Над 3.000 слепи и лица со оштетен вид во државава се соочуваат со секојдневни потешкотии и предизвици, и бараат посамостоен и подобар живот. Пред околу два месеци, на мирен протест во Скопје, тие од Министерството за труд и социјална политика побараа зголемување на додатокот за туѓа нега за 30% од просечната плата и зголемување на додатокот за попреченост за 40% од просечната плата, како и набавување на помагала за слепи лица, од Владата.
Меѓутоа, покачување на додатокот за попреченост и туѓа нега сè уште немаат добиено. Наместо бараните 40%, МТСП ветува покачување на додатокот за попреченост од 15%, но, од јануари 2023 година. Во меѓувреме, покачен е само посебниот додаток за деца до 26 години.
Од Националниот сојуз на слепи (НССРСМ) за ПИНА велат дека согласно моменталната состојба со инфлацијата, ваквото покачување е неопходно за слепите лица да можат да функционираат самостојно. Оттаму сметаат дека државата не прави доволно за да обезбеди достоен живот кој би одговарал на нивните потреби.
„Моментално немаме позитивно размислување за оваа тема, затоа имаме протести и водиме борба на секој фронт за да ги подобриме работите“, велат од НССРСМ.
Дополнително, оттаму велат дека слепите и лицата со оштетен вид се соочуваат со многу дискриминација и потешкотии, односно, како што велат, право на образование, но без никакви помагала, без ослободување од патарина, ослободување од паркинг, право на увоз на возило со ослободување на ДДВ од царина и слично.
Покрај тоа, факсимилот сѐ уште не се смета за потпис, а од Националниот сојуз велат и дека банките ги дискриминираат слепите лица со тоа што за да подигне слепо лице кредит од банка од него задолжително се бараат сведоци.
Од Министерство за труд и социјална политика за ПИНА велат дека по разговорите со Сојузот на слепи лица договорено е да се воспостави постојана комуникација и да се решаваат работите тековно.
„Она што е досега разговарано е покачување на Правото за лицата со попреченост согласно трошоците за живот од јануари 2023 година, кое согласно проекциите би требало да изнесува околу 15%. После ова покачување врз основа на усогласувањето, ќе се разговара за дополнително покачување од месец јуни 2023 година. Дополнително, донесен е законот за финансиска поддршка каде како категорија се и лицата со оштетен вид кои од месец декември добиваат средства од 3.000 денари месечно, а исплатата ќе се врши во период од 4 месеци“, велат од Министерството.
Оттаму посочија и дека во Собранието е поддржана иницијатива за измени и дополнувања на Законот за социјална заштита со која треба да се избрише границата од 65 години за користење на услугата лична асистенција, што беше и едно од барањата на лицата со оштетен вид.
Слепите лица се соочуваат и со потешкотии во однос на инфраструктурната пристапност од секој аспект, вклучувајќи ја и дигиталната.
Дополнително, постои недостиг на пристапни или звучни книги и звучни учебници за слепите лица, вели Ненад Ристески, потпретседател на Здружението за слепи лица и лица со оштетен вид „Реалност“ од Гостивар
Ристески за ПИНА објаснува дека има недостиг и на тактилни стази за слепи и звучна сигнализација на семафори и пешачки премини, како и недостиг на вработување на слепи лица, а, вели, потребен е и полесен пристап во сите институции.
Според него, запрепастувачки е и тоа што во државава, како што вели, нема доволно или речиси нема воопшто курсеви или дообучувања за оние кои се покасно ослепени или кои не се од раѓање слепи, за одење со бел стап или учење Брајово писмо.
„Слепите лица многу тешко можат да набават помагала, па затоа едно од главните барања на Сојузот до Владата е да ги набави поглавните помагала за полесен и посамостоен живот на слепите лица“, истовремено додава Ристески.
Од Сојузот пак, велат дека белиот стап е предвиден во правилникот на Фондот за здравствено осигурување, односно секое слепо лице може да го нарача, а
Фондот во понатамошниот период ги рефундира средствата. Но, дополнуваат дека во однос на останатите средства кои Владата ги дава за помагалата, сѐ уште нема позитивен исход. Моментално, Сојузот е во преговори со Фондот за здравствено осигурување за вметнување и на други помагала кои се неопходни за слепите лица во правилникот.
За ПИНА од Министерството пак информираат дека веќе се остварени работни средби со Фондот за здравствено осигурување со кои се разговара за дополнување на листите со ортопедски и тифло-технички помагала кои ги користат лицата со оштетен вид.
„Од страна на Сојузот на слепи доставена е листа на помагала со референтна цена од референтни земји , а понатаму ФЗО треба да види кои помагала можат да бидат а товар на ФЗО“, велат од Министерството за труд и социјала.
Список со дидактички помагала е доставен и до Министерството за образование и наука велат од МТСП, со цел да се разгледа можноста за обезбедување на истите за учениците со оштетен вид.
Во тек е и подготовка на нова Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030, посочуваат од МТСП, во која се креираат мерки и активности кои ќе значат унапредување на состојбите во однос на образованието, социјалната, детската и здравствената заштита, вработувањето, пристапноста и остварување на нивните права.
„Во 2023 година МТСП ќе започне со реформа на паричните права за лицата со попреченост, поточно од правото за помош и нега од друго лице, ќе се издвојат лицата кои го користат ова право по основ на попреченост и ќе се спојат со правото за попреченост, со што ќе се намалат бирократските процедури за остварување на овие права и истите ќе се степенуваат согласно потребите на лицата со попреченост“, велат од МТСП.
Покрај тоа, од МТСП потенцираат и дека од Сојузот на слепи е доставен список на лица со оштетен вид, со цел да се разгледа можноста да се обезбеди вработување за истите.
„МТСП и другите релевантни министерства и агенции во меѓусебен разговор и дијалог со Националните инвалидски организации и другите граѓански организации и лицата со попреченост, работиме на подобрување на остварување на правата на лицата со попреченост и ќе работиме на обезбедување на едно општество за сите, со еднакви шанси и можности за целосно вклучување во општеството“, велат од Министерството.
Во меѓувреме, од Националниот сојуз на слепи велат дека во овој период за приоритет го имаат отворањето на реха-центар кој ќе биде наменет за едукација на слепите лица за сите нивни неопходни потреби, вклучувајќи ориентација, читање на брајово писмо, готвење итн.
Авторка: Љубица Иванова