Новиот привремен дом на украинското семејство Орлоскаја е хотел во Струга, каде престојуваат бесплатно, благодарение на апелите на социјалните мрежи.
Оваа семејство со пет деца, од кое најмалото е еден месец, а најголемото 15 години, деновиве дојде во Македонија од украинскиот град Запорожје.
Со нив во земјава дојде и ќерка на нивен пријател.
Освен спомените, роднините, пријателите и целокупниот живот во Запорожје, како што раскажува мајката, Марија Орлоскаја, оставиле и куќа, но и бизнис кој го развивале осум години.
„Поради гранатирањето се тресеа ѕидовите на куќата, а кога низ градот почнаа да се шетаат и вооружени лица, одлучивме дека е време да заминеме.
Оставивме се зад себе, дојдовме во Македонија со една торба”, вели Орлоскаја за ПИНА.
Како прибежиште од војната во Украина, ја избрале Македонија, бидејќи многу им се допаднала, посетувајќи ја минатата година, како дел од регионална тура.
Деновиве благодарение на хуманите луѓе и апелите на социјалните мрежи се собира храна и други работи кои им се потребни на оваа семејство, а Орлоскаја вели дека нејзиното семејство сака да продолжи да работи и да си обезбедува финансии самостојно, за да може да функционира додека е во земјава.
Во Украина, нејзиниот сопруг работел како благајник, а таа била доктор невропатолог и нутриционист, а водела грижа и за трудници.
„Сакаме да работиме, но моментално тоа е невозможно, бидејќи немаме официјални документи за работа“, вели Орлоскаја и посочува:
“Сакаме и ние да бидеме корисни. Јас сум доктор, нутриционист, лекувам со билки.
Сопругот и јас правиме и масажи и водиме часови по јога.
Можам да правам и програми за здрава исхрана и да ве научам да готвите.
Мојот сопруг поправа и компјутери, прави веб-страници, имаме минибус и приколка и може нешто да пренесуваме за мал надомест.
Нашата најстара ќерка и нејзината пријателка (која што ја напушти Украина без нејзините родители) имаат 15 години, свират на гитара и добро пеат, тренираат кучиња професионално и можат да помогнат да ја средат вашата градина или да го прошетаат кучето“.
Во соседниот Охрид престојува и семејство со три деца од Полтава, кое планирало да остане во Полска, но поради високите кирии, се одлучило да дојде во Македонија.
Во земјава, според објавите на медиумите, престојуваат уште неколку семејства од Украина.
Бројот на бегалци во Украина според податоци на Обединетите нации, изнесува над 10 милиони, од кои над 3,7 милиони ја напуштиле државата, а другите се внатрешно раселени, претежно жени и деца.
Бројката молскавично расте секој ден, а најголем дел од украинските бегалци, над 2 милиони, прибежиште најдоа во соседна Полска.
Во Македонија официјално нема Украинци кои побарале статус на бегалец
Официјално во Македонија моментално престојуваат над 500 Украинци, кои најчесто се сместени кај роднини или пријатели.
„Досега според информациите нема лица кои побарале статус на бегалец. Сите оние коишто доаѓаат се сместуваат кај роднини и пријатели.
Перидов влезени се 1.924 украински држвјани, додека од излез на државата се регистрирани 1.365“, изјави деновиве Душко Арсовски, портпарол на Влада.
Нема јасни насоки за бегалците, се уште не се знае каде ќе се сместуваат
Се уште не е познато каде ќе се сместуваат бегалците од Украина и кои се поволности ќе ги добијат во Македонија.
Владата неодамна го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансиски средства во износ од 120 милиони денари за организирање и обезбедување на хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓаните од Украина.
Задолженија за згрижување на бегалци од Украина, добија и министерствата за здравство, надворешни работи, за труд и социјална политика, за внатрешни работи и Генералниот секретаријат на Владата.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, претходно изјави дека списокот со сместувачки капацитети за бегалци од Украина се уште не е довршен, бидејќи, како што посочи, постојано се прикажуваат нови капацитети од страна на институциите.
Подвлече и дека секој бегалец од Украина ќе биде згрижен.
Не е јасно што се случува и со најавата дека бегалците од Украина ќе добиваат бесплатна здравствена помош. Неодамна на Гинекологија во скопски Чаир, се породи Украинка, која донесе на свет здраво девојче, информираа од Министерството за здравство.
Нема и официјални насоки што кога бегалците од Украина би сакале да работат во земјава, како што е случајот со семејството Орлоскаја, или ако сакаат нивните деца да продолжат со школувањето.
Она што е познато е дека сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во Македонија ќе бидат ослободени од плаќање на гранично осигурување.
Оваа одлука ја донесе Националното биро за осигурување (НБО) во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување на иницијатива добиена од Владата.
Одлуката на НБО важи за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали возилата ќе транзитираат низ македонска територија или ќе останат во нашата земја.
Одлуката на НБО ќе важи до 30 јуни годинава, а истата беше донесена со консензус на сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување кои работат на македонскиот пазар за осигурување.
Управниот одбор на НБО одлучи и од својот Гарантен фонд да ги надомести сите евентуални штети во сообраќајот што би ги предизвикале тие возила во земјава.
За разлика од Македонија, каде многу работи се уште не се јасни, сите бегалци од Украина ќе имаат право на заштита во Европската Унија. Европската Комисија неодамна предложи да се активира директивата за привремена заштита на украинските бегалци со која се овозможува издавање дозволи за престој, право на работа, социјална и здравствена заштита и образование.
Во повеќето земји од ЕУ, како на пример Италија и Словачка, децата од Украина веќе се интегрираа и во образовниот систем на тие држави.
Фото: Фејсбук/Орлоскаја/Украинско министерство за одбрана
Автор: Петре Димитров