Влијанието на вакцинацијата за Ковид 19 врз работните места

0
66

Македонија, но и многу други земји периодов по појавата на делта сојот и новиот бран воведоа низа рестриктивни мерки со кои се ограничува движењето на невакцинираните граѓани против Ковид-19 и тие што не го прележале вирусот.

Во некои земји, како САД, работата стигна и до таму, да работници остануваат без работа, ако не се вакцинирани, како што беше неодамнешниот пример со двајца вработени во американската телевизија CNN.

Од едни од најпознатите компании во светот, Гугл и Фејсбук пак најавија дека нивните вработени мора да се вакцинираат, освен ако имаат здравствени причини поради кои неможат да го направат тоа.

Нема дилема овој пример ќе го следат бројни компании низ светот, а веќе има и примери за задолжителна вакцинација на државните службеници во сојузните американски држави Њујорк и Калифорнија, но и во Канада.

Примери има и во нашето блиско соседство, па така во Грција се најави задолжителна вакцинација за здравствените работници и вработените во старечките домови, а најверојатно работата нема да застане само со оваа група на работници. Следни би биле работниците во угостителството и туризмот.

Тамошните власти отворено посочија дека одбивањето за вакцинација може да биде добра основа за отказ.

И во Србија од насен, големи се шансите, задолжителната вакцинација да има за работниците во домовите за стари лица, за здравствените работници, но и за оние кои работат во угостителски објекти, посебено во кујните. Се размислува и студентите, но и оние кои работат во образование.

На здравствените работници пак веќе им е забрането да се вратат на работа од одмор, доколку не се вакцинираат. Од масовната вакцинација во светот зависи нормализацијата и стабилизирањето на состојбата со Ковид 19, но паралелно со овој процес се отворија и други прашања во различни области на живеењето. Немањето потврда за вакцинација веќе го комплицира патувањето, а наскоро истото може да стане случај и со вработувањата или барањето работа во одредени области.

Нема основа за отказ, тврдат од ССМ

Претседателот на Сојузот на синдикати (ССМ), Дарко Димовски за ПИНА вели дека тие немаат информација дека во Македонија, (каде вакцинацијата се уште не е задолжителна за никој), досега некој добил отказ поради тоа што не вакциниран, но во приватниот, ни во јавниот сектор.

,,Законски тоа е неизводливо. Ни по Устав, ни по законите кои ги регулираат работните односи. Не постои законска или каква било друга можност поради одбивање наредба од работодавач за некаква присилна вакцинација да се загуби работното место.

Ни во комуникација со властите во рамки на социјалниот дијалог немало некаква најава за такво нешто. Тоа што можам да кажам, е дека ние како Синдикат нема да дозволиме во ниту еден случај тоа да биде причина за отказ“, вели Димовски, кој ги повикува работодавачите да им овозможат услови на вработените кои сакаат да се вакцинираат да го направат тоа.

Ќе влијае ли при вработување?

И претседателот на Конфедерацијата наработодавци, Миле Бошков за ПИНА вели дека досега до него не стигнала информација дека некој во Македонија добил отказ поради тоа што одбил да се вакцинира, ниту пак очекува такво нешто.

,,Ставот на работодавците, кои ги преставувам, е јасен по тоа прашање. Секој вработен има право на избор дали да се вакцинира или не. Законот за работни односи и Законот за заштита при работа, но и меѓународни конвенции јасно дефинираат по кои основи може работник да добие отказ.

Работодавачите не треба да ги принудуваат работниците да се вакцинираат. Правото на избор на работниците им е загарантирано и со Устав“, вели Бошков.

Последниве недели низ светот, пред се во САД, прашањето за тоа дали сте вакциниран стана составен дел и од интервју за работа.

„Легитимно е работодавачот да го постави тоа прашање, но тоа не треба да биде услов дали некој ќе добие работа“, вели Бошков.

Постои ли можност за “заобиколување“ на законите кои ги штитат работниците

Адвокатката Маја Ристова за ПИНА вели дека Законот за работните односи точно предивидел по кои основи може да се откаже договорот за вработување на работникот, а основот “одбивање за имунизација” не е предвиден.

,,Што значи не постои можност за заобиколување на законот“, вели таа.

Таа смета и дека на интервју за работа не треба да се поставува прашањето дали кандидатот е вакциниран или не.

“Мое мислење е дека не треба работодавачот да го постави ова прашање исто како што не треба од работникот да бара податоци и за семејниот, односно брачниот статус и планирање на семејството, односно доставување на други исправи и докази коишто не се во непосредна врска со работниот однос“, вели Ристова.

На прашањето на ПИНА дали е можна дискриминација на работното место, за да работникот биде ,,принуден“ да се вакцинира, да не добие отказ, туку на крај самиот да си даде отказ адвокатката Ристова вели:

,,Секако дека поради оваа причина може еден работник да биде ставен во понеповолна положба во однос на друг, односно да биде дискриминиран или да биде жртва на мобинг“.

„Присилна“ вакцинација?

Колку македонските работодавачи ќе ги почитуваат законите и Уставот останува да видиме, а неодамна од градоначалничката на Тетово, Теута Арифи стигна барање за тест на три дена за сите невакцинирани во образовните установи во рамки на оваа општина.

,,Како што се прави тестирање за шетање, така и за школо ќе се прави“, изјави Арифи.

Сепак крајната одлука за оваа барање од Кризниот штаб на Тетово, со кој раководи Арифи треба да ја донесе Владата и покрај тоа што училиштата се под ингеренции на Општината.

Овој модел веќе станува реалност во Грција, каде од 13 септември невакцинираните вработени во приватниот и јавниот сектор ќе треба еднаш седмично да се тестираат со рапид тест, исклучиво во приватните дијагностички центри.

Тестот ќе чини десет евра, а невакцинираните сами ќе си ги покриваат трошоците.

За невакцинираните вработени во туризмот, образованието, угостителство, во телевизиските, театарските, кинематографските и музичките продукции, како и за студентите, во Грција, задолжени се два тестови седмично, кои исто така ќе ги чинат по десет евра од тест и ќе бидат на сопствен трошок.

За учениците, задолжителни се два домашни теста седмично, кои ќе бидат бесплатни.

За овој тренд, адвокатката Ристова вели дека е оправдано со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството.

„По мене оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на општеството. Напоменувам дека ова веќе е сторено и со други заразни болести и не само кај нас, туку и во други држави.

Така на пример согласно нашиот Законот за заштита на населението, вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст од туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, хепатити и др. болести.

Токму поради тоа, доколку истото ова е регулирано со закон и не е спротивно на уставниот поредок на една држава, лично јас не го сметам за притисок“, вели таа.

Автор: Петре Димитров