Државата се уште без консензус за ветинг како дел од реформите во правосудството

0
132

Ветингот како една од реформите која може да донесе видливи резултати во борбата против корупцијата никако да се спроведе, иако години наназад се најавуваше. Функционерите останаа без проверка, а довербата на граѓаните во судскиот систем и натаму е ниска. За да се спроведе ветингот и истиот да има кредибилитет мора сите политички партии да се согласат, а и меѓународната заедница да застане зад него. 

Ветинг или проверката на одредена личност пред преземањето на нова функција е идеја која остана само тоа, бидејќи со години наназад се најавува, но никако да се реализира. И покрај тоа што политичките чинители во земјата постојано повторуваат дека ќе спроведат сериозни напори за справување со ниската доверба на граѓаните во правосудството, засега националниот консензус околу ова прашање не е приоритет. 

Ветингот како механизам што ја проценува индивидуалната одговорност, интегритетот на поединецот и инволвираноста во претходни злоупотреби беше најчесто зборуваната опција за борбата против корупцијата во земјата. Дури, неколку пати беа преземени неколку чекори, но ниту еден од нив не го виде крајот.  Од сите ветувања произлезе само донесувањето на Стратегијата за реформи во правосудството во периодот 2017-2022. 

Во меѓувреме, довербата на граѓаните во работата на судиите и на обвинителите и натаму е на историско ниско ниво од два отсто. А и натаму останува дилемата дали државата е подготвена и има капацитет да спроведе ветинг?!

Актуелниот премиер, Христијан Мицкоски го започна својот мандат со големи ветувања за судски реформи. Но, тој предлага само распуштање на најзначајните тела како судскиот совет и Советот на јавни обвинители. 

„Ако немате правна држава, владеење на право, ако имате високо ниво на криминал и корупција тоа е безбедносен проблем. Тоа го кажале многу поискусни од мене. Ние како Влада имаме основна задача да ја заштитиме државата и граѓаните доколку се појави безбедносен проблем. За нас невладеење на право, криминал, перцепција за корупција и елитите се безбедносен проблем за нашата држава и ние како Влада мора да реагираме. Во овој период ќе собираме предлози и идеи и потоа ќе излеземе пред јавноста. Ние стоиме на ставот за распуштање на институциите Совет на јавни обвинители и Судски совет. Не очекуваме брзи резултати туку очекуваме напредок со кој ќе го превенираме овој безбедносен проблем“, рече Мицкоски, по средбата со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. 

Процесот на ветинг сепак мора да добие консензус од сите политички партии, сметаат од Министерството за правда. 

„Целата постапка треба да оди преку Собрание како што е побарано од сите политчки партии а Министерството за правда ќе даде свој придонес со сите  капацитети со кои располага. Тој процес мора да добие согласност и дирекна асистенција од меѓународната заедница. На тој начин ќе добиеме гаранција и кредибилитет за негово спроведување за да не ја има истата судбина како СЈО и процесот на лустрација“, велат оттаму.

Од друга страна, од Македонско здружение на млади правници, која е и дел од Блупринт групата за реформи на правосудството смета дека, ветингот е препорачливо да се користи заедно со други институционални реформи за да обезбеди ефективност, но тој не би требало да се користи како изолирана мерка, туку и се препорачува да биде проследена со други институционални реформи за да обезбеди ефективност. 

„Прашањето за ветингот е актуелно последните неколку години со оглед на случувањата во правосудството и релативно слабата доверба на граѓаните во истото. Во оваа смисла, државата веќе го презеде првиот чекор со донесување на Стратегијата за реформи во правосудството 2017-2022. Во Стратегијата беа предвидени законски измени во поглед на надлежностите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители кои изборот и унапредувањето треба да го вршат според транспарентен и објективен систем на критериуми на заслуги, мерливи критериуми за утврдување на одговорност, разрешување само за потешки и континуирани дисциплински повреди и сл. Заложбата унапредување на состојбите продолжува и во Новата Развојна Секторска Стратегија за правосудство 2024-2028, при што особен акцент се става на независноста, непристрасноста и одговорноста на правосудството уште во првата приоритетна стратешка област“, велат од МЗМП.

Во случај на спроведување ветинг, додаваат од МЗМП, имајќи ги во предвид проблемите со кои се соочува праавосудството, земјата има две опции. Првата е општ реизбор на судии и јавни обвинители.

„Тоа е изводливо само преку промена на Уставот на РСМ, но непрепорачлив бидејќи државата нема доволно човечки капацитети во судството.  Преку оваа опција ризикот кој може да настане е блокирање на цел судски систем на штета на граѓаните, бидејќи ќе немаат можност за судење во разумен рок додека трае процесот“, сметаат од здружението. 

Втората опција, според нив, е ре-евалуација на судиите, спроведливо на два начина.

 „Преку Судскиот совет на РСМ или од тело кое ќе биде составено само од судии и јавни обвинители од различни степени, но под претпоставка да составот на Судскиот совет ги има кредибилитетот и интегритетот да спроведе вакви сложени процеси. Преку ново мешовито тело во кое би имало претставници од судиите и јавните обвинители, Собранието на РСМ, Министерството за правда, Адвокатската комора и граѓанскиот сектор инволвиран во сегментот на правосудството“, додаваат оттаму.

Ветингот за меѓународната заедница сепак треба да биде последната алатка за реформирање на правосудството и повикуваат земјата да се придржува до препораките на странските експерти.

Ставот на Европската делегација во Скопје е дека, ветингот треба да се разгледува само откако ќе бидат исцрпени постојните алатки и механизми, како што е јасно наведено од Венецијанската комисија. Во пракса, тоа значи целосна имплементација на политики и алатки за интегритет на сите нивоа во засегнатите сектори.

„Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да продолжат со работа за осигурување на целосно почитување на принципот на независност на судството и зголемување на транспарентноста, истовремено осигурувајќи интегритет на сите судски функционери. Таквите дејства треба да одат рака под рака со искрени и далекусежни реформи на судството врз основа на систематската имплементација на Стратегијата за развој на судската реформа 2024-2028 усвоена во декември 2023 година. Понатаму, Советот за судство веќе ги имплементира препораките од Мисијата за ревизија на Советот за судство издадени во декември 2023 година во согласност со планот за акција усвоен во март“, велат од европската делегација.

Тие појаснуваат дека, ЕУ во минатото не повикуваше на општа проверка на судиите и обвинителите во Северна Македонија и ја поддржуваше и ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во нејзините напори за унапредување на реформите и постигнување резултати. Исто така, ги повикуваат националните власти на сите нивоа и институциите да ги засилат напорите за обезбедување независно, непристрасно, одговорно, професионално и ефикасно судство.

Исто така, Венецијанската комисија утврдува дека процесот на реизбор е прифатлив само доколку има доволно гаранции за неговата правичност, односно дека самата постапка мора да се заснова на јасни и транспарентни критериуми.

Во соседството ветингот не е новина, но со различни резултати 

Правосудниот систем трпи недостатоци речиси во сите земји на регионот, па така пред да се актуелизира кај нас, други земји веќе поминаа низ процесот на ветинг. 

Босна и Херцеговина спреведе ветинг во периодот од 2002-2004 година, кој имаше за цел да обезбеди професионални и квалификувани судии и обвинители, но и да го преструктуира судскиот систем. 

Овој процес резултираше со затворање на повеќе од 30 проценти од првостепените судови, а се намали бројот на потребни судии и обвинители врз основа на приливот на предмети за отприлика 30 отсто. Реизборот во правосудството резултираше со обезбедување на етничка застапеност и преструктуирање на судовите, но и со зголемување на довербата на граѓаните во правосудството на 60 до 70 проценти.

Меѓутоа, Законот за реизбор на Босна, врз кој се засноваше ветингот, се смета како неуспешен. Експертите тврдат дека овие рани напори за проверка на правосудството пропаднаа, поради немањето квалификувани кадри, соодветни ресурси и доволно време за спроведување на еден процес кој го бара сето ова и тоа во огромна мера. Така што, и покрај долгиот и комплициран процес на реизбор и преструктуирање на правосудството, Босна и Херцеговина се уште нема изградено силен и ефикасен правосуден систем и се уште се бори со корупцијата и бавниот напредок на реформите. 

Меѓутоа, има и примери во регионот каде што ветингот доби позитивна оценка од ЕУ, како што е случајот со Албанија. Ветингот во земјата започна во јули 2016 година, со Законот за реевалуација, преку кој проверката опфати три аспекти на процена: стручна способност, проверка на имотната состојба (на сите лица кои подлежат на процесот, како и нивните блиски роднини и тоа за имот стекнат во земјата и странство), и проверка на минатото (инволвираност во корупција и политички функционери), за кои одлучуваше Независна комисија за квалификација.

Веднаш по почнувањето на проверката во Албанија, голем број судии, обвинители и судски службеници одбија да го пријават имотот и наследството за проверка. Некои се повлекоа од функција поради наводна промена на кариерата или од здравствени причини. Додека траеше процесот, беше присутна и Меѓународната операција за мониторинг составена од тим на високи експерти по право од земјите од ЕУ и САД кои го вршеа надзорот на процесот на проверка, а чие присуство беше оценето како позитивно бидејќи даде дополнителни гаранции во јакнењето на довербата во реформите во правосудството со оглед на неговата надлежност да даде препораки за лицата кои треба да работат во телото за проверка и одборот за жалби. Меѓународната заедница ваквиот процес го оцени како транформативен во поглед на спроведување на реформи во правосудството. 

Во земјава примерот со врховниот судија Наќе Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети кои признаа вина за земање на мито и беа казнети е чекор напред, бидејќи во минатото и покрај тоа што имаше сомнежи дека и тие што треба да делат правда се вмешани во корупција, беа недопирливи и законот за нив не важеше исто како за останатите граѓани. 

 Авторка: Теута Бучи

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА