Димова: Жените се соочуваат со пречки кои влијаат негативно врз одлуките за започнување на сопствен бизнис

0
76

Пристапот на жените и девојките до активните мерки за вработување вo Македонија е ограничен поради неколку предизвици. Претседателката на Женска менторска мрежа „Стела“, Наташа Димова, во интервју за ПИНА.мк вели дека дел од тие пречки се недоволна информираност за постоечките мерки, бирократски пречки во процесот на аплицирање, родови стереотипи во средината кои обесхрабруваат учество, критериуми кои не одговараат на потребите на сите заедници, недостаток на приспособена поддршка за специфичните потреби на жените, ограничен пристап до обука и развој на вештини, дискриминација и пристрасност на работодавачите врз основа на пол, како и ограничено финансирање и ресурси за активните мерки за вработување. Според нејзе, охрабрувањето на жените во бизнисот може да биде фокусирано на микро и макро ниво. На микро ниво, менторството е увидено како најповолно решение за зголемување на бројот на жените претприемачи, особено заради недостатокот на системи за поддршка, како семејството или професионалното образoвание. На макро ниво пак, потребни се реформи.

Дали е развиено женското претприемништво во Македонија?

– Женското претпиемништво не е доволно развиено кај нас. Претприемачките се активни главно во личните услуги и занаетчиските дејности, со некое ограничено присуство во професионалните услуги како што се право и сметководство. Последниот извештај GEM Global Entrepreneurship Monitor  укажува на тоа дека Македонија во друштво на пет држави бележат преполовување на претприемачките активности, а во споредба скоро кај сите други држави забележан е пораст.

Постојат ли се’ уште предрасуди дека жените не се доволно добри и способни за основање и водење бизнис?

– За жал постојат, и тие се врзани најчесто со стереотипите дека мажите се „природни лидери,“ додека жените често се сметаат за понеконкурентни или помалку авторитетни и се поврзани со очекување дека жените треба да се фокусираат на семејството и домашните обврски, наместо на кариерата или претприемништвото.

Според вашите анализи дали жените и девојките се запознаени и информирани за програмите и мерките за самовработување или започнување сопствен бизнис кои ги обезбедува државата?

– Резултатите од интервјуата кои ги спроведовме со претставници од невладиниот сектор, мали компании и од достапни информации укажуваат дека жените и девојките не се доволно информирани за постоењето на ваквите мерки. Ова важи особено за руралните средини, каде според интервјуираните, голем број на жени и девојки од албанската и ромската етничка заедница имаат капацитет за водење на сопствен бизнис, но за жал не се информирани за ваквите можности.

Има ли податоци за тоа колку жени и девојки искористиле некоја од мерките во текот на оваа година?

– Според податоците на МТСП над 40% од добиените грантови за самовработување досега биле искористени од жени. но сепак немаме детални податоци.

Има ли потешкотии при пристапот до овие мерки, дали се еднакво достапни за сите?

– Мерките на хартија се достапни за сите, но при нивно креирање не се земени индивидуалните карактеристики и специфики на таргет групата, дополнително воспоставените критериуми за користење на мерката го ограничуваат пристапот на голем број жени и девојки, а дел и кажуваат и на предизвици до пристапот на обуки кои се достапни само во урбаните средини што го ограничува пристапот на жените и девојките од руралните места. Исто така не можноста да се посетат обуките поради нивно одржување во определен термин (а не во повеќе) е дополнителна пречка за девојките и жените особено за оние кои во моментот имаат други ангажмани поради кои не можат да ги посетуваат обуките во редовните термини.

Кои се предизвиците и пречките за жените и девојките кои би сакале да основаат сопствен бизнис, почнувајќи од процесот на апликација?

– Жените и девојките се соочуваат со пречки во сите фази, почнувајќи од ненавремено и недоволно информирање за мерките, не можност за посетување на обуки кога не се во нивните средини, сложени процеси за аплицирање, критериуми кои не се во можност да ги исполнат како минимум образование, гаранција за поврат на средства со хипотека во однос 1 на 1 со одобрениот кредит, можноста за сопствена меница наидува на своевремени предизвици со оглед на ниската финансиска писменост којашто постои воопшто во државата, понатака стравот од неуспех, бришењето од евиденција (на кое укажуваат одговорите од интервјуата) со кое се губи секое право на социјална и здравствена заштита, влијаат негативно врз одлуките на жените и девојките за започнување на сопствен бизнис. Исто така немањето менторска поддршка после започнување на бизнисот и рееваулација на резултатите се причина плус жените и девојките да не се одлучат да аплицираат. Сепак, предизвиците не завршуваат тука: многу жени се соочуваат со стереотипи и предрасуди кои влијаат на нивната способност да напредуваат во кариерата. Недостатокот на пристап до менторство и професионални мрежи, како и ограничени можности за обука и усовршување, дополнително ги заробуваат жените во традиционалните улоги.

Дали има информации за тоа колку од бизнисите се успешни по основањето и продолжуваат со работа, се следи ли нивниот прогрес?  

– Во моментов, нема јавно достапни информации колку бизниси продолжиле да функционираат по првата година, односно втората година. Ниту пак има информации колкав процент од вкупно поддржаните бизниси од започнување на програмата, се’ уште се функционални и профитабилни, а основачите вработени. Понатаму не се следи ни растот на бизнисите, односно дали се зголемил бројот на вработени и сл. Пробавме да добиеме одговор и од одговорните институции, но не наидовме на отвореност на податоците.

Доколку бизнисот е неуспешен со какви последици се соочуваат жените и девојките?

– Добиените грантови за самовработување предвидуваат враќање на дел од средствата доколку има неуспех во втората или третата година дополнително, засновањето на работниот однос на неопределено со полно работно време на корисникот кој ќе ги искористи средствата доделени со овој договор и истиот во рок од три години не може да се врати во евиденцијата на невработени лица во АВРСМ, сметано од денот на засновањето на работниот однос или сè додека не го врати долгот произлезен од непочитување на одредбите од договорот.

Дали поради тие предизвици, пречки и предвидени последици, сметате дека не се охрабруваат да ги искористат можностите?

-Имајќи ги предвид многуте структурни, системски и индивидуални пречки и предизвици, очекувано е жените да се не охрабруваат да ги искористат мерките.

Според вас потребно ли е менторство и поддршка и по доделување на средствата за претприемачи?

– Менторската поддршка треба да биде усогласена според профилот на жените и девојките, а потребно е во менторските сесии да се вклучат и жени кои успеале да отворат сопствен бизнис и успешно го водат со цел да мотивираат преку споделување на нивните искуства. Дополнително потребна е постојана менторска помош која нема да заврши со доделување на средствата, туку ќе продолжи и понатаму, особено во првите шест  до дванаесет месеци од започнување со бизнис активностите и ќе следи во следните години.

Потребна ли е поголема промоција на програмите, мерките и поддршката која ја обезбедува државата за самовработување или започнување сопствен бизнис, со цел да се информираат и охрабрат жените и девојките да ги искористат можностите?

– Секако дека е потребна поголема промоција, всушност една од нашите препораки е да се воведат национални и локални информативни и промотивни кампањи за подигнување на свеста за правата на жените и можностите за економско зајакнување. Најсоодветни би биле мали јавни настани, дискусии често водени од жени коишто примиле финансиска поддршка и/или отпочнале свој бизнис. Во руралните области личното споделување на информации е поефективно отколку само преку Интернет, телевизиски реклами или други медиумски платформи.

Што е потребно за да се развие женското претприемништво на повисоко ниво, дали можеби и низ образовниот процес би требало да се промовира претприемништвото?

– Потребно e да се воведат програми за родова еднаквост и претприемништво во рамките на образовните програми во училиштата и на универзитетите. Промовирањето на образовни програми за развој на претприемачки вештини кај жените и младите девојки е од исклучителна важност.

Кои предности и недостатоци ги воочувате во програмите и мерките за вработување, и кои се вашите препораки за измени и дополнувања?

– Пристапот на жените и девојките до активните мерки за вработување во Северна Македонија е ограничен поради неколку предизвици: недоволна информираност за постоечките мерки, бирократски пречки во процесот на аплицирање, родови стереотипи во средината кои обесхрабруваат учество, критериуми кои не одговараат на потребите на сите заедници, недостаток на приспособена поддршка за специфичните потреби на жените, ограничен пристап до обука и развој на вештини, дискриминација и пристрасност на работодавачите врз основа на пол, како и ограничено финансирање и ресурси за активните мерки за вработување.

Овие фактори го попречуваат пристапот до мерките за поддршка, особено во руралните и маргинализираните заедници. Мерките кои постојат се често општи и не се прилагодени на специфичните потреби на  различни региони и профили на жени и девојки. Таков е случајот со руралните средини, каде согледувајќи го профилот и окружувањето во кое живеат жените, најголемите пречки со кои тие се среќаваат при користењето на овие мерка се должат на ограничениот пристап до информации и финансии, ограниченото време со оглед на нивната традиционална улога, како и непоседувањето на имот или земјоделско  земјиште.

Потребен е холистички пристап во осмислување и спроведување на мерките, соодветно застапување на регионите при креирањето на стратегиите за вработување и економски развој воопшто; соработка со образовните институции, граѓанските организации и претставништвата на стопанските комори и земјоделски задруги за да се намалат предизвиците со кои се соочуваат жените, особено жените од маргинализираните и од руралните средини со цел да се работи на надминување на неинформираноста, традиционалните стереотипи и недостапните услуги.

Според вас што е потребно за континуирано развивање и унапредување на женското претприемништво?

– Охрабрувањето на жените во бизнисот може да биде фокусирано на микро и макро ниво. На микро ниво, менторството е увидено како најповолно решение за зголемување на бројот на жените претприемачи, особено заради недостатокот на системи за поддршка, како семејството или професионалното образoвание. На макро ниво се посакувани три типа на реформи. Прво, институционални реформи, особено зголемување на транспарентноста, еднаков пристап до програми за владино финансирање и воспоставување на поедноставен процес. Oдредени примери вклучуваат олеснителни процедури во Централниот регистар, Управата за јавни приходи, пристап до сметководство.

Второ, општествените промени се неопходни во однос на одговорностите за грижа и патријархалните стереотипи за улогата на жената и нејзиниот статус во општеството. Додека промената на општествените вредности е долгорочно настојување, зголемувањето на видливоста на жени претприемачи може да го олесни разбирањето и промената на гледиштата. На крај, и следствено на тоа, недостатокот од адекватни и недоволни објекти за грижа на децата мора да се санира за да се осигури дека жените можат да го посветат своето време и напорите во бизнис потфатите. Поточно, пристапот и можностите за објекти за згрижување на децата, вклучувајќи го и работното време на градинките, програмата и грижата за децата во градинките треба да биде висок приоритет на политиките.

Авторка: Бојана Спасовска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА