Наместо да ги искористи предностите, почвата, климатските услови и традицијата, Македонија е доведена во катастрофална ситуација – 80 отсто да зависи од увоз на храна, предупредуваат од Националната земјоделска мрежа.
Бројките на Државниот завод за статистика потврдуваат дека земјава лани потрошила 1,1 милијарда евра за увоз на храна. Во исто време, извезува храна во вредност од 564 милиони евра.
Ѓорѓи Каракашев, претседател на Мрежата, вели дека главната причина за увозната зависност од храна се недостигот на соодветна државна стратегија и погрешните политики кон земјоделците.

„Имаме моменти на хиперпродукција, а потоа моменти на огромен дефицит. Македонија има годишна потреба од 360.000 тони пченица, а нашето производство едвај достигнува 180 до 200 илјади тони. Тоа значи дека 50 отсто од лебот ни зависи од увоз“, вели Каракашев.
Тој смета дека државната поддршка, во споредба со регионот, е недоволна за сериозен напредок и оти без поголема финансиска поддршка и сигурен пласман, македонското земјоделство ќе остане на апарати.
„Додека Србија инвестира над 1,3 милијарда евра во субвенции, Бугарија 1,6, а Грција над 3 милијарди, ние се движиме меѓу 50 и 100 милиони евра“, додава Каракашев.
Најголемиот удар врз грбот на земјоделецот и на граѓаните, според него, доаѓа од трговците, што е и причината поради која граѓаните плаќаат прескапа храна. Каракашев порачува дека политичарите треба да сфатат дека земјоделството е стил на живот и дека младите масовно се откажуваат и емигрираат бидејќи не гледаат егзистенција во оваа гранка.
„Прошетајте низ селата и ќе видите – пола од оранжериите се обраснати во трева бидејќи нема кој да работи. Тоа е најболната точка во градинарството“, вели тој.
Предупредува дека годинава ќе се соочиме со огромен дефицит на храна, климатските промени и недостигот на домашно производство ќе доведат до сценарио во кое храната ќе стане луксуз.
„Климата си го зема данокот – од екстремни температури до вонсезонски мраз и поплави. Со исти вложувања сега имаме преполовени приноси. Сакале или не, храната ќе биде сè понедостапна и со цени кои ќе одат до плафон. Ова ќе биде сериозен удар врз стандардот на секое семејство“, вели тој.
Храната е „новата нафта“
Искра Станчева-Гигов, директорка на Економскиот институт при УКИМ за ПИНА вели дека најголема зависност постои во однос на основните производи како пченицата, односно брашното, месото, особено свинското, како и говедското и млечните производи. Главната причина за ова, вели, е јазот помеѓу домашната понуда и побарувачка – домашното производство веќе не ги задоволува потребите на пазарот ниту во квантитет, ниту пак е секогаш ценовно конкурентно.

„Произведуваме многу во сектори каде што сме извозно ориентирани, како тутунот, овошјето и зеленчукот, но драматично малку во стратешките сектори како месо, млеко и житарки. Дополнително, приносите по хектар во Македонија се често за 30 до 50 отсто пониски од европскиот просек поради застарената механизација и слабата примена на агронауката“, вели таа.
Станчева-Гигов објаснува дека увозната храна често е поевтина поради „економијата на обем“ која ја имаат големите европски земји, додека кај нас владее „синдромот на уситнетост“.
„Додека во Полска или Германија се произведува на огромни површини, просечната македонска фарма е под 2 хектара, што оневозможува модерно и евтино производство. Исто така, европските фармери добиваат огромна поддршка од ЕУ, што им овозможува да извезуваат по цени кои се под реалните трошоци на македонскиот мал производител“, изјави таа.
Директорката смета дека целосната самодоволност во глобализиран свет е мит, но Македонија мора да цели кон „прехранбена сигурност“ во однос на основните производи како што се лебно жито, сончоглед за масло и основни видови месо.
„Клучните причини за растечкиот агро-дефицит се демографското празнење на селата и ниската додадена вредност. Ние извезуваме јаболка како суровина, а увезуваме финални производи како сок. Таа разлика во цената го создава дефицитот“, вели Станчева-Гигов.
Таа смета дека постојат неколку начини преку кои македонското земјоделство треба да се трансформира. Вели дека е потребно итно окрупнување на земјиштето преку задругарство и консолидација на парцели, дигитализација и паметно земјоделство за да се намалат трошоците за ѓубрење и наводнување. Во однос на субвенциите, Станчева-Гигов вели дека е потребна радикална реформа – наместо да бидат социјална помош по хектар, треба да се врзат со остварен принос и предавање на производството во домашните преработувачки капацитети.
„Имајќи ги предвид последните геополитички превирања, храната треба да почнеме да ја сметаме за ’новата нафта’. Земја која зависи од увоз е ранлива на секакви шокови. Затоа, инвестирањето во земјоделството не смее да се гледа само како трошок, туку како инвестиција во националната безбедност. Производството е моторот на секоја економија и мораме да создаваме производи со висока додадена вредност ако сакаме стабилен економски раст“, заклучува директорката на Економскиот институт.
Надлежните тврдат дека увозот е резултат на слободниот пазар
Во однос на податокот дека за увоз на храна минатата година се потрошени 1,1 милијарда евра, од министерството за земјоделство појаснуваат дека оваа категорија е многу широка и вклучува пијалоци, кафе и кондиторски производи.
„Доколку се гледаат само земјоделските производи, Македонија има позитивен биланс од 215 милиони евра. Извозот во овој сектор пораснал за 25% и изнесува над 416 милиони евра, додека увозот е двојно помал. Нашите активности се насочени кон тоа домашното производство да биде уште позастапено и поконкурентно“, велат тие.
Додаваат дека е донесена национална стратегија за периодот 2021-2027 година, чија цел е стабилно производство на безбедна храна. Преку годишните програми за финансиска поддршка и европските ИПАРД фондови, од министерството велат дека им помагаат на земјоделците да ги модернизираат своите капацитети, што директно води кон поголемо домашно производство.
„Слободниот пазар дозволува увоз на стоки дури и кога ги имаме дома. Увозот не е секогаш доказ за недостиг, туку за пазарна економија. За да го поттикнеме купувањето на домашни производи, ја започнавме кампањата ’Македонско најдобро’, со која ја подигнуваме свеста за квалитетот и автентичноста на нашата храна“, велат од министерството за земјоделство.
Влада: Фокусирани сме на зголемување на домашното производство
Од Владата посочуваат дека заедно со ресорното министерство продолжуваат со мерки за зголемување на домашното производство и намалување на зависноста од увоз. Податоците за продажбата на земјоделски производи, додаваат, покажуваат нагорен тренд, особено во последниот квартал од годината.
„Во четвртото тримесечје е регистриран откуп и продажба во вредност од 12,5 милијарди денари. Притоа, се забележува намалување на трошоците за инпути и раст на вкупното производство во секторот“, појаснуваат тие за ПИНА.
Позитивни економски движења се забележани и во другите гранки, што според владата е потврда за успешноста на преземените мерки.
„Во март е регистриран раст на индустриското производство од 3%, додека трговијата на мало бележи раст од близу 13%. Овие показатели ги потврдуваат позитивните економски движења и ефектите од поддршката на производството“, истакнуваат од извршната власт.
Уверуваат дека поддршката за македонскиот земјоделец ќе продолжи да биде врвен приоритет за да им се обезбеди стабилен пласман, заштита на трудот и раст на економијата.
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





