Разјаснување на митовите, но и кршење на табуата и стереотипите се само дел од придобивките за стотина ученици кои посетуваа часови по сеопфатно сексуално образование (ССО), воннаставна активност и пилот програма којашто се спроведе во првото полугодие.
Проектот за ССО во училиштата, изработен од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА во соработка со Бирото за развој на образованието, беше спроведен во три училишта во кои беа формирани пет паралелки составени од ученици кои изразиле интерес и добиле согласност од родителите за посетување на часовите.
По седум часа редовна настава, заинтересираните ученици од две паралелки од основното училиште „Јан Амос Коменски“ од Скопје со согласност од своите родители, посетуваа часови по сеопфатно секусално образование во првото полугодие.
„Во нашето училиште наставата се реализираше на 8 и 9 час, односно по завршување на часовите. Интересот на децата по напорниот ден да имаат блок часови и по ССО нам ни даваше дополнителен поттик. Интересно е што оваа програма ја следеа и ученици кои беа на онлајн настава, но за часовите по ССО доаѓаа со физичко присуство, како и една ученичка која го промени терминот за спорт за да присуствува на часовите по ССО“, вели за ПИНА Елизабета Ивановиќ, психолог во ОУ „Јан Амос Коменски“, која ги држела работилниците и предавањата по ССО.
Транспарентноста на процесот и вклученоста на родителите во секој чекор од реализирањето на оваа пилот програма во експерименталните училишта биле клучни за успешноста на програмата, оценуваат нашите соговорници.
Свесни сме дека кај родителите се креираат стравови во однос на оваа едукацијата, но кај учениците се пројавува свесност и разумност за потребата од прифаќање на оваа програма, вели Ивановиќ и додава дека во нејзиното училиште и родителите и децата биле задоволни од начинот на спроведување на програмата.
Според Весна Попова, советник за истражување и развој во Бирото за развој на образованието, еден од клучните елементи за успешноста на програмата била и посветеноста и содветната обука на наставниците кои го предаваа предметот ССО. Главна особина на наставниците била способноста на соодветен начин да им ги пренесат содржините на учениците од деветто одделение.
„Прво, заради тоа што тие доследно се држеа до наставните цели на ССО. Понатаму, како личности успеаа на многу интересен и начин близок до учениците да им ги пренесат сите содржини. Тие се одлични методичари и ментори, но и благодарение на обостраната доверба и присноста со учениците и држејќи се до прирачниците предвидени за оваа програма, успеаа да им ги пренесат информациите на начин соодветен за возраста на учениците и нивната природа“, изјави Попова.
Како позитивен податок за интересот на учениците, наведува Попова, е тоа дека во едно од училиштата сите класови од деветто одделение, цели паралелки, се вклучиле во работилниците за ССО имајќи доверба во нивните класни раководители коишто ги држеле работилниците.
ССО многу повеќе од само сексуално образование
Програмата за сеопфатното сексуално образование е подготвена согласно последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години. ССО се состои од 7 компоненти: род, сексуално и репродуктивно здравје, граѓански аспекти, задоволство, врски и односи, насилство и различност.
„Уште поважно е тоа што учениците добија многу информации во период во којшто се многу чувствителни, кога влегуваат во својата адолесценција и почнуваат да се интересираат за овие теми. Многу е важно дека тие информации ги добиваат токму од училиштето коешто е контролиран извор и имаат можност критички да ги анализираат податоците преку отоворена дискусија со своите врсници и ментори“, вели Попова.
Овие теми на децата им биле презентирани преку дебата, квизови, играње улоги со почитување на различни мислења и ставови, разбирање, довеба, отворена дискусија и непосреден разговор.
„Темите кои ги работиме со учениците со оваа програма се многу битни во однос на промените кои се случуваат во овој период. Ова е период кога адолесцентите се пронаоѓаат себе си, градат ставови и се градат како личности. Ние им помагаме, ги насочуваме да изградат правилни ставови, правилен однос кон врската, кон партнерот, дека имаат право да кажат НЕ ако не се согласуваат со нешто во врската со партнерот. Многу е важно кога некој ќе ви предочи одредени ситуации, ќе ги превенира, тогаш може да се избегнат многу несакани последици“, изјави Ивановиќ.
Пред воведување на програмата како изборен предмет за учебната 2021/2022 година во експерименталните училишта, ХЕРА уште од 2014 година организира врсничка едукација во средните и во основните училишта за да им овозможи на младите пристап до информации и знаења за сексуалното и репродуктивното здравје и права.
Во однос на тоа кој пристап е подобар, овие содржини да им ги пренесуваат млади кои се поблиски до возраста на учениците или наставниците кои се нивни ментори со години и во кои имаат доверба, Цветковска од ХЕРА вели:
„Мислам дека и двата пристапи се добри, секој на свој начин. Кога со нив на овие теми разговараат врсници, тие се чувствуваат поохрабрени да споделуваат искуства и да ги прашаат бидејќи не постои возрасната бариера и зборуваат на сличен јазик. Од друга страна, пак, тоа што може да го покрие формалното образование како и наставниците кои имаат долгогодишни искуство во просвета, не може неформалното во таа мера и во тој обем“, вели Цветковска.
Според неа, најважно е државата да обезбеди ССО да биде дел од формалниот образовен систем, преку кој секое дете ќе има пристап и можност во рамки на училиштето да се информира за овие важни теми.
„Тоа што го видовме преку разговори со учениците – и што всушност ни го потврдува досегашното искуство – е дека оваа програма им влева поголема самодоверба на младите, сфаќаат дека нивните проблеми се решливи и дека со нив се соочуваат како тие, така и нивните врсници што, пак, ги охрабрува дека не се сами и отфрлени од општеството. Неретко за време на едукациите сфаќаат дека биле жртви на насилство или дека тие биле насилници, а се до тој момент не биле свесни за тоа“, вели Цветковска.
Дополнително, учат за сексуално преносливи инфекции и контрацепција, за промените во пубертет и во адолесценцијата, теми кои ги „протрчале“ во досегашното формално образование, додава Цветковска.
„Возраста не претставува проблем, битен е пристапот кон учениците, дали ги почитувате нив како личности, нивните размислувања, колку им давате можност да се искажат за своите потешкотии и проблеми и нудите доверба. Достапни сте им им доставувате вистински инфомации и факти. Со самото тоа ја градите нивната самодоверба нивната личност креирате идни млади луѓе со интегритет свесни за вистинските вредности на животот“, смета психолот и предавач по ССО Ивановиќ.
Како од пилот програма до изборен предмет по ССО?
Во текот на првото полугодие беа одржани 36 часа од пилот програмата по сеофатно сексуално образование, по што беше спроведена евалуација на процесот. Тестирањето беше спроведено во експерименталните училишта, оние во кои беше воведена пилот програмата, и во контролни училишта односно училишта со карактеристики слични на експерименталните, по однос на средината во која се наоѓаат, појаснува Попова од Бирото за развој на образованието.
„Според првичните анализи на тестирањата коишто беа спроведени можам да кажам дека учениците коишто следеа ССО имаат поголемо познавање, полесно ги препознаваат состојбите и знаат подобро да ги дефинираат поимите како врсничко насилство, сексуално преносливи болести, заштита и слично од учениците коишто не слушале часови по ССО“, вели Попова.
Резултатите од тестирањето ќе ги дадат и одговорите на прашањата за тоа колку е успешна програмата и како таа да се развива во иднина.
„Полезно би било да се најде најсоодветниот модел учениците да ги добиваат информациите од професионални едукатори коишто знаат како да пристапат во презентирањето на содржини кои младите може да ги протолкуваат на погрешен или на несоодветен начин доколку сами истражуваат“, вели Попова.
Според психологот Ивановиќ, ваквите сеопфатни превентивни програми се потребни за да се спречат несаканите последици по целокупниот психофизички развој на нашите млади, со особен акцент на сексуалното и реподуктивното здравје.
„Нѐ чекаат уште обуки на наставниот кадар, како и адаптирање на програмата и курикулумот според наодите и насоките што ќе ги добиеме од евалуацијата на пилотирањето (истражувањето). Самото име пилот програма кажува дека ова беше подготвување на теренот и проценка на програмата, за тогаш кога ќе биде финална да биде издржана, квалитетна, професионална и максимално адаптирана на нашиот образовен систем и целокупното милје“, изјави Цветковска.
Резултатите од евалуацијата ќе бидат готови на пролет, а веднаш потоа ќе почне да се подготвува програмата, вели Цветковска од ХЕРА.
Авторка: Марија Севриева