Со пукнувањето на сонцето и почетокот на земјоделските работи во полето, во Пелагонискиот регион, како еден од најземјоделските краеви во Македонија, и под дрво и под камен, ќе се бараат работници – садачки, копачки и берачки на тутун. Повторно ќе вријат групите на социјалните мрежи за понуда и побарувачка на работна сила. Дневницата расте, условите се зголемуваат, земање од дома на работнички, задолжителен оброк… Од друга страна, ангажирање на сезонски работнички често пати е без подмирени и платени давачки кон државата.
Вкупно 33 проценти од Бруто домашниот производ на годишно ниво во Македонија отпаѓа на сивата економија, според здружението ЛАГ АГРО ЛИДЕР. Според нивното истражување, над 40.000 работници во земјоделскиот сектор се ангажирани неформално, односно над 50% од вкупниот број на лица кои работат „на црно“ во државава. Невладината организација изработи и документ за јавна политика. Предлагаат поголема институционална одговорност и доверба, како и оние кои што работат земјоделски површини од над еден хектар задолжително да бидат пријавени како правни субјекти, па дури и фискализација на зелените пазари.
Што ќе донесе намалувањето на степенот на скриената економија во земјоделскиот сектор, односно дали со вклучување на избегнатите даноци, граѓаните ќе имаат подобар социо-економски живот во заедницата, е прашање кое ги оптоварува сите чинители. Но, од друга страна, се намалува и бројот на неформално ангажираните работници под налетот на временото иселување во земјите на Европската Унија и вработувањето во поголемите прозиводствени капацитети.
Дневница, превоз и појадок за корначките на расад за тутун
Само пет отсто од работниците кои извршуваат земјоделски работи во Пелагонискиот регион имаат договор за работа, а над 40 илјади лица се ангажирани како аргати, на дневница. Не постои база каде што може да се најдат таквите лица. Најчесто се наоѓаат преку семејни контакти, а во последно време и преку социјалните мрежи. Речиси никој од нив не сака јавно да говори. Таква е и нашата соговорничка која сака да остане анонимна. Таа е една од работниците во земјоделскиот сектор кои се ангажирани неформално во прилепскиот регион. Поточно, вработена е во една од компаниите кои функционираат во Технолошко-индустриската развојна зона во Прилеп, но работи и како аргатка. По завршувањето на осум часовната работна смена, некогаш и без здив да земе и стави глава на перница, без да си ги протегне нозете од долготрајното стоење во работничкиот погон, ги облекува гумените чизми и заминува да корне расад, да сади, а потоа и да бере тутун. Тоа го прави веќе неколку години, во летните месеци откако ќе започне работата на тутунските полиња.
„Одам за дневница, за да однесам денар плус дома. Имам син кој неодамна се ожени, живееме под кирија и само јас знам како ми е. Група сме од неколку жени. Не земаат со автомобил, дали попладне после работа или откако ќе си дојдам од трета смена. Еден час ни плаќаат од 200 до 250 денари. Добиваме и појадок. Со мене има и жени кои никогаш не работеле, дури и пензионерки кои се физички издржливи. А дали ја оштетувам државата и дали губам што немам некаков договор, не ме интересира“, вели таа.
Голем дел од компаниите сметаат дека неформалните ангажирања не се опасни за нив. Во невладината организација Лаг Агро лидер дошле до фрапантни податоци од истражувањето за неформалната економија во земјоделскиот сектор во Пелагонија спроведено лани од јули до септември.
„Дури 95 проценти од компаниите кои се занимаваат со земјоделска дејност сметаат дека скриената економија и ангажирањето на лица на неформален начин не претставува ризик за нивната компанија. Од друга страна, оштетени се лицата кои се неформално ангажирани бидејќи не им се плаќа толку колку што се договорени. Оштетена е и општината која не добива дел од персоналниот данок“, објаснува Даниела Цветаноска, претседател на здружението ЛАГ Агро лидер .
Таа додава дека е фрапантен податокот дека голем дел од испитаниците знаат дека имало инспекциски надзор, но не знаат што се случило потоа.
“Инспекцискиот надзор не излегува на терен од 4 до 7 часот наутро и попладне од 17 до 20 часот и кога реално има највисок процент на неформално ангажирани лица во земјоделскиот сектор. Односно работното време на инспекциските служби е од 8 до 16 часот, период кога има најмалку скриена економија во земјоделскиот сектор“, вели Цветаноска.
Во истражувањето вклучени биле над 200 испитаници, од кои 170 работници и 40 компании. Опфатени се општините Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени и Могила, Новаци, Битола, Демир Хисар и Ресен.
Посиромашните земји имаат повисок степен на скриена економија
Неформалната, односно сивата економија е присутна во речиси сите земји. Многу е тешко да се измери, и нивото на сивата економија се поврзуват со степенот на развиеност на државата. Се користат директни методи врз основа на податоци од анкети, набљудувања и интервјуа со економските оператори, како и индиректни методи преку кои се утврдува степенот на сивата економија со помош на макроекономските индикатори, како што се односот помеѓу готовината и депозитите, физичкиот инпут и сл. Општо, земјите со понизок степен на развиеност имаат повисока неформална економија, главно поради неможноста на формалниот сектор да создаде доволно работни места.
„Но, практиката и во земјите од ЕУ покажува дека неформалниот сектор опстојува и на повисоко ниво на развиеност. Според процените на ММФ, сивата економија во просек е на ниво од 35% од БДП во ниско и средно развиените економии, за разлика од 15% од БДП во развиените економии. На пример, проценката за степенот на застапеност на сивата економија во Австрија е околу 9%, во Германија 15%, во Грција 26% итн. Согласно последните институционални пресметки на Министерството за економија, во 2011 година неформалната економија изнесувала околу 30% од БДП“, објаснуваат од Лаг Агро Лидер.
Дел од емпириските студии покажуваат дека степенот на неформална економија во Македонија во одредени временски периоди во минатото достигнувал од 40% до 50% од БДП. Во земјите од регионот, сивата економија се движи околу 30%.
„На пример, во Косово околу 39%, Црна Гора 38%, Хрватска 35%, Србија 34%, Босна и Херцеговина 34,4% и Албанија 28,3%. Има неколку клучни фактори што влијаат врз нејзината застапеност, а тоа се: степенот на економска развиеност на земјата, степенот на дигитализација, даночниот товар, парафискалните давачки, високата регулација на формалната економија, особено на пазарот на трудот, користењето готовинско плаќање, нивото на корупција, довербата во државната администрација и даночниот морал“, објаснуваат од Лаг Агро Лидер.
Не постои универзален модел за намалување на сивата економија. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) предлага форма во три столба, со чие спроведување може да се намали овој општ економски проблем. Прво, едукација на даночните обврзници и едноставни регулативи. Второ, намалување на можностите за вклучување на сивата економија во активности и трето, зајакнување на општествените норми. Овие три столба се добра основа за градење на националните стратегии. Во регионот, стратегиите за сузбивање на сивата економија главно се засноваат на подигнување на свеста за важноста на формализирањето на економските активности. Дополнително, Албанија, покрај кампањата, има преземено мерки за унапредување на инспекцијата и надзорот, олеснување на административните процедури, како и мерки за унапредување на фискализацијата. Србија, покрај интензивната кампања за подигнување на „даночниот морал“, воведе мерки за унапредување на супервизијата, даночни и фискални мерки за поттикнување на формализирање на економските активности и намалување на административното и парафискалното оптоварување.
„Вкупно 33,2% од бруто домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија. Процентот е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е речиси двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската Унија, кој изнесува 19,4% од бруто домашниот производ. Низ бројки „сивиот дел“ на македонската економија изнесува 4,282 милијарди евра, односно 1,280 милијарди евра изгубени приходи во државниот буџет. Ако како земја би успеале да се сведеме на просекот од ЕУ, со толкава сива економија би имале 450 милиони евра поголеми приходи во буџетот годишно“, објаснуваат од Лаг Агро Лидер.
Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ измери дека сивата економија во 2020 година опфаќа 23,2% од БДП. Според нивното истражување, недовербата во системот, односно нискиот даночен морал на населението, високата корупција и неефикасните институции, се главните причини граѓаните место легално, да се обидуваат да заработат заобиколувајќи го системот.
Фискализација на зелените пазари
Дел од од скриената неформална економија се зелените пазари. Експертите велат дека неопходни се државни мерки и инспекциски контроли за сузбивање на сивата економија и работата „на црно“ во земјоделскиот сектор. Потребна е нивна регулација, односно фискализација на зелените пазари каде голем дел од оние кои продаваат не се земјоделци туку препродавачи, потоа елиминирање на откупот на земјоделските производи од нерегистрирани откупувачи, особено кај живата стока, што пак на земјоделците им ја ускратува и можноста за субвенции.
,,Да се регулираат пазарите на земјоделски производи, тоа е една од мерките што треба да се направи за да се соберат даноците онака како што треба да бидат собрани “, вели Горан Томески од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Прилепчанка која е редовна продавачка на раноградинарски производи на градскиот пазар вели дека вишокот што ќе се создаде од бавчата го носи на пазар, за да плати струја, вода. Не ја разбира фискализацијата како процес, а уште помалку, како и наштетува на општината.
„Тоа што не можеме да го изедеме го носам на пазар. Со моркови и компири не можам да платам струја и вода. И вака бадијала го давам произведното со многу труд и мака“, вели таа.
Дека скриената економија не е добра ниту за поединецот, ниту за заедницата не ги засега многу, ниту купувачите.
– „Да биде свеж и зрел доматот, пиперката. Мене тоа ме интересира. А како е дојден на пазарот не знам. Ако треба да ни даваат фискална, нека ни даваат“, објаснува купувач на прилепскиот градски пазар.
Од ЛАГ Агро Лидер велат дека препорачливо е што побрзо да се направи формализација на неформалната економија и сузбивање на даночните затајувања од причина што би се довело до поголеми даночни приходи во буџетите на општините, а со тоа општините и институциите би овозможиле подобри услуги за граѓаните и поголема социјална и здравствена заштита.
„Како резултат на сето ова се препорачуваат неколку мерки кои се однесуваат на државата и државните институции. Треба да има поголема контрола на компаниите кои што работат во земјоделскиот сектор, а поголема институционална одговорност и доверба се клучот за скенирање на скриената економија во земјоделскиот сектор, бидејќи со скриената економија, компаниите кои што работат во оваа област, добиваат многу малку за разлика од тоа што најмногу губат ангажираните лица и државата“, вели Талија Петреска, правник.
Но од друга страна, борбата со сивата економија полека го губи интензитетот во последно време, затоа што веќе нема и работници кои би работеле. Младите и квалификуваните, заминуваат во земјите од Европската Унија, или работат во странските компании во технолошко – индустриските зони (ТИРЗ).
Авторка: Светлана Ристеска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА