Доставувачите и продавачите на првите линии со кризата од вирусот

0
195

Пандемијата освен што нанесе удар врз економијата, донесе и уште поголеми потреби за дистрибуција и потрошувачка на храна и лекови. Обезбедувањето на овие неопходни продукти со себе повлекува армија од работници изложени на ризикот од Ковид 19. Дел од нив за ПИНА говорат за стравот за сопственото и здравјето на најблиските и за тоа како се справуваат со кризата и неизбежниот контакт со клиентите и соработниците.

,,Чувството е лошо, се снаоѓам сам, не сум обезбеден ниту заштитен од страна на фирмата за која што работам. Изложен сум на ризик секој ден, а соодветна опрема морам сам да купувам. Работам за надворешна фирма која е дел од голема компанија, а од мојот работодавец во овие три месеци добив една маска и еден пар ракавици.”  -вели во изјава за ПИНА дистрибутер кој инсистираше да остане анонимен.

“Работам, не само јас, туку и моите колеги во фирмата, по 15 саати секој ден, платите не се зголемија, туку ги намалија на 15.000 денари, додека од повеќето мои колеги кои се во истата бранша слушам дека добиваат покачување и бонуси. Дури имавме и случаи на избркани колеги кои се жалеа на условите и мобингот кој го трпиме, препуштени сами на себе, необезбедени.”

Различно искуство споделува Билјана Балеска Патараковски, вработена во скопски маркет.

,,Работното место на кое се наоѓам носи контакти со многу луѓе, но внимавам максимално, сите колеги носиме заштитна опрема, маски и ракавици, постојано во текот на цело работно време и на секоја позиција во маркетот. Кризата со која се соочуваме е новонастана ситуација за сите нас, имаме морална обврска кон купувачите и мора да сме секогаш тука за нив. Фирмата во која работам максимално се грижи за нас и нашата заштита, директно сме изложени на вирусот, а за сето тоа сме и наградени.”

Кризата остава големи последици, повеќе ги погодува вработените со ниски примања а со тоа ги продлабочува социјалните нееднаквости.

,,Лично, многу лошо ми влијае состојбата. Дома имам детенце со посебни потреби, а тоа што сум изложен на голем ризик, на удар го става и моето семејство. Возам низ цела западна Македонија, препуштен сам на себе, со контакти од сите градови, под стрес дека можам лесно да ја донесам дома и голем психички товар како да преживеам со ниската плата што ја добивам”  – споделува нашиот соговорник.

И Билјана се согласува дека ова е ранлива професија која не може да се ограничи ниту да се извршува од дома за разлика од останатите кои може да се модифицираат и извршуваат во безбедни домашни услови.

“Работам во област која не ми дава можност за избор со кого ќе контактирам, мојата позиција носи голема одговороност, а под овие околности психичкиот стрес е уште поголем. Од почеткот на кризата до денес се чувствувам загрижена за своето здравја и за своите најблиски. Последици до сега немаме никакви, сите сме добри а се надевам така и ќе остане. Единствена желба ми е ова што побрзо да заврши, да бидеме здрави и живи и се да се врати во нормала.“

Кризата од Ковид 19 донесе и бројни повредувања на работничките права на граѓаните кои се соочуваат со отпуштања, намалени плати или непочитувања на мерките за заштита од вирусот. Хелсиншкиот комитет за човекови права во периодот од 10 март до 30 јуни регистрирал 197 случаи на повреди на правата од работен однос, кои се однесувале на 2723 работници. По масовните отпуштања во март, со цел да ги заобиколат притисоците од јавноста, работодавачите во следниот период им ги намалувале или воопшто не им ги исплаќале платите на 810 работници, директно удирајќи по нивната егзистенција. Забележано е и непочитување на владините мерки од страна на работодавачите во однос на (не)организирање на работниот процес на начин да се обезбеди потребното растојание, постојана дезинфекција на работните места и заштитна опрема за 1022 работници во 23 регистрирани случаи.

Автор: Ивана Митровска