И без пари, науката ги руши сите граници

0
143

Шестмина македонски научници и годинава се најдоа на листата на највлијателните во светот, публикувана од Универзитетот Стенфорд oд САД за 2021 година. Љупчо Коцарев и Леонид Грчев од МАНУ, Валентин Мирчески од Институтот за хемија на ПМФ, професорот Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки во Штип и двајца пензионирани професори, Трајче Стафилов и Иван Грозданов од Институтот за хемија и понатаму се меѓу најцитираните и највлијателни 2% научници на светско ниво од сите научни области на сите времиња. Овие шестмина научници беа меѓу надобрите и на минатогодишното рангирање меѓу 100.000 најдобри научници во светот. Вреднуван не е само нивниот професионален труд и достигнување, туку и импактот на нивната работа и трудовите коишто ги имаат објавено.

Покрај нив, објавена е уште една ранг листа за топ 2% највлијателни светски научници од Северна Македонијаза минатата година, а на неа се најдоа имињата на Љупчо Коцарев, Леонид Грчев, Рубин Гулабоски, Веланд Рамадани од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Кимет Јусуфи од Државниот Универзитет во Тетово, Биљана Бауер од УКИМ Скопје и Биљана Ристеска Стојкоска од ФИНКИ. Петмина од рангираните најдобри топ 2% највлијателни научници од Македонија се во категоријата помлади од 50 години.

Наградите како поттик за научна работа

Гостиварецот Кимет Јусуфи, доктор по физика и доцент на Универзитетот во Тетово изминативе две години доби две значајни признанија за неговата научно-истражувачка работа. Претседателот Стево Пендаровски го прогласи за еден од најуспешните млади научници за 2020 година, а неодамна тој се најде и на престижната листа на Универзитетот Стенфорд.

Јусуфи, својата научна дејност ја насочува во областа на астрономијата и теориска физика, на квантниот процес познат како – Хокингово зрачење од црни дупки, како и дефлексија на светлина од црни дупки. Тој има само 34 години и над 70 објавени трудови зад себе.

„Ова признание ми е поттик уште повеќе да продолжам со научно истражувачка дејност од областа на физиката“, вели Јусуфи.
Теоријата на гравитацијата е тема околу која се испреплетуваат неговите научни трудови. Тој во изјава за ПИНА вели дека објавувањето на трудовите се единствен начин за светот да дознае за научниците коишто живеат и работат во земјава. Мотивот за неговото останување во Македонија го наоѓа не само во работата со учениците, како професор, туку и во неговата посветеност кон науката, каде се обидува постојано да се надградува и да напредува. Со објавувањето на трудовите во странство, тој смета дека не само што се валоризира неговата работа, туку таа е подложна и на сугестии и на критики на негови колеги, што е дополнителен мотив да се биде подобар.

За научно-истражувачката работа, според него, потребно е многу труд, време, енергија, љубов , но и финансиска помош. Неопходна е и соработка со колеги надвор од државата.

Во земјава е тешко да се истражува во полето на фундаментална физика, бидејќи мал број на физичари работат активно на ова поле. Се е сведено на индивидуална работа, за разлика од западните земји каде обично се истражува од група научници. „За моја среќа, во теориска физика не се прават скапи експерименти и не се потребни многу пари за истражување“, вели Јусуфи и додава: „Не очекувам ништо од државата, се потпирам само на себе и на својот труд. Но, имам чувство дека треба да бидам тука, да работам и да се развивам понатака“.

Листата на најдобрите 2% светски научници за 2020 година е резултат на опсежни анализи на научниците од Стенфорд Универзитетот за чие формирање се анализирани голем број на релевантни индикатори, како што се број на објавени трудови, цитираност, вкупен број на објавени трудови, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување.

Успехот, според Јусуфи, не се мери во тоа колку некој трудови ќе објави, туку поважно е да се биде цитиран. Така се докажува трудот како релевантен извор. „Ова е некој вид текст, проверка на сопственото знаење, до каде си стигнал, но и предизвик да бидеш вреднуван од колегите надвор од земјава“, вели тој.

