Дискриминацијата и економското исклучување на ЛГБТИ лицата

0
93

Македонија може да го зголеми бруто домашниот производ за 0.6%, што е еднакво на 64 милиони американски долари годишно, доколку ЛГБТИ+ лицата се вклучат во пазарот на трудот, според неодамнешниот извештај на Светска Банка.

Од Светска Банка јасно посочуваат кон дискриминацијата која овие лица постојано ја трпат. Оттаму наведуваат дека иако Македонија воведе важни реформи кои ги штитат правата на ЛГБТИ+ лицата, тие продолжуваат да се соочуваат со дискриминација и исклучување, а едно од седум лица продолжуваат да доживуваат дискриминација на работното место при вработување, отпуштање и професионално напредување.

Доколку зборуваме за дискриминацијата кон ЛГБТИ+ лицата, треба да почнеме од самите корени, односно на моментите на врсничко насилство од најрана возраст и како тоа влијае и на пазарот на трудот, смета психологот, семеен и системски психотерапевт под супервизија и претседател на Скопскиот квир центар Давид Тасевски.

Сите форми на насилство, односно самите ефекти можат да резултираат со последици врз менталното здравје, смета Тасевски, додавајќи дека тоа пак директно влијае врз академскиот успех, самодовербата и резултира со напуштање на образовниот процес кај младите ЛГБТИ+ луѓе.

„Желбата за социјална изолација и напуштање на образовниот процес, се појавува токму во функција на заштита на личноста од изложување на насилство во една средина која е заканувачка по него. Ова е процес кој не може накратко да се објасни, меѓутоа, ова е текот на настаните кај многу ЛГБТИ+ луѓе кои живеат на маргините, но, и кај припадници на други маргинализирани групи“, посочува Тасевски.

Од високата стапка на невработеност, државата е таа што губи, бидејќи имаме граѓани на кои им е потребна државна помош, и не успеваат да дојдат на позиција тие да инвестираат преку своите примања, истакнува претседателот на Скопскиот квир центар.

Трошоците за здравствена заштита на крајот, Тасевски додава дека се повторно на товар на системот за јавно здравје, бидејќи има луѓе кои долги години се маргинализирани и под ризик, а ефектите врз здравјето кај нив се негативни.

„Секоја маргинализирана група, која е нееднакво третирана и трпи ефекти од дискриминацијата и маргинализацијата, резултира со губење на човечки капитал, бидејќи поединците не се во можност да придонесат со своите вештини и експертиза, која погоре рековме дека не ја стекнале бидејќи излегле од образовниот процес или се изолирале. Објаснето до тука, голем дел од оние ‘мразачи’ би рекле ‘па не нè интересира ова нас, ние и онака ги мразиме’. И ова не е така, интересот е заеднички, заради тоа што човек кој поради дискриминација и насилство се изолирал и не успеал да ги изгради своите вештини, во еден момент, ќе остане на товар на државата“, вели Тасевски.

Економистот од Виенскиот институт за меѓународни економски студии Бранимир Јовановиќ вели дека губењето 0.6% од бруто домашниот производ годишно поради економската исклученост на ЛГБТИ+ лицата се случува поради тоа што тие не можат да најдат вработување какво што им одговара.

Дополнително, вели дека тоа се случува и поради тоа што имаат пониски плати, или пак се соочуваат со пречки во водењето бизнис, само поради нивниот идентитет.

„Буџетот исто така губи приходи поради ова, околу 14 милиони евра годишно. Сепак, јас прашањето за дискриминацијата на ЛГБТИ лицата не би го набљудувал стриктно низ призма на БДП. БДП е проблематичен индикатор по многу основи. Дискриминацијата на ЛГБТИ лицата, и секоја дискриминација воопшто, е лоша не затоа што го намалува БДП-то, туку затоа што го влошува животот на луѓето. Треба да се бориме против дискриминацијата не за да постигнеме повисок БДП, туку за да обезбедиме сите луѓе да имаат еднакви права и можности“, вели Јовановиќ.

Истовремено, тој смета дека вистинскиот непријател е системот кој експлоатира, а кој е воден од корумпираните бизнис-политички елити.

Овие елити, како што вели Јовановиќ, не само што експлоатираат и угнетуваат, туку и ги вртат сиромашните, работниците и ЛГБТИ+ лицата едни против други.

„Го посејуваат семето на раздорот кај секоја од нив, велејќи им на работниците дека ЛГБТИ лицата се опасни по општеството, а на ЛГБТИ лицата дека работниците се тие кои ги мразат и дискриминираат. И додека тие се караат помеѓу себе, елитите продолжуваат да владеат и да се богатат на нивна сметка. Оваа приказна мора постојано да се истакнува и да се шири, зашто без да се сфати ова, нема да има вистинска еманципација на ниедна угнетена група“ вели Јовановиќ.

Според Јовановиќ, постојат три клучни начини со кои државата мора да се справи.

Еден од нив е и казнување за случаите кога има дискриминација по оваа основа.

„Македонија како држава има огромен проблем со неказнивоста, тоа се гледа секојдневно, на сите страни, ама за жал, пак ништо не се прави во врска со тоа. Мора еднаш да се стави крај на таа пракса, ако сакаме да почнеме да наликуваме на функционална држава“, посочува Јовановиќ.

Истовремено, потребно е и подобрување на соработката помеѓу ЛГБТИ+ активистите и синдикатите. Како што вели Јовановиќ, активистите мора да сфатат дека дискриминацијата со која се соочуваат е дел од капиталистичката експлоатација.

Синдикатите пак, од друга страна, економистот смета дека синдикатите мора да сфатат дека ЛГБТИ лицата се дел од работничката класа која тие ја претставуваат.

И двете страни мора да сфатат дека тие се соборци, а не противници, и дека само со соработка можат да се изборат за своите права“, додава Јовановиќ.

Меѓудругото, тој е дециден дека е многу важно да се работи на развивање на јавната свест во врска со ЛГБТИ лицата и со општествената репресија.

„ЛГБТИ лицата не се ничии непријатели. Тие не се оние кои владеат и угнетуваат. И работниците, и сиромашните, и ЛГБТИ лицата се угнетени од страна на системот“, дециден е Јовановиќ.

Во извештајот на Светска Банка се посочува дека политиките насочени кон зајакнување на социјалното вклучување на припадниците на ЛГБТ-заедницата би помогнале во изградба на поправедни и рамноправни општества кои ќе бидат од корист за економиите.

Истовремено, таму се забележува дека поголемата вклученост на ЛГТБ-лицата бара акција за спроведување на клучните реформи договорени како дел од процесот на пристапување во Европската Унија.

Дополнително се наведува дека поефективна имплементација на постоечките закони би можела подобро да ги заштити правата на ЛГБТ-лицата на пазарот на трудот, така што би се привлекол најдобриот можен талент и би се задржал на инклузивен начин.

Авторка: Сара Танаскоска