Рекордни осумдесетина независни кандидатури за градоначалници и советници се утврдени за претстојните локални избори. Меѓу нив има политичари и функционери кои ги загубиле внатрепартиските битки, но застапени се и граѓански активисти што делуваат главно во сегментот на екологијата. Додека некои аналитичари им предвидуваат само симболичен успех, други сметаат дека може да бидат големо изненадување.
„Отпишани“ или ,,пркосни“ политичари и функционери од страна на матичните партии и партиските раководства, како и граѓански активисти што ја застапуваат таканаречената „зелена агенда“, доминираат на листите на независни кандидати за градоначалници и советници за локалните избори закажани за 17 октомври.
Во законски пропишаниот период предвиден за собирање на потписите за независни кандидатури, која траеше од 16-ти до 30-ти август, до Државната изборна комисија поднесени се вкупно 25 независни кандидатури за градоначалници, како и рекордни 57 листи со кандидати за советници.
По Скопје, најмногу, односно по 3 независни кандидати има во Чучер Сандево и Македонска Каменици. По еден независен кандидат, пак, ќе настапат во Македонски Брод, Кратово, Охрид, Прилеп, Радовиш, Свети Николе, Илинден, Куманово, Битола, Гевгелија… Овој број ќе и беше поголем ако дополнителни 12 кандидати за градоначалници успеаа да ги соберат потребните потписи.
Што се однесува до општинските совети, најголем интерес има во Кавадарци и во Македонски Брод, каде што регистрирани се по 5 независни советнички листи. Потоа, во Охрид и во Чучер Сандево има по 3, во Центар 2, додека во многу други општини, вклучително и Скопје, има по една. До истекот на рокот, 13 советнички листи не ги собраа неопходните потписи за кандидатура.
БИТКАТА ЗА СКОПЈЕ
Како што е познато, владејачката СДСМ го предложи актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов за втор градоначалнички мандат на главниот град, кој треба да ја добие поддршката од дел од коалициските партнери во Владата – ДУИ, БЕСА, ДПА, НСДП, ДС. Единствено, на овие локални избори надвор од владиното друштво одлучија да настапат ЛДП и ДОМ.
Досега, оваа коалицијата, наречена Граѓанско движење на центарот, не објави кандидат за градоначалник на метрополата, но тоа го сторија во други општини, како на пример, скопската општина Кисела Вода (Ѓулистана Марковска), Штип (Ванчо Санев), Прилеп (Славе Петрески), Гевгелија (Виктор Петков) итн.
За потсетување, овој сојуз се оформи во период кога во ДОМ се случија внатрепартиски превирања, во чии рамки „настрада“ поранешната партиска потпретседателка Ана Петровска. Набргу потоа, Петровска беше разрешена од директорката позиција во Државниот инспекторат , што предизвика негативни реакции кај дел од еколошките здруженија.
Во еден таков амбиент, Петровска прифати да биде кандидат за градоначалник на Скопје на граѓанското движење „Зелен хуман град“. Уште претходно, оваа зелена иницијатива поднесе независна листа со кандидати за советници, предводена од актуелната советничка во скопскиот совет, своевремено избрана од листата на Левица, Драгана Велковска, како и Горјан Јовановски, познат како автор на апликацијата „Мој воздух“.
За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не номинира свој кандидат за градоначалник на Скопје, туку застане зад претседателката на Сојузот на стопански комори Даниела Арсовска, која, барем формално, поднесе кандидатура како независен кандидат за скопски градоначалник. Истиот модел го примени и Петар Георгиевски – Камиказа, кој влезе во изборната трка како независен кандидат, но и тој доби партиска поддршка од Левица.
НЕЗАВИСНИ КАНДАТУРИ НА ,,ПРКОСНИТЕ“ ИЛИ „ОТПИШАНИТЕ“
Кога станува збор за независни кандидатури за градоначалници, меѓу кандидатите има многу поранешни и сегашни политичари и функционери, кои на овие избори решиле да истрчаат како независни кандидати, откако претходно не ја добиле довербата од матичните партии и партиските раководства.
Во тој контекст, најилустративен е примерот со Куманово, каде актуелниот градоначалник Максим Димитриевски одлучи да не ја чека партиската одлука на СДСМ, па неколку дена пред истекот на законски пропишаниот рок поднесе независна кандидатура за уште еден мандат. Во изминатиот период, тој често ја критикуваше владата, а влезе и во конфликт со министрите Венко Филипче и Оливер Спасовски.
Во слична ситуацијата ВМРО-ДПМНЕ беше во Илинден. Долгодишниот градоначалник на оваа приградска скопска општина, Жика Стојановски, на претстојните избори ќе настапи како независен кандидат, што е логична разврска, ако се има во предвид дека Стојановски беше дел од внатрепартиската иницијатива за промена на раководството на опозициската партија на чело со лидерот Христијан Мицкоски.
Еден друг актуелен градоначалник – Ивица Тошевски на Ранковце, пак, не успеа да ги собере потребните потписи за независна кандидатура за уште еден мандат. Имено, Тошевски е поранешен припадник на МВР и догогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа се разиде со партијата и на претходните избори беше избран со помош на СДСМ. Сепак, поддршка за уште еден мандат не доби од ниту една партија.
Како независен кандидат за градоначалник, во Кичево се кандидира Фатмир Лимани, кој е долгогодишен функционер од редовите на ДУИ и воедно е во роднинска врска со партискиот лидер Али Ахмети. Арно ама, тој изрази незадоволство од владеењето на ДУИ и блиската соработка со СДСМ, поради што одлучи да се кандидира и за градоначалник.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЦИПАЦИЈА НА „ЗЕЛЕНИТЕ“
Освен на ниво на Град Скопје, повеќе еколошки иницијативи прават обид да влезат во општинските совети во Скопје, но и низ градовите во цела државата. Покрај веќе споменатата „Зелен Хуман Град“, тука се „Поинаку“, „Подобро за Тетово“, „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Зелените од Гази Баба“, „Стига е!“…
Иницијативата „Шанса за Центар“ е предводена од поранешната претседателка на Советот на Центар Јана Белчева, која на последните локални избори настапи во коалиција со СДСМ. Но, поради несогласувања со градската власт, претежно во делот на урбанизмот, се одвои од владејачката коалиција и почна да настапува како независен советник.
Невена Георгиевска, активистка од „О2 Иницијатива“ и „Ние сме Карпош 4“, пак, е предводник на граѓанската иницијатива „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“ На листата со советници се наоѓаат активисти од „Го сакам Водно“, „Трнодол“, „ЕкоКарпош 3, 2, 1“, „Спас за Водно“, „Сметлана, за заштита на животните“…
Своја независна советничка листа поднесоа и активистите од „Зелените за Гази Баба“, чиј носител е Дејан Димитровски, познат како советник на ДОМ. Покрај останатото, тие најмногу се противеа на новите урбанистички планови на Општина Гази Баба, со кои се предвидуваше тешко загадувачка индустрија во населбата Железара.
Под слоганот „Подобро за Тетово“, триесетина граѓански активсти најавија независен настап на локалните избори со листа за советници. Меѓу фронтмените на иницијативата а Хамди Сулејмани, кој подолг период, меѓу другото, води битка против изградба на дивоградби на Попова Шапка под мотото „За спас на Попова Шапка“.
СИМБОЛИЧЕН УСПЕХ И КРУПНИ ИЗНЕНАДУВАЊА?
Коментирајќи го големиот број на независни кандидатури на претстојните локални избори, политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека традиционалните политички партии се во голема криза во контекст на моралниот кредибилитет. Како што истакнува тој, сите анкети покажуваат дека довербата на партиите на власт паѓа, а од друга страна не расте тој на опозицијата.
–Голем е процентот на граѓаните кои ја имаат изгубено вербата дека нивните интереси може да ги артикулираат постоечките политички субјекти. Ова не значи дека кај нас може да имаме резултати како во последните локални избори во Хрватска, каде во големи општини победија независни кандидати. Но, во однос на составот на советниците во одредени општини, може да има изненадувања – смета Незири.
Поранешниот пратеник Марјан Додовски, кој своевремено беше министер за екологија, посочува дека забележливо е присуството на повеќе независни листи за кандидати за градоначалници и листи за советници кои го имаат предзнакот за заштита на животната средина. Според него, сите листи се специфични и се разликуваат помеѓу себе.
–Кај еден дел видлива е потребата на одредни невладини организации да го променат својот начин на функционирање и да преминат во политичко дејствување со цел остварување на своите цели за подобра заштита на животната средина, пред се заради немоќта да постигнат некои позначителен резултат како НВО-и. Кај другиот дел од листите видлива е партиската комбинаторика и желбата за одредено политичко докажување или потврдување – вели Додовски.
Тој оценува дека добро е што има се поголема политичка гласност во делот на заштитата на животната средина во ваква форма, но, како што потенцира, резултатот кој ќе го постигнат овие независни листи ќе биде симболичен, со, според него, неколку освоени советнички места. Сепак, додава Додовски, главната улога е кај големите политички партии, кои, според него, треба да ја подигнат темата на заштитата на животната средина на приоритетно ниво.
Автор: Влатко Стојановски