Колку е голем успехот укажува тоа што студијата вклучува рангирање на седум милиони научници од целиот свет од 22 научни области и 176 под-области, од кои е направена листата од над 150.000 научници врз основа на голем број на комбинирани библиометриски индикатори. Повеќето од научниците коишто се најдоа на листата имаат објавено по најмалку пет трудови.

Научниците укажуваат дека со посериозен пристап може да се придонесе и поголем број научници од земјата да се впишат во светските ранг листи. „Во Македонија има луѓе кои имаат капацитети за големи нешта, но за жал немаат речиси никаква поддршка од државата, а секој поединечен успех е и голема промоција за самата држава“, изјави неодамна професорот Веланд Рамадани, кој исто така се најде на престижната листа на Универзитетот Стенфорд.

Не се вложува во науката речиси ништо

Професорот и поранешен заменик министер за образование, Петар Атанасов за ПИНА вели дека во науката во последните 10-тина години не се вложи речиси ништо. Со ова се прави многу штета и трајни последици врз развојот на научноистражувачката дејност.

„Овие вложувања треба да ги покријат младите научни кадри, истражувањата во повеќе области и дисциплини како и публикувањето на нови сознанија во научните списанија и нивно презентирање пред домашната и светската научна јавност. Во некои области се потребни повеќе средства, а во некои помалку“, вели тој.

Тоа што е поразително, според него, е фактот што ниту една политичка гарнитура не сака да користи научни сознанија или памет. „Ништо не прашуваат! Најчесто политичарите тргнуваат од себе и сопствените (партиски) интереси и така ги „кројат“ законите и политиките. Затоа ниту една сериозна реформа не може да биде успешна без знаење или истражувања кои би покажале што и како треба да се менува. Политичките партии се однесуваат како да не им треба посуштинско знаење или искуство и често или спреоведуваат погрешни рефоми или, пак, не прават ништо посебно. И онака има секоја година или две избори, тоа им е поважно за да останат на власт“, дециден е Атанасов.

Помош за седум установи и институти

Од Министерството за образование, пак, наведуваат дека по повеќе од десет години седум јавни научни установи и институти сега ќе добијат финасиска помош за своите истражувања. Со овој потег се излегува во пресрет на потребата за развој на научната мисла во земјата и ќе се овозможат теренски проучувања и обука на млади истражувачи, велат надлежните.

Министерката за образование Мила Царовска деновиве на седум јавни научни установи и институти им ги додели договорите за финансирање научно-истражувачки проекти за 2021 година кои беа позитивно оценети на конкурсот на Министерството за образование и наука.

Со средства од МОН ќе биде поддржана реализацијата на проектите: „Еколошката состојба на рибната популација во Белчишко Блато“ на Хидробиолошкиот завод-Охрид; „Македонска книжевна енциклопедија (автори и дела)“ на Институтот за македонска литература; „Лексиката во македонската народна песна“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“; „Културно-историските случувања кај Албанците во Македонија во текот на XIX – XX век“ на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците; „Историјата и историографијата во јавните политики и во политиките на сеќавање“ на Институтот за национална историја; „Меморија и екокосмос“ на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и „Средновековни населби во Пелагонија, Мариово и Порече“ – научно-истражувачки проект на Институтот за старословенска култура-Прилеп.

„Овие институти имаат стратешко значење, тие се и во законот насловени како национални институти коишто имаат стратешка положба во општеството и кои треба да создаваат научна дејност за доброто на општеството“, рече Царовска.
Царовска вели дека од пред десет години до денеска процентот за наука од БДП е речиси двојно зголемен, што укажува на тенденција на постојано вложување. „Владата и МОН се свесни дека без наука и без истражувања мала е можноста за понатамошен развој на државата“, вели министерката.
Од МОН најавуваат дека се подобрува и системот на стипендирање на втор и трет циклус студии, а целта е младите луѓе да бидат поттикнати да останат во државата, да се занимаваат со наука и да може да работат на вакви проекти.

Автор: Даниела Зафировска