Иселувањето во Крива Паланка и Кратово се’ повидливо

0
15

Незадоволни од платите, социјалната заштита, здравството, образованието, жителите на градовите од најнеразвиениот регион во државата, масовно се иселуваат. Оние што остануваат внуците си ги гледаат само „на камера“. 

„На 69 години за прв пат се качив во авион и сама заминав во Италија за да си ги видам внуците“ – вели Цветанка Илиевска од Крива Паланка.

„Нова година и Божиќ ги поминуваме во Германија кај синот, снаата и внуците затоа што тие немаат одмор за нашиот Божиќ, па не може да дојдат да бидеме заедно. Се гледаме тогаш, и уште еднаш летоска. Инаку само преку камера“ – споделува Венко од Кратово.

„Има превозници преку кои често праќаме пратки за ќерката и внуците во Германија. Праќаме зимница и некои работи кои ги немаат таму“ – коментира Сузана од кратовското село Железница. 

Ова е реалноста за повозрасните кривопаланчани и кратовци чии деца се иселиле во странство за да имаат подобри услови за живот и посигурна иднина.

Градовите Крива Паланка и Кратово се евидентни примери каде иселувањето во последните години има алармантни размери, што е се повидливо во секојдневието. Одделенијата и класовите се со сѐ помал број на ученици.

Оливер Арсовски кој две децении работи како професор во средното училиште „Митко Пенџуклиски“ во Кратово за ПИНА вели дека бројот на матуранти во рок од една деценија е тројно преполовен. 

„Негативниот тренд на опаѓање на бројот на ученици е присутен секаде низ земјава, но се чини дека североистокот е најмногу погоден. Колку за споредба, годинава во нашето училиште имаме само 37 матуранти, застрашувачки мала бројка во однос на бројките од пред само 15-тина години. Тогаш имавме по 100-120 матуранти, а вкупната бројка на ученици достигаше и до 540 ученици. Сега во целото училиште имаме помалку од 160 ученици, со тенденција бројката уште да опаѓа во следните години“, вели професорот Арсовски.

Општина Кратово нема податоци за бројот на отселени лица. Според последниот попис градот има околу 5.000 жители, а со околните села колу 7.500. 

Претходниот попис на населението, од 2002 година, пак нотира дека градот имал околу 7.500 жители, а општината вкупно околу 11.000 жители. Значи до денес, Кратово го напуштиле околу 3.500 жители. 

Во прво одделение во учебната 2023/2024 во единственото основно училиште во Кратово, „Кочо Рацин“ биле запишани 30 ученици или две паралелки во централното училиште и по неколку ученици во подрачните училишта.  Претходната, учебна година имало запишано 9 ученици повеќе. А од општината велат спроведуваат разни проекти  за намалување на иселувањето. 

„Општината воглавно реализира инфраструктурни проекти како и проекти за заштита на културно историските знаменитости, организација на културни манифестации и проекти насочени кон промоција и развој на туристичкиот потенцијал“, велат од општина Кратово.

Но, се чини дека туризмот на чија основа сака да се развива ова мало, но историско гратче во земјава, не е доволно стабилна основа за просперитетна иднина за младите. 

Тоа го потврдува и песимистичкиот и краток одговор од општината дека недоволна е поддршката од државата за унапредување на квалитетот на живот во Кратово без да навлегуваат во болната проблематика и да дебатираат за „виновникот“.

Слична, или народски кажано „за нијанса подобра“, е ситуацијата со Крива Паланка. Од општината велат дека немаат официјален податок за отселени лица. Но, ако се земат бројките по основ на пописот има депопулација од 20.820 на 18.059 жители.

Факт е дека за градот, во изминатите години се слушаше многу во позитивен контекст, пред сѐ за урбаниот живот, уредувањето на централното градско подрачје и богатата понуда на културно-уметнички содржини, но, сепак тоа не ги спречува кривопаланчани среќата ја бараат далеку од родниот крај. Главната причина е егзистенцијата.

„Ги школувавме и синот и ќерката во Скопје, но откако не се снајдоа со работа тука заминаа. Верувајте тука нема што да прават, а во Скопје пак ќе треба да плаќаат кирии. Криво ни е, но, за жал, сме се нашле тука“, вели една 67-годишна кривопаланчанка.

„Не верував дека еден ден ќе мора да патуваме со авион за да си ги видиме внуците кои им се најмили на бабите и дедовците. Ама, јас му кажав на синот да замине, што да прави тука, на каква иднина да се надева во државата каде мора да имаш партиска книшка, а не диплома и знање“, споделува кривопаланчанецот Ставре кој се пофали дека неговата снаа во Германија е докторка, а синот работи во фабрика за авто-делови. 

„Јас се надевам дека ќе спечалат, па ќе се врати синот со семејството. Не знам кој ќе нѐ гледа на старост“, кратко коментира друг жител. 

Директорот на Центарот за развој на Североисточен плански регион, Младен Протиќ вели дека иселувањето во последната деценија се должи пред сѐ на економската, правната и социјалната несигурност која ја чувствуваат жителите.

„Тука секако игра улога и вмешаност на политиката во сите пори на општественото живеење и општиот впечаток дека за вработување и напредување во кариерата не се доволни само образованието и квалификациите кои ги поседува одредено лице, туку и политички амин“, вели Протиќ. 

Од општината велат дека преку програмата за локален економски развој овозможуваат субвенција за најуспешните млади земјоделци, поддршка за органско производство и за општествено одговорна локална компанија, а се прави анализа на потребите на локалните компании преку локалниот економски совет.

 „Во последните неколку години благодарејќи на одличниот однос со централните власти, општината има добиено многу голема поддршка, во смисла на финансиска подршка за имплементација на повеќе крупни инфраструктурни проекти – изградба на градски плоштад, поврзување со патна инфраструктура до сите села во општината, изградба на автопат кон Бугарија и реконструкција на патот Крива Паланка-Деве Баир кон Бугарија. Со средства од централната власт изградени се повеќе километри водоводна и канализациона мрежа, изградени се спортски објекти и детски игралишта и уредени се повеќе катчиња во општината“, вели Антонио Давитковски, раководител на Одделението за локален економски развој и евроинтеграции во општината.

 Оттаму додаваат и дека општината секоја година имплементира богата културна програма и дава поддршка и на спортските клубови со директни субвенции, субвенционирани се млади таленти, матуранти, спортисти и лица со посебни потреби, семејства од загрозена категорија. 

Законот налага 1 отсто од БДП да оди за рамномерен регионален развој на општините. Но, Протиќ појаснува дека ваквата обврска има „две страни на медалата“. Според него, најмногу средства државата треба сепак да одобрува за најнеразвиениот регион, а тоа е токму Североисточниот каде и спаѓаат Кратово и Крива Паланка. 

„Поголем предизвик од тоа дали се одвојува 1% од БДП за регионални проекти, е прашањето дали при тоа се почитува формулата од методологијата за развиеност/неразвиеност на регионите, според која за најразвиениот Скопски регион би требало да се одвојуваат најмалку средства, а за најнеразвиениот Североисточен најмногу, а се со цел отстранување на диспаритетите помеѓу регионите“, поентира Протиќ. 

Според него, се прават и обиди за софтверско поврзување на сите министерства со цел вмрежување на податоци за сите проекти со назнака регионални, со што би се имал точен увид во спроведување на политиките за регионален развој. 

Од Бирото за регионален развој не добивме одговор на нашите прашања за темата.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, пак, на почетокот на својот мандат вети дека нема да има диспаритет меѓу општините во нивниот развој. Главен фокус ќе му биде токму рамномерен регионален развој и развој на регионите во кои имало најмалку инфрастуктурни и друг вид на проекти. 

„Во таа насока ќе ја ревидираме Стратегијата за рамномерен регионален развој и ќе се потрудиме да го исполниме предизборното ветување. Јас можам да ветам дека нема да има заборавена општина, нема да има место во кое нема да инвестираме како централна власт. Проектите ќе се формираат согласно критериумите, односно потребите од локалните самоуправи“, вели Перински кој потенцира дека темата која се однесува на демографијата не е предмет на министерството за локална самоуправа. 

Досега иселувањето покажува дека заложбите или остануваат само на зборови или не го имаат посакуваниот ефект. Додека речиси секој втор млад, но и повозрасен, размислува како да ја среди документацијата и да го спакува куферот во еден правец, оние што остануваат во земјава, животот на своите најмили останува да го следат преку социјалните мрежи.

Авторка: Христина Николовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА