„Виртуелно или реално – правилата се исти“ – Денови на медиумска писменост од 22 до 29 ноември

0
67

Од 22 до 29 ноември се одржуваат третите Денови на медиумска писменост (ДМП 2021) под мотото „Виртуелно или реално – правилата се исти! Да бидеме медиумски писмени“. Во организација на Мрежата за медиумска писменост (ММП), настанот овојпат е посветен на децата и младите.

Организацијата ПИНА ќе учествува на деновите на медиумската писменост преку вебинарот „Фестивалите како начин на доближување на медиумската писменост до младите“ кој ќе се одржи во вторник (23 ноември) во 12:30 часот, во живо преку Зум платформата.

„Мотивирана од најновиот развој на полето на медиумската писменост во нашата земја – официјалното влегување на медиумската писменост во курикулумот за основно образование, како пристап во предавањето, за што секако придонесоа и сите досегашни напори за унапредување на медиумската писменост кај граѓаните од сите генерации преку најразлични активности“, објаснуваат од ММП.

Во текот на осумте дена најавени се низа настани посветени на градењето и развојот на критичката свесност кај децата и младите, но и кај други целни групи кои се директно или индиректно поврзани со нив.

„Во организацијата, и оваа година, се вклучија поголем број членки на Мрежата и нивни поддржувачи: Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС, Институтот за комуникациски студии, ПИНА, Планет-М, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Институтот РЕСИС, Универзитетот на Југоисточна Европа, Младинскиот образовен форум и Радио МОФ, Фондацијата Метаморфозис, Советот за етика во медиумите на Македонија, Конеду глобал, МРТ и Лице в лице“, додаваат од ММП.

Преку овој настан, Македонија е вклучена во Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО (24-31 октомври), која годинава се одржа по 10-ти пат, а посветена на темата „Медиумска и информациска писменост за јавното добро.