Лошиот квалитет на воздухот во Западен Балкан го става регионот на врвот на најзагадените области во Европа и предизвикува пад на јавното здравје. Земјите од регионот се особено изложени на ризик, бидејќи аерозагадувањето, во комбинација со пониско ниво на економски развој, сиромаштија и суб-стандардните здравствени системи, заедно создаваат смртоносна состојба.
Проценките на Европската агенција за животна средина се дека загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува 30.000 предвремени смртни случаи годишно. Животниот век е намален за една година, а 3,4 милијарди евра чинат здравствените трошоци секоја година што ги плаќаат граѓаните од Западен Балкан. Ваквите податоци беа објавени уште во извештајот во 2019 година и се провлекуваат и во најновиот извешај којшто беше објавен во декември 2021 година. Во него се потенцира дека вдишувањето загаден воздух доведува до зголемена смртност, скратен животен век и зголемување на бројот на хронични заболувања, а растат и здравствените трошоци. Намалувањето на загаденоста на воздухот е мерка која директно би го зголемила квалитетот на животот и здравјето на граѓаните, а индиректно би ја намалила стапката на смртност.
Проценки на Европската агенција за животна средина
Според проценките на Европската агенција за животна средина, загадувањето на воздухот во земјите од Западен Балкан довело до 22.670 предвремени смртни случаи кои се поради прекумерно загадување со ПМ честички (ПМ2,5); 1.060 поради прекумерно загадување со озонот (О3); и 1.670 смртни случаи поради прекумерно загадување со азот диоксид (NO2).
Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија наведува дека загадувањето на воздухот, во просек, придонесува од 4% до 19% од вкупната стапка на предвремена смртност и го намалува очекуваниот животен век за 0.4 до 1.3 години во земјите од Западен Балкан. Се проценува дека изложеноста на фини честички (ПМ 2.5) е одговорна за 75% од сите смртни случаи поврзани со изложеност на загаден воздух. Вредностите на дозволените емисии на загадувачки материи дефинирани во правилниците за квалитетот на воздухот – во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Србија се повисоки отколку во повеќето земји-членки на ЕУ.
„Според проценките на Европската агенција за животна средина, над 30.000 луѓе прерано умираат поради загадениот воздух во Западен Балкан. Исто така, според HEAL, сите ние во регионот плаќаме дополнителни трошоци за здравствена заштита за да се справиме со ефектите од прекумерното загадување на воздухот, во висина од 1,2 до 3,4 милијарди евра годишно. Почистиот воздух во Западен Балкан ќе ги намали трошоците за здравствена заштита и стапката на предвремени смртни случаи“, вели за ПИНА, Горјан Јовановски, софтверски инженер, еко-активист и креатор на апликацијата МојВоздух/AirCare. Тој е дел од иницијативата „Обединет Балкан за чист воздух“ која неодамна објави студија за загадувањето на воздухот и неговите последици врз стапката на смртност и здравјето на Западен Балкан. Автор на студијата е Срѓан Кукољ, активист со дведецениско професионално искуство во управувањето меѓународни проекти од областа на јавното здравје.
Извори на загадување
Дел од главните извори на загадување на воздухот во Западен Балкан се употребата на јаглен за производство на електрична енергија, согорување на јаглен и дрво во станбени и комерцијални објекти, емисии од индустријата, согорување на отпад, земјоделски и градежни активности, транспортни возила и генератори на дизел. Овие се главните извори на потекло за честички (ПМ2,5 и ПМ10), озон, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксид и тешки метали, кои се одговорни за милиони предвремени смртни случаи секоја година во светот.
Кукољ посочува дека штетните ефекти на загадениот воздух предизвикуваат зголемена стапка на смртност од мозочен удар, срцеви заболувања, хронични белодробни заболувања, рак на белите дробови и акутни респираторни инфекции.
Последиците на загадувањето се плаќаат со човечки животи
Податоците од извештајот „Хронично загадување со јаглен“ покажуваат дека повеќе од половина од предвремените смртни случаи во 2016 година предизвикани од емисиите од електрани на јаглен на Западен Балкан се во ЕУ: 2.013 од 3.906 предвремени смртни случаи го погодиле населението на ЕУ, додека 1.239 смртни случаи во Западен Балкан и 654 на други локации. Србија трпи најмногу здравствени последици поради загадувањето со јаглен од регионот – 570 предвремени смртни случаи годишно. Во земјата има 11.400 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички, во БиХ – 5.900 смртни случаи, Албанија – 4.000 смртни случаи, Косово – 2.800 и Црна Гора со 900 смртни случаи поради прекумерно загадување со ситни честички.
„Аерозагадувањето има поголемо влијание врз скратувањето на животот на постарата популација и на децата на возраст под пет години, што е особено случај во земјите со ниски примања. На глобално ниво, околу 75% од смртните случаи предизвикани од загадување на воздухот се јавуваат кај луѓе постари од 60 години. Во декември, овие факти за прв пат се потврдени на суд. Имено, британскиот суд призна медицински докази кои покажаа дека 9-годишно девојче починало од загадување на воздухот“, вели Јовановски за ПИНА.
Само во 2015 година, глобалното загадување на воздухот предизвикало дополнителни 8,8 милиони предвремени смртни случаи. Ова значи просечно скратување на животниот век за речиси три години на сите луѓе ширум светот. За споредба, пушењето тутун го скратува животниот век во просек за 2,2 години (7,2 милиони смртни случаи), ХИВ/СИДА за 0,7 години (1 милион смртни случаи), болести како маларија кои ги носат паразити или инсекти како што се комарци, крлежи и болви за 0,6 години (600.000 смртни случаи) и сите форми на насилство (вклучувајќи смртни случаи за време на војна) за 0,3 години (530.000 смртни случаи).
Лицата со понизок социо-економски статус често се повеќе изложени на загадување на воздухот, бидејќи имаат тенденција да живеат во области со голем интензитет на сообраќај и близу до извори на загадување, како што се електрани и индустриски капацитети. Покрај тоа, во повеќето случаи сиромашните луѓе работат тешка работа што подразбира професионална изложеност на гасови, честички, гасови и тешки метали. Цената на загадувањето на воздухот се рефлектира и во здравствените трошоци. Се проценува дека само електраните на јаглен во Западен Балкан предизвикуваат економски штети во форма на здравствени трошоци кои се движат од 1.2 до 3.4 милијарди евра секоја година.
Како до подобро здравје и почист воздух во Западен Балкан?
Еколозите се децидни – за да спасиме човечки животи и да го зачуваме јавното здравје, мора што побрзо да го подобриме квалитетот на воздухот, како и состојбата на јавното здравство преку унапредување на здравствените системи.
„Потребно е да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во процесите на планирање и на локално и на државно ниво. Сепак, што е најважно, овие мерки не смеат да останат само на хратија, и мора да се обезбедат соодветни ресурси за нивно спроведување. Затоа, земјите од Западен Балкан ќе мора да ги зголемат своите национални и локални буџети за контрола на загадувањето на воздухот и да постават приоритети кои имаат за цел да го намалат влијанието на емисиите на загадувачи врз населението и животната средина“, вели Јовановски.
Во студијата на „Обединет Балкан за чист воздух“ се препорачува дека најфундаменталното решение за загадувањето на воздухот е постепено исфрлање на фосилните горива и нивна замена со алтернативи како што се сончевата, ветерната и геотермалната енергија. Производството на чиста енергија е од клучно значење. Сепак, подеднакво важен чекор е да се намали потрошувачката на енергија со усвојување одговорни навики и користење уреди кои се повеќе ефикасни. Премин на електрични и водородни возила и промовирање на јавен транспорт може да го намали загадувањето на воздухот. Еколозите бараат да се дефинира намалувањето на загадувањето на воздухот како национален и меѓународен приоритет и да се интегрира во државата и процесите на планирање на развојот на градот. Да се зголеми националниот буџет за контрола на загадувањето и да се постават приоритети посветени на намалување на влијанието на загадувачи врз населението и животната средина. Според нив, потребно е да се воспостави и систем за следење на загадувањето и неговите ефекти врз јавното здравје.
Спречувањето на болести кои се резултат на слабиот квалитет на воздухот треба да стане составен дел од приоритетите на политиката за животна средина. Покрај тоа, ова мора да биде придружено со мерки за решавање на климатските промени, кои се повеќе влијаат на скоро сите аспекти на животот. Но на крај, намалувањето на стапката на смртност, продолжувањето на животниот век и намалувањето на трошоците за здравствена заштита при дишење на загаден воздух, исто така, бара акција и од граѓаните. Прашањето за аерозагадувањето – кое не познава граници меѓу државите од западен Балкан – може да се реши само на солидарен начин, на регионално ниво.
Авторка: Даниела Зафировска