Страв, стрес, грижа и недоумици на бремените жени и мајките работнички за нивното работно место и платеното породилно отсуство се секојдневие во нашето општество. Голем број жени во групите за поддршка на социјалните мрежи и форумите постојано кажуваат дека биле дискриминирани и отпуштени поради бременост и мајчинство и бараат правни совети и насоки за да не го изгубат платеното породилно отсуство.
Иако бремените жени и мајките на породилно се изрично заштитени со Законот за работни односи дека не смеат да добијат отказ за време на бременост, раѓање и родителство сепак, реалноста е поинаква. Овој закон не важи доколку жената за време на бременост или додека е на породилно отсуство е вработена со договор на определено време.
Магдалена Стојмановиќ Константинов добила отказ за време на бременост, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација минатата година потврди дека приватна фирма не ѝ го продолжила договорот на вработената само поради тоа што e бремена.
„Останав без работа во текот на мојата рана бременост кога соопштив на менаџментот во фирмата каде што бев вработена со договор на определено време дека сум бремена. По тоа сознание следуваше одлука менаџментот да не ми го продолжи договорот иако немаше никакви забелешки за моето работење. Подоцна дознав дека само на мене од цела фирма не ми е продолжен договорот, што значи дека нема индиции за намалување на обемот на работа. Многу нечесно сметам дека е и тоа што одлуката да останам без работа не ми беше соопштена навреме, туку само 24 часа пред истек на договорот, односно во петок попладне и немав начин да барам друга работа како не би го изгубила правото на платено породилно отсуство“, вели Магдалена Стојмановиќ Константинов.
Тука почнала борбата на Стојмановиќ Константинов која по одлуката од Државниот инспекторат за труд дека не се утврдени неправилности и недостатоци во делот на престанокот на работниот однос, одлучила да се обрати до КСЗД. Откако го добила потврдувањето од КСЗД дека станува збор за дискриминација, Стојмановиќ Константинов сега ја бара правдата пред граѓанскиот суд во Скопје.
„Иако барањата за нематеријална штета по основ на незаконско постапување во работните односи со основ дискриминација се многу мали, судската пракса вели дека се уште помали сумите што се определуваат со пресуда под услов да се утврди дискриминација. Така што во глобала судот е пролонгирање на стресна ситуација и првичниот шок, а во суштина не се исплати. Но тоа не треба да биде обесхрабрување, напротив треба овие предмети да завршат во суд како опомена за работодавачите. Мојот впечаток е дека судскиот систем треба да се сензибилизира повеќе за дискриминација“, вели Стојмановиќ Константинов.
Искуството на Неда Чаловска, правна советничка и истражувачка покажува дека како држава сè уште се соочуваме со силни родови стереотипи во однос на позиционирањето на жената првенствено како давателка на грижа во семејството и заедницата наспроти како работничка или жена која сака да напредува во својата работа.
„Од овие причини, работодавачите уште при соопштувањето дека одредена жена е бремена преземаат чекори за прекинување на договорите за работа на бремените работнички. Истово и не толку поради самата бременост, туку поради претпоставката дека жените понатаму нема да придонесуваат на работното место како претходно поради идните обврски околу децата. Жените остануваат генерално незаштитени, особено оние кои имаат договори за вработување на определено време, со оглед дека нашиот Закон за работни односи дозволува договорите за вработување на определено време да бидат склучувани до 5 години. Дополнително, отежнувачка околност е што за да имате платено породилно отсуство треба да бидете вработена минимум 6 месеци пред да го отворите породилното отсуство.
Дури и кога ќе го остварите ова право, а договорот за вработување ви истече во меѓувреме, Фондот за здравствено осигурување ве исфрла автоматски од системот за надоместоци и вие останувате без здравствено осигурување и без надоместокот за породилно отсуство додека не го известите Фондот дека треба да ве врати во системот. Оваа постапка голем број од мајките не ја знаат и често се неинформирани дека биле одјавени од работодавачот и истото го дознаваат кога им доцни надоместокот за породилно отсуство или пак кога при определен здравствен преглед за нив или бебето дознаваат дека веќе немаат здравствено осигурување, доживувајќи огромен стрес“, вели Чаловска.
Во нејзиниот случај таа пријавила во КСЗД и добила позитивно мислење, односно и кај неа била утврдена дискриминација по основ на бременост од страна на нејзиниот претходен работодавач.
„Ова го кажувам зашто сакам да охрабрам други жени на кои ова им се случува да пријават и да не ги остават работодавачите неказнети или неразоткриени за нивните дискриминаторски практики“, дополнува Чаловска.
Привидна заштита наместо сигурност
Минатата година мајката Филимена Бошковска, откако добила исплата за три месеци породилно отсуство била информирана од ФЗО преку меил дека исплатата ѝ се прекинува и треба да ги врати назад парите на Фондот за здравство.
„Откако заминав на породилно знаев дека ќе бидам одјавена со истек од определено време бидејќи и бев вработена со договор на определено време и тој е начинот да ме одјават. Бев информирана дека тоа нема да направи проблем во исплатата на породилното. Добив исплата за три месеци за да потоа бидам информирана од ФЗО преку меил дека исплатата ми се прекинува бидејки сум одјавена со отказ и да ги вратам парите назад за месец и половина што ми ги исплатиле. Така дознавам за отказот. Со документите се обратив во ФЗО кои ми рекоа дека морам да вратам пари назад.
Бев и во Државниот инспекторат за труд и од таму добив одговор дека не можат ништо да направат затоа што во фирмата нема никој и да се помирам со ситуацијата во која што сум. Се консултирав со професор од Правен факултет кој провери сè и рече дека се случила катастрофа во системите на АВРМ, односно дека основот на одјавувањето е наведен како отказ, а автоматски таква информација добива и системот на ФЗО. По закон додека си на породилно не може да се внесе отказ за одјава од работно место и исплатата не смее да биде прекината. Револтирана објавив статус на Фејсбук кој веднаш се сподели и истата вечер ме контактираше Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. Ми побара документи кои веднаш и ги испратив и таа правно го реши случајот во рок од две недели. По тоа исплатата на породилно продолжи од страна на ФЗО“, ни кажа Бошковска.
Магдалена Стојмановиќ Константинов вели дека законот само привидно штити и оди во полза на моќниците, односно работодавачите, а не на работниците.
„Најтрагично во целата приказна е што работодавачот не е обврзан ниту со отказен рок да соопшти на работниците кои работат со договори на определено време дека остануваат без работа. Јас скоро и да не познавам работници кои во приватен сектор веднаш ги пријавуваат на неопределено време“, вели Стојмановиќ Константинов.
На иста линија со неа е и Филимена Бошковска која вели дека жените се оставени на милост и немилост на работодавачот и на самоснаодливост.
„Потребно е поголемо спроведување на правото од страна на институциите и поголема информираност и знаење на вработените во институциите за нивните одговорности и обврски на работното место и позицијата на која што работат, а не потреба од притисок од јавноста за да си ја завршат работата. Истовремено, треба да се промени Законот за работни односи каде што не само жени кои се во редовен работен однос на неопределено време ќе бидат заштитени туку и оние кои се со договор на определено време“, вели Бошковска.
ПИНА неодамна пишуваше и за дискриминацијата во работата која ја доживуваат новинарките и нееднаквиот третман поради бременоста.
Злоупотреба од работодавачите
Од Македонското здружение за млади правници велат дека и покрај сè поголемата видливост на овој проблем во јавноста, сепак со жалење констатираат дека ваквата практика не е искоренета и сè уште е присутна.
„Во периодот 2023-2024, најчесто жените пријавуваат случаи во кои работодавецот не им го продолжил договорот на определено време веднаш откако го известиле за бременоста, или кога работодавачот на друг начин ќе дознае за бременоста или обидите за останување бремена. Исто така во повеќето случаи, работното место на кое работеле не е укинато, напротив веднаш е пополнето со нов работник, или се отвара ново работно место со исти надлежности како и претходното. Од ваквото постапување може да се заклучи дека единствена причина поради што не им е продолжен договорот за вработување на овие работнички е бременоста што пред сè е незаконито“, велат од МЗМП.
Оттаму дополнуваат дека непродолжувањето на договорите на бремените работнички заради нивната бременост е долготраен системски проблем.
„Важечкиот Законот за работни односи предвидува ексциплитна забрана на отказ поради бременост, раѓање и родителство, меѓутоа оставена е можност за „основан“ престанок на работниот однос без образложение со истекот на времето за кое е склучен договорот. Злоупотребата е очигледна, во случаи кога повеќекратно се продолжува договорот на определено време со редовни анекси, кога нема исполнети услови за отказ, кога работничката ги извршува успешно своите работни обврски, кога кај работодавецот нема причини за намалување на бројот на вработените, како и кога нема променета фактичка состојба од последното продолжување на договорот до моментот кога се дознава дека работничката е бремена. Жените најчесто се загрижени дека работодавецот нема да го продолжи нивниот договор на определено време, откако ќе информираат дека се бремени. Ова е реален страв на секоја жена“, велат од МЗМП.
Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ни одговорија дека во случај кога е утврдена дискриминација, Комисијата заедно со мислењето дава и препорака со која се задолжува утврдениот дискриминатор да стори или да не стори нешто со цел да се отстрани сторената дискриминација или да се спречи идна дискриминација.
„Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата го следи постапувањето по мислењата и препораките за конкретните случаи за дискриминација сè до нивното исполнување. Доколку утврдениот дискриминатор на кој е упатена препораката не постапи по истата устата во утврдениот рок Комисијата поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд“, ни одговорија од КСЗД.
