Потфрламе во справувањето со климатските промени

0
23

Изминатата 2024-та година е прогласена за најтоплата година досега во светот, со голем пораст на температурата преку границата од 1,5 Целзиусови степени.

Врз основа на климатските сценарија за Македонија во иднина се проценува понатамошно зголемување на просечната температура, кое ќе придонесе за повеќе екстремни временски настани, топлотни бранови, тропски денови и ноќи, појава на суши, шумски пожари и сл.

Последната декада (2011-2020) е најтоплата декада од почетокот на метеоролошките мерења на територијата на Македонија. Во овој период е забележана најголема промена на годишниот број на мразни, ледени, летни денови, тропски ноќи и топлотни бранови во однос на просечните вредности за периодот 1961-1990 година. Во јужниот и југоисточниот дел на државата забележано е зголемување на вкупното траење на топлите периоди во последната декада за повеќе од месец дена.

Климатските промени на територијата на нашата држава јасно можат да се забележат преку зголемување на температурата на воздухот, промената на режимот на врнежи, како и зголемената фреквенција на екстремните временски настани и на периодите со екстремни климатски услови.

Покрај евидентното зголемување на температурата на воздухот на годишно ниво, во последните дваесетина години се забележува зголемување и на сезонските температури на воздухот, а најизразено е зголемувањето е на летните температури. Најтоплите лета за изминатиот 73-годишен период (1951-2023 година) се забележани во последните дваесеттина години. Највисоки вредности на летните температури се забележани во 2003, 2017, 2019, 2021 година, а како најекстремни се издвојуваат 2012 и 2007 година.

Земјоделството и ранливи групи во општеството први ќе настрадаат од климатските промени

Во природата секоја промена има домино ефект, таков е и случајот со климатските промени. Од нивното влијание први ќе настрадаат најранливите сектори во општествата, а тоа се земјоделството и ранливите групи на граѓани. Ова важи и за Македонија.

„Знаеме дека биодиверзитетот се адаптира и ќе се адаптира. Прашањето е како ние ќе се адаптираме во овие климатски промени, особено примарниот сектор. Конкретно земјоделието. Ние знаеме да растеме домати или компир на одреден начин. Знаеме да ловиме риба на одреден начин, меѓутоа тие работи се менуваат, диверзитетот се прилагодува. Како ние ќе се адаптираме со нашите потреби?“, вели докторот по биолошки науки, Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.

При изложеност за време на топлотен бран, ефектите и последиците први ги чувствуваат ранливите групи на население. Тука спаѓаат старите лица, доенчињата и децата до три години, хронично болните, лицата кои земаат лекови, лицата со зголемена телесна тежина, лицата со одредени професии кои се работат на отворено, како и лица чиј социоекономски статус ги прави повеќе ранливи, а тоа се бездомници, деца на улица, внатрешно раселени лица, баратели на азил итн.

Во Скопје, секое лето од жештината дневно се случуваат од 10 до 15 колапси. Луѓе се онесвестуваат на автобуски станици, на работа, во автобусите. Додека пак, на планините, во шумите и селата од година в година огнената стихија ја коси природата пред себе, оставајќи зад себе материјални штети.

На прашањето, „Дали Македонија има систем за предупредување на граѓаните од последиците од климатските промени (смс пораки, сирени, јавни известувања и слично)“ од Министерството за животна средина и просторно планирање за ПИНА накусо одговорија дека последиците од климатските промени се на долг рок и сценаријата за истите се опфатени во усвоените документи со предлог мерки за нивно намалување и адаптирање.

„За останати мерки за предупредување од временски непогоди, посетете ги страниците на УХМР, CUK, Институт за јавно здравје, Црвен крст, Министерство за економија и труд итн.,“ велат од МЖСПП.

Поради жештините, секое лето има пожари на отворено, но нема кој да ги гасне

Земјата не е во целост подготвена да се справува со жештините кои со себе носат пожари. Тоа го покажува и фактот дека лоша е состојбата со пожарникарите и пожарните возила во градовите низ Македонија.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, алармираше дека најкритична е состојбата во Скопската противпожарна бригада. Апел испрати и до градоначалниците, кога ќе се вработуваат пожарникари, тоа да бидат млади и здрави лица, а не на 40, 50 години со здравствени проблеми.

Во Македонија, од сите климатски опасности, 80% се пожари што предизвикуваат сериозни материјални штети.

Од почетокот на годинава до 25 август на територија на Македонија се случиле вкупно 2.918 пожари. Во земјава горлив проблем е и недостатокот на пожарникари, има 938 пожарникари, а недостасуваат уште 670. Нивната просечна возраст е 42,5 години.

Инфографик: пожари | опожарено | штета во евра (податоци добиени од ЦУК)

Високите температури влијаат врз живиот свет 

Македонија е исклучително ранлива на климатските промени, а тоа се чувствува во сите сектори во државата. Докторот по биолошки науки, Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво (МЕД) потенцира дека влијанието на високите температури и климатските промени го забележува во својата работа со водоземците.

„Јас работам со мраморци или тритони ги викаат кои се многу осетливи и кратко време се во вода, се размножуваат во вода, и потоа излегуваат. Морам да го фатам тој “прозорец” за да ги фатам, маркирам и да ги пуштам. Секоја година се порано мора да одам на терен. Лани бев почеток на април, оваа година бев средина на март. Особено во Дојран, оваа година, средина на март кога отидов веќе беше доцна. Веќе почнаа да излегуваат од вода, веќе завршиле со репродукција.“ појаснува Арсовски.

Кога станува збор, пак, за правилен раст и развој на растенијата покрај останатите температурни индекси, од особена важност е должината на траење на вегетацискиот период, вели Нина Алексовска, раководител на Сектор за метеорологија во Управата за хидрометоролошки работи.

„Во текот на последната декада забележано е продолжување на вегетацискиот период во некои региони и до дваесеттина денови во однос на просечното траење. Иако врнежите немаат изразен и еднозначен тренд во просторната и временска анализа како што е случај со промената на температурата на воздухот, сепак во последните две декади, 2001-2010 и 2011-2020 забележана е најголема промена на екстремните настани со зголемување на деновите со обилни и многу обилни врнежи во однос на просечните вредности на речиси целата територија на државата до три односно четири денови.“ вели Алексовска.

Според најновите истражувања за територијата на нашата држава се очекува зголемувањето на температурата да продолжи и во иднина. Амплитудата на зголемувањето, до крајот на овој век, пред сè зависи од сценаријата за идните емисии на стакленички гасови, јасно укажувајќи дека идната климатска состојба во земјата ќе биде одредена од успехот на меѓународното спроведување на различни политики поврзани со намалувањето на емисиите на стакленички гасови.

„За средината на векот очекуваното зголемувањето на годишната температура изнесува од 1°C до 2,5°С, додека пак до крајот на векот зголемувањето ќе изнесува од 1,5 °C до 5 °C. За разлика од температурата, се очекува намалување на годишните врнежи, главно како резултат на значителното намалување на летните врнежи. Намалувањето на годишните врнежи до крајот на векот е од -20% до -30% во зависност од идната емисија на стакленички гасови. Според резултатите, Македонија во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима. Поврзано со потоплата клима во иднина, се очекува зголемување на топлите екстремни настани и намалување на ладните екстремни настани,“ вели Алексовска.

Со ова се очекува зголемување на зачестеноста и времетраењето на топлотните бранови на целата територија на државата, додека студените бранови ќе бидат ретка појава со можност за нивно исчезнување. Ова пак, ќе го зголеми ризикот од суша. Од друга страна, се очекува потенцијално зголемување на дневните екстремни врнежи што ќе предизвикаат поголем ризик од буични поплави.

Според Арсовски од МЕД, многу често кога се зборува за климатските промени се зборува во негативна насока. Но кога станува збор за живите организми темата е широка и мозаична. За некои членови од биодиверзитетот особено за топлољубивите, овие промени може да бидат позитивни.

Но тоа не е случајот со Преспанско-Охридскиот регион. Овој регион заедно со некои медитерански острови се препознаени како најранливи на климатските промени. Тоа значи дека кога ќе се смени климата, тоа се региони каде што ќе видиме најдрастични промени на теренот.

„Преспа е лицето на климатските промени и Преспанското езеро целосно зависи од тоа колку ќе има врнежи. Езерото нема пак многу резерви. Има подземните води коишто нагло се трошат и нема толкава моќ да го наполнат кога ќе испарува на лето. Реките кои што доаѓаат се се помалку полнети од снеговите кои што паѓале на планините, а снеговите рано пресушуваат со што и моќта на реките е многу мала. Колку помалку врнежи има во Преспа, толку помалку вода ќе има во езерото,“ потенцира Арсовски.

Во главниот град пак, најважниот фактор за ублажување и адаптација на урбаните жешки острови е урбаната вегетација. Дрвјата би можеле да ги намалат дневните температури на воздухот до два Целзиусови степена на 60 метри над нивото на земјата и четири Целзиусови степени на нивото на дрвото (четири метри над земјата). Докажано е дека ефектот на транспирацијата врз температурите на воздухот варира помеѓу 0,5 и девет Целзиусови степени.

Студијата на Инстутот за јавно здравје, спроведена од 22 до 28 јули за време на топлотниот бран во 2022 година во Скопје покажува дека највисока температура на воздухот е регистрирана на пешачки остров на бул. Свети Климент Охридски. Додека пак, Градскиот парк во Скопје е најладниот простор меѓу измерените места шест дена од вкупно седум. Што е најважно, булеварите постојано покажуваа најголеми температурни разлики, без оглед на времето на мерење. А пешачките острови постојано покажувале еднакви или повисоки температури во споредба со булеварите што ги поврзуваат. Температурните варијации помеѓу најтоплите и најстудените области на студијата покажаа значителна разлика, при што најголемата достигна 7,9 Целзиусови степени – од улицата Никола Тримпаре без дрвја (42 Целзиусови степена) до Градскиот парк во Скопје (34,1 Целзиусови степени).

Природата да се третира сериозно во политиките 

Според Жарко Конески од „Еко свест“, додека меѓународните организации преземаат засилени чекори за да ја спречат загубата на биодиверзитетот која што влијае врз животот на сегашните и идните генерации, заштитата на природата кај нас не е приоритет во државните политики кои се фокусирани на економскиот развој и кои природата ја третираат како ресурс за искористување, дури и во веќе воспоставените заштитени подрачја.

„Заштитата на природата не се третира во политиките за шумарство, земјоделие, водостопанство, ловство, енергетика, рурален развој и други, иако тие имаат директно влијание врз деградацијата на пределите, живеалиштата и видовите. Правната рамка и меѓународните препораки не се спроведуваат во доволна мера со што се предизвикуваат понатамошни штетни дејствија врз живеалиштата и видовите од европско и меѓународно значење (Натура 2000, Емералд подрачја),“ објаснува Конески.

Тој потенцира дека заштитените подрачја немаат квалификуван кадар и функционираат без соодветна финансиска поддршка за да можат да подготват и спроведат планови за управување, а останатите релевантни институции немаат механизми за мониторинг на компонентите на природата и мапирање на подрачја со загрозена биолошка разновидност и следење на влијанието на развојните проекти.

Арсовски пак, прашува колку од климатските промени се природни и колку се предизвикани од човекот. Некои велат дека е несомнено дека се главно човечки, некои повеќе го застапуваат ставот дека се во голема мера природни, бидејќи знаеме дека во геолошкото минато планетата поминала низ вакви периоди, но генерално се претпоставува дека биле многу бавни.

„Она што е уникатно овој пат е брзината на процесот. Брзината на покачувањето. Гледаме секоја година, секое лето. Во последните неколку лета читаме нов максимум, нов максимум за јули, нов максимум за јуни, нов максимум за мај, нов максимум за април. Така да, очегледно е и претпоставката е дека вакво нешто досега најверојатно се нема случено на планетата Земја,“ истакнува Арсовски.

Но човекот масовно изнаоѓа начини да вади материи од земјата и да ги согорува и испушта во воздухот коишто делуваат како стакленички гасови, односно ја задржуваат светлината и топлината внатре на земјата.

„Најефикасна и најитна мерка за ублажување е прекин на употребата на фосилни горива пред сè како енергенс, а потоа и комплетно и премин кон обновливи извори на енергија без предизвикување штета на постоечките екосистеми и плодната почва,“ потенцира Конески.

Амбициозните климатски цели треба да се пресликаат во сите релевантни сектори, особено секторот енергетика кој најмногу придонесува за емисиите на стакленички гасови на земјата, додава тој.

Климатските промени се опсежна проблематика којашто бара повеќесекторски пристап што подразбира подобрување на разбирањето на останатите институции за климатски промени, со цел навремено и забрзано спроведување на истите. На тој начин, јасно ќе се дефинираат улогите и ќе се подобрат административните капацитети.

Државата мора да размислува и за прилагодување на ранливите сектори кон новонастанати климатски услови на национално и уште поважно локално ниво.

„Да се усвојат документи потребни за постигнување на ветените климатски цели на земјата. Потребно е да се донесе закон за климатска акција со мерка за данок на јаглерод. Приходите од оваа мерка треба да се слеат во буџетот на МЖСПП како институција надлежна за спроведување на законот за климатска акција. Потребно е да се работи на Национален план за адаптација и да се интегрираат обврските што потекнуваат од други меѓународни договори и пактови поврзани со клима,“ појаснува тој.

Според него, клучна е транспарентноста во донесувањето и спроведувањето на климатските политики, како и вклучување и консултација на јавноста и сите засегнати страни.

Глобално гледано, ненадејните промени во временските услови му се закануваат од производството на храна, па се до подигнување на нивото на морињата што го зголемува ризикот од катастрофално поплавување.

„Институциите наши, локални, национални, регионални, светски, да почнат со агенди коишто сепак некако ќе ни помогнат, особено на луѓето од примарниот сектор“, смета Арсовски.

„Дали тоа ќе биде да им помогнат технолошки, да прејдат брзо на начини на земјоделие коишто се поотпорни на климатските промени, без разлика дали било топло, имало вода, немало вода, или дали да ги субвенционираат само, со надеж нека следната година ќе се адаптираме некако, или можеби ќе почнеме да растеме домати по северно, наместо јужно, бидејќи има повеќе вода, не знам, ама во секој случај треба институциите и лидерите светски да ги соберат научниците, да ги соберат информациите од нив, и потоа да ги пласираат во форма на агенди,“ додава Арсовски.

Што треба да преземе државата?

Кај македонските граѓани не постои доволно свест за климатските промени. Тоа е така поради тоа што луѓето немаат доволно информации или затоа што добиваат погрешни информации. Голем дел од незаинтересираноста за глобални теми кои директно нè засегаат и на локално ниво е и поради традицијата на гледање исклучиво на својот двор и незаинтересираноста за другиот до нас, смета Конески.

Според него, ако Македонија сака да се справи со климатските промени, климатската акција треба да стане висок приоритет на државата бидејќи политиките и мерките за клима се и тие кои се носат во секторите енергетика просторно планирање, отпад, транспорт, земјоделство и рурален развој, здравство и природа.

Законот за климатска акција не е испратен до парламентот, ова накусо го потврдија и од Министерството за животна средина и просторно планирање за ПИНА.

На прашањето „Дали ќе бидат вклучени и на кој начин останатите министерства во државата согласно овој закон?“, од МЖСПП велат дека клучните министерства, како Министерството надлежно во областа енергетика, има воспоставено механизми за меѓусебна координација со МЖСПП, особено што и Националниот план за енергија и клима се донесува на предлог на министерството од областа на енергетиката, во соработка со МЖСПП.

„Останатите органи ќе треба да доставуваат податоци кои се потребни во идниот Национален систем за инвентар на стакленички гасови и системот за известување на политики и мерки за ублажување на климатските промени и акциите за адаптација,“ изјавија од МЖСПП.

Здравата и чиста животна средина, зачувувањето на природата и подобрувањето на еколошките стандарди, како и амбициозните мерки за климатска акција кои ќе придонесат кон видно подобрување на квалитетот на живот и благосостојба на луѓето мора да станат главен приоритет за новата Влада, сметаат еко-експертите.

„Ние имаме доста амбициозни енергетски и климатски политики во моментов со одлични мерки, проблемот е што затајува имплементацијата која се одвива ужасно споро и со слаба вклученост на сите релевантни институции, но и речиси никаква вклученост на локалните власти каде и треба да се одвива имплементацијата. Голем проблем за земја во развој како Македонија е што се уште немаме Национален план за адаптација, а веќе одамна ги чувствуваме последиците од климатските промени. Потребно е и информирање и соодветно консултирање на сите засегнати чинители,“ истакнува Конески.

Стопирање на климатските промени повеќе не е возможно, она што е можно е ублажување на последиците и прилагодување на човекот во една нова клима. 

Имајќи ја предвид актуелната ситуација, неопходни се амбициозни политики за климатска акција на национално ниво кои ќе бидат реализирани навремено и без задоцнувања, со институции и локална самоуправа кои се подготвени да ги реализираат овие политики.

„Мисијата за контрола на емисиите на стакленички гасови и обврската според Парискиот протокол за задржување на трендот на загревање до 2100 година, до 2 степени Целзиусови е остварлива доколку се спроведат ригорозни мерки за намалување на емисиите и трансформација кон обновливите извори на енергија и зелената агенда, јакнење на свеста на граѓаните за климатските промени од локално до национално ниво и сето она што е пропишано во сите ратификувани конвенции, законски документи, стратегии, акциони планови на локално и национално ниво, како и национални планови за климатски промени согласно активностите на Националниот Комитет за климатски промени формиран при МЖСПП, а во кој учествуваат бројни институции и експерти“, истакнува професорот Спиридонов.

Државата мора да го реши проблемот со загадување и несоодветна заштита на водите, почвите, воздухот и шумите, како и со последиците од климатските промени како поплави и продолжени суши и топлотни бранови. Сепак, ниту една од политичките партии на последните избори во своите изборни програми не ги разгледаа овие проблеми сериозно, ниту пак ги поврзаа со квалитетот на живот на македонските граѓани, истакнуваат еко-експертите.

Нема интерес за студиите по метеорологија

Кога станува збор за климатските промени, црвениот аларм е вклучен и за идните кадри по метеорологија, кои од година в година се во се помал број. Во моментов на институтот за Физика при Природно математичкиот факултет (ПМФ) постојат неколку современи програми. Една од нив е ново-акредитираната програма за метеорологија за прв циклус студии по геофизика и метеорологија, а од неодамна и акредитирана програма за II-циклус студии по физика на атмосфера-метеорологија, во времетраење од само една година (два семестра). Иако, метеорологијата како научна дисциплина има се позначајно место во општеството, интересот за студирање метеорологија за жал е далеку од потребите и очекувањата.

„Со оглед на големиот дефицит на кадри, и покрај фактот дека неколкумина дипломирани метеоролози се уште не се вработени, во блиска иднина ќе се соочиме со голем дефицит на кадри, не само како експерти, дипломирани метеоролози (прогностичари, климатолози, агрометеоролози, хидролози, експерти за истражување на квалитетот на водите) но и со набљудувачи во државната хидрометеоролошка мрежа на станици,“ вели професорот Владо Спиридонов.

 

Инфографик вработени во УХМР 

Според тековниот статус на Управата од аспект на образовниот профил, приближно околу 35% од вработените се со високо образование, додека 65% со средно или нижо образование. Околу 8% од нив се метеоролози, 2% се хидролози, 4% се останати технички струки а само 1% припаѓа на кадар од информатичките технологии.

„Доколку овој тренд продолжи во иднина може да се појави дефицит на стручен кадар-метеоролози, имајќи во предвид дека во наредните три години голем број од вработените метеоролози ќе го остварат правото на пензија. Сепак се надеваме дека во иднина ќе се зголеми интересот за студирање на овој факултет со оглед на тоа што метеорологијата е наука која во времето на евидентните климатски промени и зголемената честина на екстремни временски и климатски настани е се поактуелна и ги зафаќа сите сфери на општественото живеење,“ децидна е Алексовска од УХМР.

Младите генерации се двигатели на промените

„Светот на младите останува“, но каков свет навистина ќе остане на младите?

Катерина Илијовска, дипломиран инженер технолог со магистерски студии во областа на Енергетска транзиција и алтернативни горива и Сара Коцевска, дипломиран и магистриран архитект со голема заинтересираност за еколошки проекти и енергетско ефикасни објекти се девојките од првата македонска платформа „Yes for Less“, која нуди информации потребни за поодржлив начин на живот на едно место.

Работата на здружението најмногу се фокусира кон целта за одржлив развој, односно одговорно конзумирање и производство.

„Куповните одлуки што ги правиме секој ден и тоа како имаат влијание врз побарувачката и она што ќе се произведува во помала или поголема мера, што пак, е поврзано со неодржливото користење на природни ресурси, а со тоа и климатските промени. Па така преку нашите активности најпрво промовираме минимализам – преиспитување на нашите потреби пред да купиме нешто, потоа купување на локална храна и предмети од втора рака, намалување на отпадот преку користење на реупотребливи предмети (метален брич, реупотребливи менструални производи), продолжување на животот на се што поседуваме (облека, електронски уреди итн),“ појаснуваат Катерина и Сара.

Со цел да им помогнат на другите да направат подобри куповни одлуки или да применат некоја друга навика за поодржлив живот, тие две ја направија платформата www.yesforless.mk каде секој може да се најдат најразлични ресурси за поодржлив живот – еколошки алтернативи за производи и услуги, едукативни содржини, како и практични совети.

„Некогаш недостига само еден еколошки свесен човек за да поттикне некаква поголема промена на групно ниво. Така пред некое време ни пиша еден дечко кој не следи на социјалните медиуми и е вработен во една IT компанија која има над 400 вработени, прашувајќи не за совети за кои навики би можеле да ги сменат за да бидат поодржливи во самата компанија. Имаме пример и од друга девојка која иако не следи од Париз каде што моментално живее, успеала да поттикне промена на своето работно место спасувајќи од отпад 420L отпадно растително масло кое го донирала за преработка во биогориво поради една наша објава,“ додаваат Катерина и Сара.

Местата каде што живеат тие ги инспирираат за промени, како и за подигнување на свеста за одржлив развој и одговорно конзумирање и производство.

„Барселона каде што живее Кате, пред некоја година започна голем проект за претворање на 33 хектари во строгиот центар од улици во пешачки зони, каде што не само што ќе има повеќе простор за пешаци и велосипеди, туку и се отстранува голем дел од асфалтот и на тие места се садат зелени површини. Исто така поради енергетската криза, во последниве две години месечен билет за јавен превоз чини 25 евра (и превозот функционира совршено), а дел од возовите се бесплатни, што практично прави да не ти се исплати да имаш кола.“ – појаснуваат активистките.

Сара пак, којашто живее во Париз додава дека таму се воведуваат голем број на најразлични мерки, од зголемување на зелените површини, па се до забрана за изнајмување на станови доколку истите имаат енергетски сертификат со класа Г или подолу, што пак ги приморува сопствениците да инвестираат во зголемување на енергетската ефикасност.

Авторка: Бјанка Станковиќ

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА