Статус кво и по повеќе од една година од „спасениот“ статус во УНЕСКО

0
380

Периодов во Охрид се врши процена на влијанието на бесправно изградените објекти врз животната средина и културното наследство, а како што информираат од општината се отстрануваат нелегално изградените градби кај кои нема правни пречки. Активистите пак, сметаат дека се создава само привид дека се води поголема грижа за Охридскиот Регион, а всушност се креира уште поголем хаос, врамен во планови.

По повеќе од една година откако УНЕСКО даде уште една шанса за македонската страна на Охридското Езеро да не се впише во листата на светски природни и културни наследства во опасност, а во исто време албанската страна се впиша на листата на светски наследства на УНЕСКО, состојбата на терен нема видливи промени.
Македонската јавност повеќе знае што се случува на оваа страна од Охридското Езеро, откако во последниве неколку години повторно се актуализираше прашањето со дивоградбите и климавиот статус во УНЕСКО, но со слични проблеми се соочува и Албанија.

Поградец, фото: Арлис Аликај

Според извештајот на албанската Државна агенција за легализација, урбанизација и интеграција на нелегален имот, повеќето од нелегално изградените објекти во општина Поградец се во потегот покрај езерото.

Тамошните активисти сметаат дека треба да се направат детални анализи пред да се доделуваат дозволите за градба, бидејќи со неконтролирана градба се влијае и на нарушување на екосистемот и водните ресурси.

„Езерото ја губи својата убавина од многуте бетонски згради, фенси-хотели од кои се слеваат отпадни води кои може да се видат и со голо око. Недостатокот на Генерален ефективен план за управување со Езерото ја прави ситуацијата хаотична. Властите меѓу двете соседни земји се состануваат секогаш кога има некој проект, но тие не работат заедно во континуитет. Веројатно, и двете земји се полни со дневни проблеми“, вели Лули Биликбаши, инженер за урбанистичко планирање од невладиниот Центар за животна средина за студии и истражувања во Албанија.

Поградец, фото: Арлис Аликај

По сесијата на УНЕСКО во Баку во јули во 2019 година македонските власти донесоа низа на официјални документи меѓу кои и Планот за управување со Охридскиот Регион, формирањето на Националната комисија за УНЕСКО и Комисија за заедничко управување помеѓу земјава и Албанија со природното и културното наследство во Охридскиот Регион.

Преку ова требаше да се спроведат сите препораки на УНЕСКО кои ги даде со цел зачувување на статусот на Охридскиот Регион како мешовито светско наследство.
Од македонската страна одговорности за Охридскиот Регион делат општините Охрид, Струга и Дебрца, но и уште 20-тина државни институции. Планот за управување со Охридскиот Регион кој требаше да биде донесен уште пред 10 години, но конечно е усвоен од страна на Владата во јануари годинава, ги распределува обврските на институциите на повеќе од 300 страници.

Во Планот се нотира дека во Охрид неплански се урбанизира, се узурпираат зелените површини, но и вдолж крајбрежјето, како и во заштитениот дел никнуваат несоодветни градби.

Охрид, фото: Ивана Настеска

Со децении имаме нефункционален систем

Периодов во Охрид се врши процена на влијанието на бесправно изградените објекти врз животната средина и културното наследство, а како што информираат од општината се отстрануваат нелегално изградените градби кај кои нема правни пречки и веќе има решение за отстранување од страна на градежните инспектори во Охрид.
Од општина Охрид велат дека децениското нефункционирање на еден цел систем ја покажува денешната состојбата со бесправно изградените градби.

„Овој процес е под голем притисок од јавноста. Процедурата за отстранување на бесправните градби во Општина Охрид била изоставувана години наназад и не било вршено соодветно санкционирање на бесправното градење. Но тука, не било во прашање постапувањето односно непостапувањето само на општината, тука се и останатите надлежни институции и инспекторати. Но, тоа се постапки кои повеќе нема да се повторуваат. Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно законските одредби и нема да има никаква селективност во постапките“, велат од Општина Охрид.

Тие заедно со Општина Струга и Националниот парк „Галичица“ беа задолжени од страна на Министерството за транспорт и врски да изготват инвентар на бесправно изградени објекти, но таков инвентар доставија само НП „Галичица“ и Општина Охрид.

Додека пак Општина Струга, достави само регистар со вкупно 3 330 барања за легализација на бесправно изградени објекти од кој не може да се определи за колку од овие барања Општината дала одобрение, колку биле одбиени и колку се во постапка. Исто така, не може да се утврди колку бесправно изградени објекти се лоцирани во крајбрежниот појас.

