Велес полека тоне во медиумски мрак

0
25

Локалните медиуми секојдневно згаснуваат, а таков е и случајот со Велес, градот кој во 90-тите години важеше за расадник на новинари. Сега локалните жители може да се информираат само од Интернет порталите, затоа што трационални медиуми речиси и нема, а професијата е се помалку атрактивна за младите. 

По повеќе од три децении зрачење во етерот Велес ја загуби и последната телевизија отворена во 1991 година. Единствениот традиционален медиум со информативна програма кој сега остана за околу 48 илјади жители колку што брои градот е локалното радио. 

До пред 12 години сликата била поинаква. Граѓаните информациите од јавен карактер ги добиваа преку три радија и две локални телевизии. Во тој период на дневните настани имало по околу 20 медиумски работници кои работеле и за локалните и за националните медиуми, како дел од дописничката мрежа. 

Во тоа време постоела вистинска борба за слушаност и гледаност бидејќи не постоело само класично покривање на дневните настани туку активно се работело и на теми важни за граѓаните за да се дојде до решение на нивните проблеми, што било значајно за подобрување на животот во локалната заедница. 

За овие моменти сведочи и новинарката Убавка Јаневска којашто уште од своите средношколски денови започнала хонорарно да работи во „Радио Велес“ коешто во 80-тите години претставувало расадник на новинарската фела во градот.  

 „Во „Радио Титов“ а потоа само „Велес“ се сеќавам на времето кога хонорарно работевме и создававме по шест часа програма во живо со подготвени текстови, интервјуа, гости во живо. Истиот тим потоа добиваше можност да покаже колку вреди во информативната програма, особено во дневните вести и полека од еден во друг жанр го „печеше“ новинарскиот занает. Во исто време бевме тим составен од шест до девет млади луѓе“, вели Јаневска за Пина.мк. 

Финансиската состојба причина за почеток падот на локалните медиуми

Две децении подоцна во Велес, работат шест новинари, од кои двајца дописници на национални телевизии и една дописничка на МИА. Причината е секојдневната финансиска борба за обезбедување на плати или пак ангажирање на новинари како хонорарци. Во рок од само неколку години во градот се затвори едно радио, а потоа згаснаа и двете локални телевизии.  

„Ако во текот на месецот се обезбедат финансиски средства за само една минимална плата, тоа не може да претставува предизвик за сопственикот, туку тоа е слика на голем пораз. Мислам дека сопствениците на медиумите се во состојба на „дишење на шкрги“ додека се обидуваат да ги одржат во живот. Повеќе од непријатно е чувството да работиш за хонорар. Не си интересен за младите новинари кои иако во мал број можеби пројавиле интерес да влезат во професијата. Сметам дека можеби и треба полека но сериозно да размислуваме за план Б, всушност да бараме работа напуштајќи ја професијата на којашто сме и го подариле скоро целиот работен век“, објаснува Јаневска. 

Габриела Лескова е последната велешанка којашто била запишана на студиите по новинарство, а по нивното завршување добила понуда за работа во последната локална телевизија која целосно згасна пред неполна година.  

„Кога започнав со работа условите беа тешки, опремата беше стара, работев во мал тим од четири лица и подготвувавме информативни блокови од по 30 минути. Платите ни беа премногу ниски, но желбата да успееме граѓаните да бидат навремено информирани ни беше поголема. За жал за краток период, поради финансиска немоќ прекинавме со работа а сега веќе телевизијата и целосно е згасната“, вели Лескова. 

Ниту ниските цени за реклами на локалните медиуми не се атрактивни за бизнис заедницата.   

„Не може да се издаваат услуги како што е постиран банер на насловна страна на веб порталот за симболична цена или да биде скапа објавата на ПР текст којашто чини 3.000 денари“, објаснува Јаневска којашто во моментов е главен и одговорен уредник на еден од вкупно трите веб портали во градот. 

Лескова својата кариера ќе ја продолжи во национална телевизија во Скопје во информативна редакција, бидејќи во Велес условите биле полоши, а и не очекувала да се отворат нови медиумски куќи, кои ќе понудат квалитетна содржина.  

„Не би се вратила да работам во родниот град бидејќи сметам дека работењето во национална телевизија како млад новинар ми нуди можност да работам во повеќе сфери, додека не одлучам која е онаа на која ќе и ја посветам мојата кариера“, одлучно вели таа. 

Според неа состојбата од ден на ден станува се полошa и вели дека за многу кратко време Велес може да се претвори во град на медиумски молк. 

„Тоа е една апсурдна состојба којашто од една страна се рефлектира во незаинтересираност на средношколците да се запишат на Факултет за новинарство а од друга страна медиумите единствено да се надеваат да преживеат само преку обезбедување на проектни финансиски средства од странски донатори. Тоа не воопшто лесно“., додава Јаневска. 

Медиумскиот мрак пресуден за новинарите да ја сменат професијата 

Велешанката Ана Милевска Ѓеоргиева по 12 години кариера како новинарка и дописничка од Велес била принудена да ја смени професијата бидејќи се затворила телевизијата каде последно работела и веќе шест години е административен службеник во приватна компанија во градот. 

„Од лични причини не бев подготвена да работам во Скопје и секојдневно да патувам, а медиумите токму во тој период во Велес започнаа да „згаснуваат“. Впрочем, токму тој медиумски мрак беше пресуден во мојот случај. Во мојот град немаше каде да продолжам активно да се занимавам со новинарство“, објаснува Милевска Ѓеоргиева. 

Според неа, состојбата со медиумите во Велес во моментов е тажна и разочарувачка. 

„Велес е град што можеше да се пофали со две телевизии, радио станици што имаа информативна програма, веб портали. Да не зборувам дека сите национални телевизии во тој период имаа дописници од Велес. Во моментов само националниот сервис и една национална телевизија имаат дописници од Велес. За жал овој град не го заслужува тоа, има случувања што се вредни за вниманието на јавноста“, додава Милевска Ѓеоргиева. 

Велешките средношколци не ги избираат студиите по новинарство 

Од 2018 година ниту еден средношколец од Велес не одлучил да се запише на факултетите по новинарство. Тие покажуваат интерес и посетуваат обуки и новинарски секции, но на крајот не ја избираат професијата. 

Лескова за Пина.мк вели дека во активните радија и веб портали во градот нема скоро никакви услови за работа поради лошата финансиски состојби во коишто се наоѓаат медиумите, па според неа, тоа е главната причина што средношколците не ги избираат новинарските студии. 

Јаневска се согласува со мислењето на најмладата колешка од Велес. 

„Не обесхрабруваат и информациите од факултетите за новинарство кадешто со години веќе нема запишан студент од Велес, тоа значи дека можеби младите се поголеми визионери од нас, навреме сфатиле дека за жал леб нема во оваа професија затоа се запишуваат на други факултети. И сето ова не е добро, бидејќи демократија без локални медиуми нема и не може да има“, вели Јаневска. 

Како да се спасат локалните медиуми?

Пензионираната новинарка, велешанката Божана Ќулавкова вели дека на Велес во моментов му се потребни медиуми коишто ќе подготвуваат емисии од животот, културата, здравството, образованието и други значајни теми за општеството. Но, за нивно опстојување потребна е поддршката од заедницата со цел да можат да се вработуваат млади кадри и редакциите да растат и да се подобруваат. 

„Се разбира за опстојување на медиумите потребна е поголема поддршка од заедницата а тогаш ќе има услови за освежување на кадрите кои се наша иднина па и отворање на нови! Исто така, многу важно што сакам да го истакнам е тоа што локалните медиуми потребно е да бидат многу поинтересни за проекти и најразновидни комерцијални кампањи со што би се внесувале свежи средства за  опстојување и работа на медиумите и редовни плати на новинарите“, додава Ќулавкова.

Со нејзиниот став се сложува и Јаневска која објаснува дека оваа професија, ако вистински се сака никогаш не се мери со купче пари, но сепак моменталната финансиска состојба е загрижувачка. А надеж дека ситуацијата ќе се подобри, новинарките во Велес повеќе немаат, иако секојдневно работат и даваат максимум од себе за од прва рака да им ги пренесат вестите на локалните жители и покрај тоа што не знаат утре дали нивниот медиум ќе постои. 

Авторка: Стефани Манева 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА