Антикорупција со нов софтвер, но без доволно кадар и финансии

0
99
Фото: Un

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) од јануари годинава го има на располагање софтверот за интероперабилност меѓу институциите. Тоа е модул за електронска разменана податоци меѓу надлежните институции, што треба да ја зголеми ефикасноста воборбата за спречување на корупцијата. Но, по се изгледа има низа институционални пречки поради кои овој систем не се користи како што е замислено. 

Првиот човек на Комисијата, Татјана Димитровска, вели дека недоволниот кадар во ИТ секторот и финансиите за одржување на овој софтвер се предизвици за кои Комисијата се надева дека наскоро ќе најде решение. Неофицијално, членовите на оваа Комисија велат дека не сите институции навреме ги ажурираат информациите, што, како што велат, создава потешкотии во ефикасноста при проверката на имотната состојба на избраните иименуваните лица и навремено откривање на судир на интереси. Во моментов три лица се ангажирани во ИТ секторот и шест административни службеници во секторот заследење и испитување на состојбата на имотот.

„За што поефикасно спроведување на законските овластувања во областа на следењето на државните и имотните интереси, како и испитувањето на имотната состојба, потребно е зголемување на капацитетите на кадрите како и нивно континуирано професионално усовршување. Истовремено, неопходни се финансиски средства за редовно одржување на софтверското решение и негово унапредување“, велат ДКСК.

Ревизијата направена од државниот завод, исто така, констатира изразена некоординација меѓу институциите во рамките на Софтверот за интероперабилност и антикорупција. Што се однесува до другите платформи, кои исто така имаат улога во спречувањето на корупцијата, дури и оние неколку услуги кои се нудат дигитално, ретко се користат.

„Незадоволително користење на платформата за интероперабилност, што покажува недостаток на координација меѓу институциите, потоа минимален број на дигитални услуги достапни за граѓаните, при што повеќето од нив ретко се користат, сериозни дефекти во квалитетот на податоците во регистарот на население, што ја доведува во прашање ефективноста на целокупниот систем, непостоење основна ИТ инфраструктура во многу институции, што укажува на несистематски пристап кон дигитализацијата, како и немањето долгорочна информациско-технолошка комуникациска стратегија, што сугерира недостаток на визија и планирање“, се наодите од извештајот на Државната ревизија, информираат од Министерството за дигитална трансформација.

Додека некои процеси се делумно спроведени, има и барања од Антикорупциската комисија кои воопшто не се земени предвид. Долгогодишно барање на претходниот состав на ДКСК беше и проверката на богатството на избраните и именуваните лицапреку Единствен матичен број на граѓанинот, а не преку Катастарски број. Поранешни членови на Антикорупциска, неофицијално, ни рекоа дека недостига политичка волја за спроведување на ова барање. Велат дека имплементацијата на овој начин на проверка на имотот во голема мера би го олеснила спречувањето на корупцијата и судирот на интереси.

МНОГУ ПАРИ, НО НЕ ТОЛКУ ЕФИКАСНОСТ

Процесот на институционалната дигитализација е тесно поврзан со борбата против корупцијата – стагнацијата во првата, предизвикува резултатите да бидат помалку задоволителни во втората.

Софтверот, кој е една од најважните платформи на планот за дигитализација на институционалните услуги во земјава, е креиран во 2015 година со помош на Европската Унија, но истиот не беше ставен во функција, бидејќи институциите во земјата мораше да обезбедат алатки за надградба.

Од Министерството за дигитална трансформација велат дека иако некои клучни платформи се создадени со поддршка на ЕУ, како што се платформата/софтверот за интероперабилност (2015), Регистарот на население и порталот за електронски услуги (ИПА 2012), како и набавките на опрема, тие не се доволно имплементирани.

Конкретните резултати во однос на целокупната дигитализација на државата остануваат ограничени. Од ова министерството велат дека наместо вистинска дигитална трансформација, земјава добила само површни промени и неефикасни решенија.

Од друга страна, ревизорскиот извештај покажува дека се издвоени значителни суми за процесот на дигитализација во земјава.

Според Министерството за дигитална трансформација за проектите кофинансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), поврзани со дигитализација на услуги потрошени се околу седум милиони евра.

Овие средства беа наменети за помош и зајакнување на капацитетите на МИОА, модернизација на јавната администрација, набавка на опрема за Националниот регистар на население и зајакнување на е-Влада, додека поранешното Министерство за информатичко општество и администрација има склучено договори во вкупна вредност од (околу 7 милиони евра) за набавка на хардвер, софтвер, лиценци и софтверски трошоци поврзани со одржување на портали во негова надлежност.

„Во однос на финансирање од други институции ревизијата утврди дополнителни договори за набавка поврзани со дигитализација на услуги во вредност од 2.953.250 илјади денари (околу 48 милиони евра)“, информираат од Министерството за дигиталнатрансформација.

Дигитализацијата е моќна алатка во борбата против корупцијата и има потенцијал да донесе револуција во начинот на кој функционираат државните институции во Македонија. Од Министерството за дигитална трансформација велат дека нашата земја сеуште е на почетно ниво на дигитализација.

Според министерството, Македонија мора прво да ги дигитализира своите податоци за потоа да може да ги дигитализира и автоматизира процесите. Целта на Министерството е интензивно и паралелно да работи на дигитализација на податоците при подготовка на сеопфатна Национална стратегија и соодветен акционен план. Оттаму велат, дека преку имплементација на сеопфатни дигитални решенија може да се изгради систем кој ќе биде отпорен на корупција и ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите.

„Акцискиот план ќе содржи и анализа и проценка на финансиите неопходни за реализација на секоја од активностите. Во однос на дигиталната трансформација на институциите, утврдивме потреба за соодветно решение за архивско работење и законска рамка, модернизација на решението за управување со документи, целосна примена во сите органи на државната управа и негова интеграција со решение за архивско работење, подобрување на платформата за интеракција и нејзина целосна имплементација, како и дигитализација на записите и развој на електронски услуги. Нашиот пристап е систематски и сеопфатен, заснован на четирите столба на европскиот дигитален компас“, објаснуваат од Министерството за дигитална трансформација.

Според Министерството важно е да се разбере дека инвестицијата ќе донесе значителни придобивки на долг рок и тоа во зголемување на ефикасноста на јавната администрација, подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите, намалување на бирократијата и корупцијата, поголема транспарентност и одговорност, како и зголемување на конкурентноста на нашата економија на глобално ниво.

НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА СПРОВЕДЕНА САМО 10%

Но, земјава иако има Стратегија за борба против корупцијата, нејзината имплементација е на многу ниско ниво, а тоа го потврдуваат и од кабинетот на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.

„Има Национална стратегија за борба против корупцијата со акционен план, но само 10 проценти од неа е спроведена поради немањето политичка волја од претходната влада. Убедени сме дека со зголемување на транспарентноста и отчетноста на јавните институции ќе се обезбеди добро владеење во интерес на земјата и граѓаните“, велат од кабинетот на вицепремиерот Арбен Фетаи.

Оттаму додаваат дека се подготвени да се разговара за воведување на матичниот број како основа за проверка на имотот, но со забелешка дека треба да се внимава на почитување на законските правила за заштита на приватноста.

„Најголем предизвик во борбата против организираниот криминал и корупцијата е градењето ефикасен систем, кој во раните фази ќе ги открива криминалот и корупцијата. Овој систем ги вклучува сите нивоа на моќ, независните институции, граѓанскиот сектор и медиумите кои со професионалност и посветеност ги исполнуваат своите обврски во системот. Главната алка на овој систем е правосудниот систем, кој мора ефикасно да ги истражува и казнува сите корумпирани функционери. Владата е отворена за отпочнување јавна дебата за изнаоѓање на најдобриот модел за реформи во правосудството, со што треба да се стави крај на феноменот на неказнивост во државата“, велат од кабинетот.

Дека Македонија има уште многу работа во борбата против корупцијата, тоа може да се разбере и од оценките дадени за земјата во последните извештаи на американскиот Стејт департмент и на Европската комисија.  Европската комисија бара целосно да се имплементира Законот за спречување на корупција и судир на интереси, но исто така се препорачува ДКСК да го подобри својот капацитет за иницирање активности и известување за потенцијални прекршувања, особено преку соработка со надлежните органи и подигање на јавната свест преку медиумите.

Авторка: Еви Шкопи

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА