов треба да се случи во Македонија, во однос на невакцинираните работници, веќе практично се применува во многу европски земји, но и во соседството, во Грција, Србија, Словенија…
Мерките за невакцинирани на пример во Австрија, отидоа уште подалеку, па таа е меѓу првите земји во Европа, каде во моментов има и карантин само за невакцинирани, што комплетно им ги искомплицира работите на невакцинираните работници, кои неможат да отидат на работа, па деновиве порасна интересот за вакцинација, што е и главната идеја за овие непопуларни мерки.
Во Хрватска исто така деновиве стапија на сила нови мерки кои се однесуваат на вработените во администрацијата, вработените во јавните претпријатија, државните компании, општините…
Па така сега тие ќе можат да влезат во своите канцеларии само со ковид-потврда дека се вакцинирани, имаат негативен ПЦР-тест или прележале Ковид-19.
Тие што ќе се одлучат за опцијата ПЦР-тест ќе треба да се вакцинираат двапати седмично.
Ковид-потврди ќе им требаат и на вработените во училиштата.
Интересно е дека во Хрватска ковид-потврди ќе им се бараат и на странките кои ќе ги посетуваат државните институции, со одредени исклучоци.
Автор: Петре Димитров