Потребна е итна промена на законот
Законската заштита е потребно што е можно побрзо да се обнови со нови измени за мајките и бремените жени да не се плашат и да не бидат под стрес дека ќе ја изгубат работата и платеното породилно отсуство.
Според Чаловска, најпрво, треба да се промени Законот за работни односи и да се заштитат бремените жени од отпуштања, особено оние со договори за работа на определено време, на начин што ќе се забрани прекинување или непродолжување на договор за вработување на бремена работничка.
„Многу е едноставно ова да се направи и за ова застапуваме уште од 2016 година, но еве досега, никој не собра храброст да го смени законот во овој дел. Понатаму, неопходно е да се смени и Законот за здравствено осигурување со цел и жените индивидуални земјоделки да остварат право на платено породилно отсуство, а понатаму одреден надоместок да се обезбеди и за невработените жени, со оглед дека породилното отсуство е работа, не одмор“, вели Чаловска.
Од МЗМП објаснуваат дека измените во новиот нацрт – Закон за работни односи се и во однос на намалувањето на периодот од пет на најмногу две години за склучување на договор на определено време, ограничување на бројот на склучени договори за определено време кај ист работодавач, како и поставување на јасна граница дека прекинот помеѓу два последователни договори за вработување на определено време пократок од два месеци, нема да се смета за прекин на периодот од две години.
„Ова ќе придонесе кон дополнителна заштита на жените во случај кога им се откажува договорот поради бременост или мајчинство. Во насока на зајакнување на позицијата на жените на работното место се и предложените новини за воведување родителско отсуство и за таткото на детето“, велат младите правници.
Оттаму сметаат дека ова значително ќе придонесе кон промена на сфаќањата дека жената е единствена која може да се грижи за дете, па понатаму ќе се одрази и во другите елементи на грижа, на пример – кој ќе земе боледување заради грижа за мало дете итн.
„Во моментот кога работниците и работодавачите ќе прифатат дека грижата за децата подеднакво ги опфаќа и мажите и жените ќе можеме да очекуваме жените навистина да добијат еднаков третман, реални договори и можности за напредок на работното место. Според нас, Државниот инспекторат на труд има клучна улога во заштитата на бремените жени и мајки како орган кој обезбедува единствено спроведување на прописите и мерките од областа на работните односи и заштита при работа. Исто така, значителна улога гледаме и во КСЗД кога има случај на дискриминација на бремена жена или мајка. Судската заштита е крајна инстанца на постапување, која исто така мора да се зајакне на начин што ќе биде подостапна и со значително кратење на времетрањето на судскиот процес“, велат од МЗМП.
Чаловска дополнува дека пристапот до информации, но и правна помош на жените навистина е ограничен.
„Како здружение на граѓани, „Центарот за еднаквост и правда“, се обидуваме колку што може да помогнеме на бремените жени, но и мајките и родителите кои се соочуваат со дискриминација поради бременост и родителство, но навистина, случаите, но и системските пречки се многу. Позитивно е што се повеќе жени се охрабруваат да пријават и во КСЗД и во трудовиот инспекторат, но, судската заштита, на пример, сè уште е недостапна за многу од нив. Позитивен тренд на одлуки има и од страна на КСЗД, која минатата година утврди дискриминација во четири случаи по основ на бременост и/или родителство“, вели Чаловска.
Од Секторот за труд при Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд ни кажаа дека новиот Закон за работните односи е во завршна фаза на подготовка и по конечните усогласувања, ќе влезе во владина процедура. Според нив, сегашниот закон нуди соодветна заштита од отказ на бремените жени и жените на породилно отсуство.
„Кај договорите на определено време, кога на работничката ѝ престанува поради, а веќе користи надоместок на плата за време на отсуство поради бременост, раѓање и родителство, таа ќе продолжи да го користи правото додека не ѝ заврши породилното на товар на ФЗО. Но, природата на договорот за вработување на определено време е таква што истиот е од времен карактер. Во оваа смисла, ниту најновите европски стандарди кои се однесуваат на заштитата на родителите, не предвидуваат поголема заштита, затоа што ниту еден работодавач не може да биде принуден да го продолжи договорот за вработување без да има потреба од работникот, само заради тоа дека се работи за бремена или неодамна породена жена“, велат од Секторот за труд при МТСП и ДИТ.
Оттаму ни кажаа дека во 2023 година се поднесени пет претставки до Државниот инспекторат за труд за незаконски престанок на работен однос на бремени жени работнички. Во три случаи се донесени решенија со инспекциска мерка опомена, по истите е постапено од страна на работодавачите и работничките се вратени на работа. Во еден случај работничката не е вратена на работа, поради што од страна на инспекторот се преземени мерки согласно закон. Во текот на 2024 година, по пријави од познат подносител извршени се инспекциски надзори во два правни субјекти.
Авторка: Марта Стевковска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА