Превенцијата и подготвеноста – клучни за справување со поголеми поплави

0
52
Фото: Принтскрин видео

Деновиве циклонот Борис предизвика поројни поплави низ Европа, а ситуацијата е на критично ниво. Браната во југозападна Полска попушти под силните поплави по обилните дождови, додека Чешка и делови од Австрија сè уште се справуваат со невремето што ја погоди централна и источна Европа. Разорните поплави предизвикаа пустош и во Словачка и во Романија, а според последните информации, најмалку 20 луѓе загинале на Стариот континент.

Во Словачка, министерот за животна средина, Томаш Тараба, рече дека нивото на водата на Дунав во текот на ноќта достигнала речиси 10 метри и дека нема толку лесно да се спушти. Тој додаде дека штетите од поплавите во државата се проценуваат на речиси 20 милиони евра. Најтешка е ситуацијата на местата кај чешко-полската граница. Во Чешка се евакуирани 15.000 луѓе, а во Полска 3.000 се без струја. Помалите села погодени од поплавите немаат мобилна мрежа, па дури и струја.

Временските непогоди кои ги донесоа бројните циклони, во регионот однесоа човечки животи, оставија голем број на граѓани без домови, оштетија инфраструктура за чија што обнова се потребни огромни средства, непредвидени во државните буџети, уништија земјоделски површини, загадија питки води за пиење. Бевме сведоци на поплави од апокалиптични размери, кои за прв пат се случија во историите на земјите од соседството Словенија, Грција, Србија.

Сведочејќи за искуствата во регионот, граѓаните си го поставуваат прашањето на кој начин државата е подготвени да се справи со ваков вид на временски непогоди.

Пред неколку дена, Дирекцијата за заштита и спасување започна со организирана превентивна активност на критичните региони каде во изминатиот период имало појава на поплави, преку спроведување на едукација, информирање и подигнување на свеста за заштита од заканите од поплави со предавање пред наставниот кадар и најранливата категорија-децата во основните училишта.

Превенцијата е најдобар начин за справување со катастрофите

Директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени-ИСОГКП, Михаил Гаревски за ПИНА.мк вели дека во државата до колку би се случила слична катастрофа како големите поплави низ Европа, би била доведена до економска катастрофа.

„Една од основните приципи за спречување на овие катастрофи е превенцијата. Штетите од поплавите се многукратно повисоки од трошоците за превенција, т.е. регулирање на речните корита, чистење на одводните канали, правење на насипи и пошумување. Словенија ќе биде помогната од Европските фодови, но ние не можеме да очекуваме оваква помош. Најголема помош може да се очекува во форма на механизација за расчистување на последиците од НАТО, бидејќи сме ние негова членка. Ваква помош може да се очекува и од ЕУ. Еднократна помош од целиот свет и меѓународните агенции би дошла во вид на неопходни намирници за постраданото население но за санирањето на економските штети Република Северна Македонија, би морала да се потпре на своите резерви кои најверојатно за катастрофи од вакви размери ги нема,“ вели Гаревски.

Според него, кај нас се уште не се одвојуваат доволно средства за ваква превенција.

„Кај нас главно постојат две државни институции Ценатрор за управување со кризи (ЦУК) и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) кои се задолжени за менаџирање и ублажување на последиците од проеодните катастрофи. Бројката на вработени во овие две институции е поголема од 600, и се чини дека поголемиот број на вработени кај нив се административен, а не оперативен кадар,“ истакнува Гаревски.

Тој додава дека за среќа толку големи поплави не би можеле да се случи кај нас, бидејќи ние немаме толку големи реки.

„Но и за поплави со помал размер кои сигурно во иднина ќе се случат, не сме доволно спремни да ги изменаџираме доволно. И на двете институции, а особено на ДЗС и е потребна современа опрема за предупредување и спасување. Потребно е подобрување на организационата структура и на двете агенции“, дополнува Гаревски.

Гаревски е дециден дека е факт дека во светот, а и кај нас, има се почесто екстремни природни непогоди, а зголемената фреквенцијата на овие природни катастрофи е резултат на климатските промени.

„Поплавите, кои се резултат на зголемениот интезитет на врнежи и нивно  времетраење доведуваат до изливање на реките при што се предизвикува огромна материјална штета, а и човечки животи. Пример се неодамнешните поплави во Словенија, најверојатно најголеми во историјата на оваа држава. Катастрофална поплава како резултат на екстремни врнежи за многу кратко време имавме и кај нас во 2016, год кај обиколницата кај селото Стајковци“, вели тој.

Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени како што изјави Гаревски, во својот центар за природни хазарди, ги проучува ваквите феномени кои се поврзани со Македонија. Тоа ѝ дава технички, инженерски решенија за намалување на ризиците од природните катастрофи.

Буџет предвиден само за надомест на штета

Од Министерството за животна средина за ПИНА.мк велат дека согласно Законот за заштита и спасување, на централно ниво Владата, а на локално ниво општините предвидуваат финансиски средства за надомест на штета од природни непогоди за оштетените лица.

„На локално ниво, општините се должни да формираат Општинска комисија за процена на штети од природни непогоди која ќе направи извештај и истиот ќе го достави до Владината комисија за процена на штетите од природни непогоди на разгледување и одлучување за нивото на надомест на штетата“, велат од Министерството.

Што се однесува до општините, од Општина Карпош за ПИНА.мк велат дека според Годишната програма на Одделението за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра кое опфаќа превентивни и оперативни активности за заштита и спасување, одвоени се 2.460.000 денари од буџетот на Општината.

„Во таа насока, локалната самоуправа оваа година врши санација на громобранската инсталација во основните училишта и детските градинки кои се наоѓаат на нејзина територија, каде што беа констатирани дефекти во износ од 200.000 денари. Исто така, во состав на Општина Карпош независно функционира и Единица за заштита и спасување, која може да побара помош од Дирекцијата за заштита и спасување (како што се на пр. авиони за гаснење на пожар), преку ЦУК (хеликоптери за гаснење на пожар), а единицата за спасување од Општина Карпош може да побара асистенција и од Противпожарната бригада на Град Скопје“, велат од Општина Карпош.

Како што истакнуваат, во одредена ситуација, Општината може да побара помош и од фирмите и стопанските субјекти со кои соработува, во вид на механизација како булдожери и други возила.

Оттаму посочуваат дека  единицата за заштита и спасување при Општина Карпош има учествувано во повеќе ситуации при посериозни временски непогоди и природни катастрофи, како на своја територија, така и во рамки на државава и надвор од неа.

„Членовите на Единицата редовно посетуваат обуки и учествуваат на бројни семинари каде што го надоградуват своето искуство и знаење. Општината располага и со 10 грбни прскалки за гаснење на пожар на отворен простор, како и со три пумпи за црпење на вода во случај на појава на поплава“, истакнуваат од Општина Карпош.

Законот за Буџети не дозволува формирање на фондови

Во буџетот на Општина Кисела Вода, за ПИНА.мк велат дека за 2023 година заклучно вториот ребаланс има предвидено вкупно 5,7 милиони денари за резерви кои што се трошат за финансиска помош на жителите на Општина Кисела Вода, најчесто за штети од непогоди и за лекување.

На прашањето колку во нашите општински буџети се предвидени средства за природни непогоди како што се случи таа во Словенија, и за што се трошат тие пари, кога не се трошат наменски, од Општина Кисела вода велат дека Законот за буџети не дозволува формирање на фондови и доколку има неискористени средства да се префрлат во наредната година, но секоја година со донесувањето на Буџетот на општината се предвидува одредена сума на средства наменета за исплата на финансиска помош.

„Најчесто како што е и случајот со оваа година, со ребалансите на Буџетот се додаваат средства, со цел општината да може да им помогне на жителите. Како за пример, сега со третиот ребаланс на Буџетот на Општина Кисела Вода се додаваат 907.000,00 денари и вкупната резерва ќе изнесува 6.607.000,00 денари“, велат од Општината.

За доделување на средства како финансиска помош за непогода во друга држава, Советот на општина Кисела Вода треба да донесе одлука, дополнуваат оттаму.

„Таков случај имавме во оваа година кога советот донесе одлука за доделување помош на Република Турција и Република Сирија поради катастрофалните земјотреси кои се случија во тие земји,“ завршуваат од Општина Кисела Вода.

Една од поголемите поплави во историјата на македонската држава се случи на 6 август 2016 година во Стајковци, Арачиново, Сингелиќ и Смилковци при која што 22 лица загинаа, инфраструктурата беше уништена, голем број на домови беа поплавени, а граѓаните останаа на улица.

Авторка: Маја Терзиова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА