Пандемијата уште повеќе ги засили недостатоците во образованието

0
1111

Кризата со корона вирусот го префрли образованието од училишните клупи во домовите на учениците со настава преку онлајн платформа. Учениците но и родителите се жалат дека поради оваа состојба не можат да го совладаат материјалот така како што би се фокусирале на училиште. Засега не се знае дали следната учебна година ќе започне на 1 септември или повторно ќе се бараат други решенија. Пандемијата уште повеќе на површина ги извади недостатоците во образованието и неподготвеноста на системот за современите дигитални предизвици.

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата донесе уредба за наставата да се изведува онлајн, со далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.

Марко Доневски средношколец во гимназија во Скопје вели дека само двајца од нивните 14 професори држеле настава во март.

,,Потоа се “разбудија” и другите, веројатно бидејќи така им беше наложено, почнаа да даваат задачи кои одземаа премногу време. Мене ми требаше повеќе време да завршам некоја задача за една лекција, отколку да го совладам материјалот за цела тема предаден на училиште. Во ситуација на пандемија, ние бевме пренатрупани со обврски кои не знаевме ниту што ќе ни донесат, ниту каков е нивниот ефект, воедно прашувајќи се дали воопшто го има. Ги правевме, а од истите не научивме буквално ништо. Професорите кои се охрабрија да предаваат, тоа го правеа толку неразбирливо и нејасно за нас. Секако, чест на исклучоци“, вели тој.

И Рената Трајановска наставничка во средното стручно училиште „Владо Тасевски“ која предава англиски јазик вели дека оваа нова состојба неминовно остава последици на целокупното образование, со оглед на тоа што ниту наставниците, ниту учениците не биле подготвени на новиот начин на настава.

„Последиците не би можела да ги предвидам затоа што допрва ќе зависи од начинот на кој ќе започне и ќе се одвива наставата од септември, па тек после тоа ќе видиме колку сме биле успешни, но секако ќе се обидеме да дадеме се од себе за да им го олесниме образовниот процес на оние на кои им е најважен во оваа етапа од нивниот живот“, вели таа.

Сепак таа смета дека интересот на учениците бил задоволителен, затоа што тие сфатиле дека ова е единствениот начин за да се заврши учебната година. Трајановска истакнува и дека нивното училиште помогнало да ги снабди со уреди тие ученици, оние кои ги немале.

„Некои од почестите проблеми се уредите кои ги користевме- се снаоѓавме со она што го имаме дома, а не секој има доволно добар лаптоп или таблет, па и телефон. Можеби понекогаш и интернет конекцијата. Исто така морам да напоменам дека нормално не сме навикнати да објаснуваме и образоваме преку интернет, па така мораме да пишуваме лекции и раскажуваме, да постираме на Google Classroom, да снимаме видеа и нели да користиме нешто како Zoom. Со сето ова секако имаме помал увид во сработеното и во тоа колку учениците го разбираат она што им го предаваме затоа што не сме со нив во иста просторија и немаме директна интеракција.

Родителите во улога на наставници

Онлајн образованието, поради пандемијата ќе биде продолжено во следната учебна година, се до подобрување на состојбата, но мора да претрпи итни подобрувања во однос на тоа што беше понудено во периодот од март до јуни годинава.

Фросина Пандурска-Драмиќанин, мајка на две деца кои поради ситуацијата која не засегна периодов вели дека на децата им недостасуваат наставничките и нивните другарчиња учениците, не само за учење туку и за дружење и некој неформален муабет. Ако ова не се направи од септември, тогаш децата ќе продолжат да ги решаваат задачите, со мала мотивација и ќе останат со многу неодговорени прашања, вели таа и додава:

„Мојата ќерка беше 2 одделение и во месеците кога имаше онлајн настава дневната рутина беше, поделба на предметите и домашните задачи меѓу мене и сопругот (во улога на дообјаснувачи и поддршка при одговарање на задачите) и секојдневно тој процес можеше да трае од 1,5 до 3 часа во зависност од обемот на домашните задачи по различните предмети. Најмногу домашни добиваше математика и македонски, а особено за математика потребно беше повеќе време од нас родителите за да и ги објасниме новите содржини. Се разбира тоа се одвиваше во период кога и двајцата работевме од дома и поради домашните задачи ги паузиравме другите работни обврски“.

Според неа не смее да се дозволи родителите да бидат наставници/чки, колку и да сметаат самите дека можат да се најдат во таа улога , ниту степенот на образование на родителите не е соодветен за дел од содржините кои се изучуваат. Детето различно гледа на пристапот кон родителот, и кон наставникот.

Наставниците и снаодливоста со дигиталните платформи

Улогата на образованието е клучна во градењето на навиките, вредностите на учениците и уште повеќе на достапноста на поддршка од врсниците и стручните служби во училиштата,а сето ова спроведено онлајн е невозможно.

Стефани Спировска, претседателка на Младинскиот образовен форум вели дека онлајн средината нуди многу можности кои образованието треба и може да ги вклучи во себе со цел полесно да ги доближи образовните содржини на младите.Но она што се покажа изминатиов период (март-јуни 2020) е проблемот со нееднаков пристап до образование, особено до платформите на кои се случуваат часовите,

Во рамките на МОФ беше направена фокус-група со средношколци за тоа како се справуваат учениците со онлајн платформите и онлајн наставата, затоа што оваа перспектива недостасувала во документот – Концепција за далечинско учење, како што велат тие.

„Заклучоците до кои дојдовме се дека учениците многу полесно се снаоѓаат од професорите, што е природно, затоа што учениците постојано се активни на онлајн платформи и тоа е дел од нивното секојдневие. Но од друга страна, недостатокот од подготвеност на професорите за користење на онлајн платформите за комуникација и едукација создадоа повеќе товар за учениците. Па така, тие споделуваат дека честопати се наоѓале во ситуација да мора сами да учат, од професорите да добијат само ворд-документ, а во целиот процес да им недостасува поддршка“, велат оттаму.

Важно е да се води сметка и за учениците со попреченост, затоа што во Концепцијата на МОН/БРО целосно се изоставени овие ученици, па така, мора да се размисли како ќе им се олесни далечинското учење на учениците со оштетен слух, вид кои и во своето секојдневно функционирање и учење директно зависат од поддршката од асистентите и физичкото присуство во училиштата.

И организацијата МЕЃАШИ континуирано и детално ги следи и анализира случувањата во процесот на образование на децата. Тие велат дека се исправени пред сериозни предизвици, кои од нас како општество бараат големи промени и прилагодувања, но должноста е да ги штитат и бранат правата на секое дете.

Во периодот од март 2020, кога поради сериозна закана од масовно ширење на Корона вирусот беа затворени сите образовни институции, градинки, основни и средни училишта и факултети, заклучно со јуни кога и официјално заврши учебната година, илјадници ученици беа исклучени од воспитно-образовниот процес и немаа можност да ја следат онлајн наставата што беше спроведена од страна на училиштата по барање на МОН.

„И тука би сакале да ги споделиме истражувањата направени од страна на граѓански организации кои укажуваат дека само во 2 училишта од Шуто Оризари во Скопје речиси 1000 ученици воопшто немале можност да следат настава во периодот март – јуни 2020 година, имајќи на ум дека овие семејства живеат во сиромаштија и немаат пристап ниту до технички средства (компјутер, таблет, телефон) ниту пристап на интернет, а уште помалку соодветно знаење за користење на овие алатки. И ова е само еден пример. Дополнително тука секако се сите деца од специјалните образовни установи, децата со оштетен вид или слух, децата со нетипичен развој и потешкотии во учењето кои се врзани и се потпираат на поддршката од образовни асистенти. Сите овие деца останаа надвор од образовниот процес речиси 3 месеци“, истакнуваат од организацијата.

Токму поради ова, тие се загрижени од најавите на МОН дека и од септември се планира продолжување на образовниот процес преку онлајн настава. Детската Амбасада Меѓаши апелира до надлежните при креирање на политиките и плановите за новата учебна година да ги земат предвид семејствата и децата од горе споменатите најранливи категории чиј број не смее да се занемари, бидејќи, според нив, не смееме да си дозволиме, во 21 век, децата да не можат да остварат едно од основните права, правото на образование.

„Исклучително е важно да не се носат избрзани решенија и да се разработи добра и детална стратегија, прецизно планирање, јасен и прецизен распоред за работната недела и соработка помеѓу образовните институции, стручните служби, родителите, наставниците и децата“.

Автор: Маја Терзиова

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.