Од успешна приказна за ниска стапка на позитивни, до ризик од епидемија на ХИВ вирус и ставање клуч на 14 граѓански организации кои со години работат и спроведуваат услуги за маргинализираните заедници во Македонија. Ваков би бил епилогот според активистите, доколку државата не отстапи од својот план, буџетот предвиден за Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција да се намали за 40 проценти. Па така наместо 46.5 милиони денари, оваа години од државната каса да се дадат само 27.5 милиони денари.
Веќе трет месец организациите во областа, работат без плата, но и со постојан страв дека уште „утре“, трудот од изминатите 25 години со кои организациите одржуваа целосна контрола на епидемијата на ХИВ кај ризичната популација ќе „падне“ во вода. Наместо целосно искоренување на овој опасен вирус како што има предвидено СЗО – Македонија може да се соочи со нова здравствена криза, вели извршната директорка на „ХОПС“ Хајди Штерјова Симоновиќ.
„Опфатот којшто го имаат овие 14 организации се проценува на околу 10.000 луѓе кои годишно ги опфаќаме преку програмите преку различните услуги кои што ги нудиме за нашите корисници. Се трудиме да ги одржиме програмите во живот и да се најдеме на луѓето, но сигурно дека со овие средства нема да можеме да дадеме подеднаков одговор за цела оваа бројка. Така што тоа е сериозна закана да ни се случи ХИВ епидемија во државава. Освен овие директни корисници на услугите, околу 40 проценти од вработените работат во организациите се луѓе од самите заедници. Не сакам ни да помислам што ќе се случи ако државата нема слух за нашите барања и ако тие луѓе останат без работа кога тие беа први на удар од корона кризата“, истакна Штерјова Симоновиќ.
На 17 март Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ одржа прес-конференција пред Министерство за здравство. Веднаш потоа поднесено е и барање за средба со премиерот Димитар Ковачевски, ама одговор на писмото и час и време за средба немаат добиено.
„Сè уште немаме добиено никаков конкретен одговор ни аргументирана методологија како и зошто е направено кратењето. Поднесовме писмено барање и преку архива, барајќи итна средба со цел да може да му ги објасниме нашите аргументи зошто не смеат да се кратат овие јавно здравствени програми и зошто мора да се надополни буџетот, но и да се надоместат трошоците за првото тромесечие кое граѓанските организации ги направија спроведувајќи ги овие програми во ист обем како што беше и порано практично без пари“, објаснува Штерјова Симоновиќ.
ПИНА го контактираше Министерството за здравство. Во нивниот одговор се посочува дека се отворени за соработка со граѓанските здруженија кои, како што велат се нивен партнер во реализација на активностите од Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекции, но и дека министерството подеднакво се грижи за сите категории пациенти.
„Министерството секоја година изготвува посебна Програма за заштита на населението од ХИВ инфекции, дел од средствата за реализација на активностите се од Буџетот на МЗ, а дополнителeн дел се реализираат во рамки на постојните буџети на јавните здравствени установи. МЗ поддржува и 20 други превентивни и куративни програми, кои исто така се реализираат со средства од Буџетот“, велат од ресорното министерство.
Отвореност за соработка со граѓанските организации за оваа проблематика политичарите изразија и во 2020 година кога мнозинство од активните политички партии во земјава, потпишаа Декларација со која се обврзуваат преку своите претставници во извршната власт да пружат континуирана поддршка.
Но, и да ги препознаат граѓанските организации, даватели на услуги поврзани со здравствена заштита со посебно значење за јавното здравје, за ранливи групи на население, во рамките на постојниот или во нов Закон за здравствена заштита.
Ова не е прв пат невладините да се исправени пред ваков предизвик, и на државата, според активистите да и се заканува енормно зголемување на ХИВ позитивни лица. Во националната програма за ХИВ за 2017 година беа неопходни најмалку 65 милиони денари од буџетот на Македонија, според проценките на домашни експерти што тогаш ги ангажираше Министерството за здравство.
Наместо тоа, предлог-Буџетот на Македонија за 2017 година предвиде само 27 милиони денари.
„Во изминатите 13 години Глобалниот фонд даваше значителна финансиска поддршка за националната програма за ХИВ. Како земја со висок среден приход и ниска стапка на ХИВ-инфекција, Република Македонија веќе не може да аплицира за средства од оваа меѓународната организација. Со потпишувањето на досегашните грантови Министерството за здравство се обврза да го преземе финансирањето на националната програма за ХИВ по завршувањето на грантовите. Покрај тоа, Министерството за здравство јавно се обврза дека ќе ги одржи програмите за превенција преку мрежата на граѓанските организации на јавната расправа во Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија на 11 декември 2015 година“, стои во соопштение објавено на 6 октомври 2016 година од Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ кога активистите и невладините излегоа на улица да се спротивстават на кратењето од дури 59% на буџетот.
Денис Ампев кој е координатор на Програма за намалување на штети од дроги и ХИВ СИДА во списание на ХОПС „Дроги – политики и практики“ објавено во 2017 напиша „Со тешки нозе се движевме кон плоштадот Македонија и со тивок глас разговаравме дали е можно по 12 години стоење на браникот на епидемијата сега да згаснеме неславно и да исчезнеме во заборав“.
„Зарем е можно да се случи да немаме одбрана од епидемијата која во сите европски земји се намалува, а кај нас по децениско успешно одржување на ниска стапка на ХИВ – инфекција да дојдеме до тоа да не се одвојуваат средства за соновните сервиси? Зарем е можно по 12 години државава да не се грижи за своите граѓани?“, стоеше во неговиот напис.
Пет години подоцна, тој за ПИНА вели дека „историјата се повторува“.
„Баравме и зголемување на буџетот бидејќи сите давачки се поскапени. Можно е да не добиеме пари и до јуни. Ние ги исклучивме и телефоните, немаме платено ни кирија, ни сметки за три месеци. Буквално работиме теренски, на добра волја. Ако ова продолжи организацијата ќе згасне“, вели Ампев.
Истовремено, тој посочува дека, државата, како што вели, треба да сфати дека превенцијата ја чини многу помалку отколку лекувањето.
На пример, за едно лице кое инјектира дрога годишно се потребни околу 400 евра, а доколку се зарази со Хепатитис Ц, тоа би чинело 15.000 евра, објаснува тој. Дополнително вели дека оние земји каде што се укинале програмите како на пример Романија имало зголемување на ХИВ инфекции за 300%.
„Се спрема здравствена катастрофа. Ние имаме 10.000 луѓе кои се под нашите услуги. Ние немаме ниту еден ХИВ инфициран од луѓето кои инјектираат дроги и од сексуалните работници. Нам ни велат дека имаме мала бројка на заразени, но тоа е така затоа што со години се бориме и работиме да не е така“, вели Ампев.
Тој објаснува дека на дневно ниво им помагаат на лицата што инјектираат дроги, односно ги снабдуваат со шприц, игла и кондом и им се на располагање медицински услуги за чистење на површни рани и препраќање до здравствени институции и работа со социјален работник односно помош при вадење на лични документи.
„Ако се случи ова намалување на Буџетот, сите луѓе кои досега беа навикнати дека на дневно ниво може да ни се обратат ќе паднат на товар на државните здравствени институции кој во моментов во сè уште активна пандемија немаат капацитет да им пружат услуга“, вели Ампев.
Според податоците со кои здруженијата располагаат, во моментот на Клиниката за инфективни болести се лекуваат околу 350 ХИВ позитивни лица, но проценките се дека вкупниот број на инфицирани во 2020 година изнесувал околу 500 луѓе, од кои една третина не се свесни за нивната инфекција. Тоа според здруженијата е преголем процент доколку се спореди со глобалниот просек.
Инаку, во 2016 година Македонија се обврза на политичката декларација на ООН за ХИВ, која ги постави глобалните цели до 2020 и 2030 година.
До 2020 година, 90% од лицата со ХИВ треба да бидат дијагностицирани; од тие што се дијагностицирани, 90% треба да бидат ставени на терапија, а пак 90% од тие што се на терапија треба да имаат успешно контролирана инфекција. Ова е предуслов за да се стави крај на епидемијата на ХИВ како јавноздравствен проблем до 2030 година.
Авторка: Теодора Цветковска