Веќе четири години се одвива процесот за измена на Законот за матична евиденција, со кои ќе им се овозможи на транс лицата правно да им биде признаен родот во личната документација, односно да им
биде променета ознаката за пол во документите. Измените конечно беа предвидени да влезат во собраниските лавиринти на комисиска расправа на 22 март. Сепак, Владата во последен момент ги повлече, а ова предизвика остра осуда од здруженијата кои се борат за правата на оваа маргинализирана група.
Транс лицата во земјава се постојано на мета, објаснува за ПИНА, долгогодишниот активист за правата на транс лицата Игор Раиден. Тој вели дека во секојдневниот живот, тие имаат големи потешкотии да најдат работа, домување, да ги добијат основните здравствени услуги, не се прифатени од семејствата и пријателите, а трпат и физичко и психолошко насилство.
„Со овие основни прашања, кои остануваат нерешени, доаѓаат различни последици по функционирањето, по физичкото и менталното здравје. Во моментов, во недостиг на закон, процесот на менување на личните документи е исклучително тежок. На сите инстанци – Управата за водење на матичните книги, второстепената комисија, и Управниот суд како трет степен – се донесуваат произволни одлуки, одлуки кои се негативни за случаи кои имаат исти околности со други, позитивно решени случаи, прогласување за ненадлежност, а целиот процес трае со години, кои транс лицата ги поминуваат во чекање и неможност да го остварат својот потенцијал и да живеат среќен и достоинствен живот“, дециден е тој.
Измените на законот, според него би требало да го регулира прашањето на начин кој го почитува достоинството и интегритетот на личноста, односно, со други зборови, брза, транспарентна и пристапна административна постапка. Но, како што вели, без наметнување на медицински интервенции, како пресудата од Стразбург во случајот Икс против Македонија.
„Нашиот Устав уште одамна има одредба за заштита на телесниот интегритет така што нема основа да се бараат интервенции. Тоа значи дека медицинскиот процес мора да се држи одвоено од административната постапка. Секако не се поврзани на ниту еден начин, сечиј медицински процес е различен“, вели Раиден.
Затоа пак, тој посочува дека е изнајдено решение во предлог-законот каде што управната постапка се изведува со помош на изјава заверена на нотар, каде лицето изјавува дека ги менува податоците, за да ги усогласи со својот родов идентитет.
„Тоа само по себе носи одговорност. Праксата на почитување на телесниот интегритет станува сѐ поприсутна во Европа и светот, а со ваквиот закон можеме да дадеме фантастичен пример за другите земји на Балканот и пошироко“, смета тој.
„Не постојат зборови со кои можам да истакнам колку овој закон е важен за транс лицата“, објаснува Раиден, кој посочува дека со измените ќе им се овозможи да бидат во еднаква позиција со сите останати граѓани, од аспект на клучните животни прашања.
„Замислете да не мора да се плашите дали ќе ве избркаат од изнајмениот стан ако ја видат неусогласената лична карта, а вие сте во процес на долгогодишно чекање да ја усогласите. Замислете да не мора да одговарате на вознемирувачки интимни прашања на интервју за работа, само затоа што виделе дека буквата во документите не ви одговара на името. Од искуствата на лицата кои досега ги имаат променето документите, зборуваме за чувство на слобода, не само да се биде, туку да се дејствува, да се патува, да се работи, да се напредува. Живот без пречки и уназадувања поради туѓите предрасуди“, додава Раиден.
Лила Милиќ од „ТрансФорма“ за ПИНА, истовремено вели дека со носењето на законот, трансродовите лица нема да бидат граѓани од последен ред и нема да бидат оставени на маргините во општеството.
„Во државава, дозволено е да се променат името и презимето, но не е дозволено да се промени ознаката за пол и матичниот број што води до неуслогласени документи кај трансродовите лица […] Носењето на овој закон значи интегрирање на трансродовите луѓе во општеството, можност за вработување, образование, добивање на социјална, правна и здравствена заштита, намалување на институционалната дискриминација“, смета Милиќ.
Таа објаснува дека во земјава, досега околу 10 лица ги промениле документите од 2011 година, додека уште околу 10 лица чекаат за промена на ознаката за пол во личните документи.
Истовремено, вели дека доколку во следниот период не се донесат измените, чиј процес започна пред 4 години, по пресудата на Европскиот суд за човекови права каде лицето Икс ја тужеше државата, трансродовите лица колективно ќе поднесат тужба против државата до истиот суд.
Измените на доработка, причините спорни
Откако некои македонски медиуми јавија дека законот е повлечен од собраниска процедура, по неколку часа стигна и официјална потврда од Владата.
Оттаму, меѓудругото посочија дека одлуката е донесена поради доусогласување на Законот за матична евиденција со реформираниот систем на регистрација на новородени деца, додавајќи дека законските одредби се застарени и не одговараат на реалната состојба со која се соочува правниот систем.
„Од друга страна, законското решение е застарено во поглед на неевидентираните лица и истиот е потребно дополнително да се усогласи со Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени кој што е донесен во 2020 година. Законското решение со кое се уредува системот на евиденција во матичните книги на родени, венчани и умрени треба се усогласи и со процесот на дигитализација и интероперабилност“, соопштија од Владата.
Ваквиот потег, Милиќ вели дека е повторно враќање назад за 4 години, каде повторно ќе треба да доработат за да го вратат законот во собраниска процедура.
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) пак, акцентот го стави и на други причини за повлекувањето на законот.
„Загрижува фактот што најгласните противници на овој закон очигледно го немаат прочитано предлог-законот. Доколку истите го прочитале, одговорите на нивните прашања и дилеми ќе ги нашле токму во предлог законот. Законот гарантира заштита на бракот, вклучувајќи задолжителен развод на брак пред да се бара измена на податокот за пол. Законот изрично вели: уредување на постапката во сите области којшто ќе бидат засегнати од промената на податокот за пол. Дури потоа, на крај, лицето кое што бара промена на податокот за пол потпишува изјава заверена на нотар“, рече Наташа Бошкова од НМХТ.
Kажувањата дека со усвојувањето на предлог-законот се злоупотребуваат законите за извршување санкции и за искористување на правото на пензија, Бошкова вели дека не се точни, бидејќи во него има гаранција дека граѓаните кои ќе пристапат до правно признавање на родот не можат да го злоупотребат тоа.
Исто така, Бошкова нагласи дека законот е во Собрание веќе една година, како и дека воопшто не била одржана јавна расправа на која ќе се посочат аргументите, но и ќе се одговори на, како што рече, дали овие стравови се оправдани или се резултат на длабоко вкоренета трансфобија.
Милиќ пак, потенцира дека најпроблематично е, како што вели, „што дел од пратениците го немаат прочитано предлог-законот, а излегоа со изјави дека се против овој закон“.
„Како иницијатива после повлекувањето на законот испративме писмено барање за средба со дел од пратениците и до ден денеска немаме никаков одговор од истите“, потенцира Милиќ.
Од мрежата, меѓудругото побараа законот повторно да се врати во собраниска процедура, како и што поскоро да се усвои од пратениците.
„Спроведувањето на овој закон нема буџетски импликации, ниту пак какви било други негативни влијанија за општата јавност. Едноставно, има само позитивни ефекти за трансродовите лица кои сакаат да ги усогласат своите лични документи, што е во насока на стратешките определби на нашата земја да изгради општество еднакво за сите и со развојните политики никој да не биде изоставен“, додадоа од НМХТ.
Автор: Мартин Колоски