„Доколку Општина Струга не постапи по задолжувањето од Министерството за транспорт и врски и не достави детален инвентар на бесправно изградени објекти, ќе се применуваат други правни инструменти што ги овозможуваат позитивните законски прописи“, се вели во Планот, но општината сè уште нема изготвено инвентар.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, повеќепати во јавноста велеше дека градот треба да развива туризам и дека нема намера да ги руши дивоградбите, туку напротив смета дека треба да се гради и градот да се развива.

Невладината организација Охрид SOS, повикувајќи се на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер побарала од општина Струга податоци за барањата за легализација на градби, но одговорот што го добиле несоодветствува со податоците кои се содржани во Планот.

Драгана Велковска, активистка. Охрид SOS / фото: Борис Каески

„Добивме одговор од Општина Струга дека бројот на поднесени барања за легализација е 217, што несоодветствува ни оддалеку со 3 330 како што се наведува во Планот за управување. Исто така, Општина Струга ни одговори дека вкупниот број на нелегални градби во крајбрежниот појас е 36“, појаснува Драгана Велковска од Охрид SOS.

Општина Охрид до октомври 2019 година евидентира 15 700 барања за добивање правен статус на 19 624 објекти во согласност со Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Од вкупниот број на поднесени барања за добивање на правен статус одобрени се 5 645, а одбиени се 2 432 барања. Вкупно 2 414 се евидентирани кои биле без потребната потребна документација или барањата биле повлечени. Во надлежност до Министерството за транспорт и врски одлучено е да се препратат 102 барања, а во постапка на добивање на правен статус се 11 536 објекти. Од предметите за кои тече постапката за легализација 414 објекти се евидентирани во крајбрежниот појас од 50 метри на Охридското Езеро.

Националниот парк „Галичица“ евидентира пак 2 321 бесправно изграден објект, а за 29 од нив се поднесени пријави, се вели во Планот за управување.

Поглед од Национален парк „Галичица“, фото: Ивана Настеска

Општина Охрид подолг период се соочува и со недостиг на кадри во градежниот инспекторат, минатата година имаше само еден градежен инспектор, а од општината велат дека во моментов имаат тројца градежни инспектори во рамки Одделението за инспекциски надзор-Инспекторат.

Според Планот за управување, локалните самоуправи од Охридскиот Регион, како и институциите кои се под нивна надлежност потребно е тесно да соработуваат меѓусебно, но и со институциите од централната власт со цел да има ефект во реализирањето на препораките од УНЕСКО.

„Има постојана координација со институциите од Централната власт, со Министерството за транспорт и врски, Државниот градежен инспекторат и Националната комисија за УНЕСКО“, велат од Општина Охрид, но додаваат дека сè уште немаат координирана соработка со соседните општини.

Политиката со главна улога во безредието

Меѓу најпознатите дивоградби во Охрид се оние на општинскиот советник Нефи Усеини, кој во моментов од домашен притвор го чека почетокот на првото судско рочиште поради физички напад на свој сограѓанин. Усеини кој е член на Демократска унија за интеграција, дел од владината коалиција, бесправно изгради ресторан во центарот на Охрид веднаш до Чинарот, дрво за кое се верува дека е засадено пред 11 века. На свеченото отворање на ресторанот, црвената лента ја пресече неговиот сопартиец градоначалникот на Струга, Размиз Мерко.

Сопственикот на бетонската база најави дека ќе ја сруши, но таа сè уште е на истото место, фото: Ивана Настеска

Покрај ресторанот, Усеини има и бесправно изградена бетонска база на патот Охрид-Струга и се наоѓа на помалку од 50 метри од езерото. Тој пред неколку месеци најави дека сам ќе ја сруши бетонската база и иако беа започнати активности, таа сè уште е на истото место. Минатата година, фирмата „НЕФИ – ИК“, сопственост на Усеини беше една од двете фирми кои се пријавија на тендерот за рушење на дивоградби во Охрид. Усеини првично одбиваше да соработува со медиумите, но подоцна изјавуваше дека тој работи законски и дека плаќа даноци на државата.

„Хотелот кај Лагадин“ – меѓу јавноста вака е позната уште една дивоградба за која по притисокот од граѓаните на Охрид, активистите и јавноста, изградбата стопираше. Овој хотел кој е изграден на самата улица во населбата Лагадин во Охрид сè уште не е урнат. Од општина Охрид велат дека за овој објект се води судска постапка, а засега според нив, се отстрануваат само бесправни објекти кај кои не постојат правни и законски пречки.

Хотелот кај Лагадин, фото: Ивана Настеска

Од невладината Охрид SOS, кои детално ја следат состојбата во Охридскиот Регион велат дека токму овој хотел кај Лагадин прекршува најмалку 12 закони и подзаконски акти.

„Општина Охрид мора веднаш да го сруши објектот и да го товари инвеститорот со трошокот за рушењето, а истовремено да отпочне постапка за да утврди кој од општинските службеници ги пречекорил своите овластувања за да издаде одобрение за градба на овој спорен објект, дали тие службеници земале мито, како инвеститорот успеал да гради бесправно на парцела која била делумно во државна сопственост, како успеал воопшто да ја купи државната парцела и по која цена“, вели активистката Велковска.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, ветуваше дека јавноста ќе дознае на која парцела се дивоградбите, кој е сопственик или инвеститор на тие објекти. Тој уште минатата година во интервју за „Само прашај“ рече дека: јавноста ќе се шокира од имињата кои стојат зад дивоградбите во Охрид. Но, засега, во јавноста се споделуваат само статистички податоци.

Велковска, од Охрид SOS, вели дека УНЕСКО Регионот во Македонија е во очајна состојба и де факто припаѓа на Листата на светско наследство во опасност каде што го сместија експертите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО во својот Нацрт-извештај за седницата во Баку, но финалната одлука, смета дека беше политичка, а не експертска.

„Ваквата грешка очекуваме да се поправи на 44 седница на Комитетот на УНЕСКО“, додава Велковска.

Охрид, фото: Ивана Настеска

Според неа, се создава само привид дека се води поголема грижа за Охридскиот Регион, а всушност се креира уште поголем хаос, врамен во планови. Невладината Охрид SOS смета дека испреплетеноста на надлежностите и легислативата во функционирањето на македонските институции е намерна и смислена стратегија за политичарите.

„Тие се веќе три децении наизменично на власт, постојано исти па исти, да ги обесхрабрат граѓаните да се борат за правда. Може само да си замислите колку силна мотивација е потребна за волонтерски во континуитет да се следи работата на македонските институции, да се изигрува и законодавец и инспекција и полиција – додека чувството што преовладува е дека се тапка во место во заборавена дистопија. Во текот на скоро шесте години од нашето постоење, Охрид ЅОЅ наиде на низа апсурдни препреки точно наменети да го одвратат граѓанинот од потрага по правда, што нè мотивираше уште поупорно да се бориме, да изнаоѓаме начини да го прекинеме магичниот круг кој продуцира апатија и застоеност во македонското општество. Граѓаните сè повеќе ни се обраќаат нам за помош, со прашања, дури некои одат до таму што очекуваат ние да ги решиме проблемите“, вели Велковска.

Државата е на потег

Министерката за култура, Ирена Стефоска, на првата прес-конференција по стапувањето на оваа функција на 31 август, вети дека во нејзиниот мандат ќе се посвети на заштита на културното наследство.

„Мојата задача како министерка во овој владин кабинет е посветеност во заштитата на културното наследство, недвижното, движното, нематеријалното и во таа смисла раскрстување со варварското однесување кон културното наследство бидејќи таквиот однос сите нас нè води кон пропаст“, рече Стефоска.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), побараа од Владата да се справи во дивоградбите во Охрид и Струга, наместо тоа да го прават локалните самоуправи. Тие велат дека анализирајќи ги јавните набавки на општина Охрид, само во 2019 година е склучен еден договор со еден економски оператор во вредност од 1,5 милиони денари со ДДВ. Според ДКСК, овие средства се малку за да може општината да се справи со дивоградбите.

Националната комисија за УНЕСКО на земјава во моментов не се знае во кој состав ќе продолжи да работи. Во неа членуваат претставници од институциите кои имаат надлежности во УНЕСКО Регионот, но по парламентарните избори во јули 2020, дел од министрите кои членуваа во оваа комисија повеќе не се на истите функции. Па, така, досегашниот претседател на Националната комисија Едмонд Адеми, истовремено го заврши мандатот како министер без ресор и претседател на комисијата. Дел од членовите, кои беа на заменик-министерски функции, исто така, повеќе не се на истите позиции.

Од средбата на 16.09.2019 кога тогашниот министер Едмонд Адеми во својство на претседател на Националната Комисија за УНЕСКО, оствари работни средби со министерката за култура, Елва Маргарити и министерот за животна средина, Бленди Клоси во Тирана, Република Албанија. Тогаш, беше договорено формирање на меѓудржавно тело за заедничко управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион. Фото: Vlada.mk

Формирано беше и меѓудржавно тело за управување со Охридскиот Регион како дел од договорот меѓу двете влади. На конститутивната седница која се одржа во Охрид, за претседател на ова тело со мандат од една година беше избран охридскиот градоначалник, Константин Георгиески, а за секретар Илир Џаколи, градоначалник на Поградец.

Засега, како што информираа од општина Охрид, познато е дека следниот состанок треба да се одржи во Поградец.

Пишуваат: Арлис Аликај – Албанија, Ивана Настеска – С. Македонија

Подготовката на сторијата е поддржана од германската невладина организација ЦИФАР. (CiFAR. EU)