Студентите се уште немаат пристојни услови за живот во студентските домови, имајќи ја предвид инфраструктурната состојба во која истите се наоѓаат и квалитетот на исхрана кој што го добиваат во студентските мензи.
Лошата состојба на постоечките студентски домови, како и неизградбата на нови е нотирана и во последниот извештај на Државниот завод за ревизија, од каде што велат дека мерките и активностите кои се преземаат од надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, затајува сместувањето и исхраната, но и реализирањето на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на државните студентски домови.
Ревизорите евидентирале дека не е изработен ниту посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.
Во ревизорскиот извештај е нотирано значително намалување на сместувачките капацитети кај сите државни студентски домови (ДСД) во период 2019 – 2022 година односно од 5.815 легла на 4.490 во 2022 година, но и отстапувања во бројот на сместени студенти во однос предвидени со конкурсот.
Аларм за итни промени во студентскиот стандард
Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски вели дека овој извештај ја поставува иднината на студентскиот стандард во фокус и ја покажува нужната потреба за уште поголема посветеност кон подобрување на условите на студентите.
Тој во изјава за ПИНА.мк вели дека е неопходна имплементација на Закон за младински стандард, а со кој ќе се понудат подобри услови за живот и студирање на академските граѓани.
„Во однос на извештајот, јас сум задоволен што излезе во овој момент, бидејќи треба да се направи поголем притисок кон надлежните институции со цел да пристапат кон по динамично решавање на проблемите во студентските домови. Тековно, процесот на реконструкција на два студентски дома веќе е започнат во градот, а уште девет треба да се реконструираат низ целата држава. Иако работите започнаа со задоцнување, потпишаниот договор во декември минатата година дава надеж за промени. Сепак, сè уште е потребно да се обезбедат дополнителни средства за управување со домовите, како и за сместување и храна на студентите. Со овој извештај се вклучува алармот за итни промени во студентскиот стандард, кој дефинитивно треба да биде во фокус на секоја држава, бидејќи ја покажува потребата за посветеност кон подобрување на условите на студентите“, вели Николовски.
Студентите уверуваат дека нивните барања се скромни, потенцирајќи дека бараат обезбедување на пристојни и нормални услови во студентските домови.
„Студентите не бараат чуда, туку основни егзистенцијални услови, ние секогаш нудиме понуда на маса со цел да дадеме придонес кон решавање на проблемите. Во вакви моменти потребно е конечно да се донесе Законот за младински стандард, бидејќи со оваа промена, студентските домови ќе имаат повеќе средства за финансирање на услугите кои ќе ги нудат на студентите, вклучувајќи сместување, храна и други услови како културни и спортски активности. Овозможувајќи поголем буџет за студентските домови, студентите ќе можат да уживаат во подобра и разновидна храна. Оваа промена ќе допринесе за подобар студентски живот и општествена активност,“ дополнува Николовски.
Тој вели дека соработката со претставниците од Министерството за образование и наука е на добро ниво, но може да се подобри уште повеќе.
Властите тврдат дека буџетот за студентскиот стандард постојано се зголемува
Од Министерството за образование и наука во изјава за ПИНА.мк потенцираат дека се свесни за моменталната состојба, па токму заради тоа буџетот во оваа институција континуирано се зголемува, а тоа значи дека се обезбедуваат и повеќе пари за унапредување на студентскиот стандард. Оттаму истакнуваат дека годинава, буџетот на МОН изнесува над 32 милијарди денари, што значи зголемување за 4,4 проценти споредбено со минатата година.
„Во последните години особено посветуваме сериозно внимание на подобрувањето на условите за студирање и намалување на предизвиците со кои се соочуваат младите за време на високообразовниот процес. Во изминатиот период воведени се низа нови категории на студентски стипендии, а износот на месечно ниво на постојните е значително зголемен, за некои видови и над 80%. Воведени се и стипендии за студенти на втор и трет циклус на студии по пауза од 15-на години. Воведен е субвенциониран студентски оброк, кој првично изнесуваше 120 денари, а потоа го зголемивме на 140 денари, односно тоа е околу 3.300 денари месечно. Оваа мерка не подразбира покривање на целосен трошок за исхрана на сите студенти во текот на целиот ден, туку претставува субвенција – надомест на одреден трошок за исхрана. Сепак ги олеснува, односно намалува грижите на студентите од финансиски аспект и е мерка која во минатото не постоеше. Понатаму, доделена е времена финансиска мерка за покривање на дел од патните трошоци на студентите кои студираат надвор од местото на живеење во износ до 1.200 денари месечно“, велат од МОН.
По однос на инфраструктурните услови, од таму истакнуваат дека во секој годишен буџет се двојат парични средства наменети за подобрување на условите за настава на високообразовните и научните установи во државата.
„Во 2022 и 2023 година исплативме околу 220 милиони денари за набавка на нови лабораториски ресурси, односно за опремување на лаборатории на факултетите и јавните научни установи каде младите ги надградуваат практичните знаења. Од покрупните вложувања, ќе ја издвоиме и поддршката за најмладиот јавен универзитет во државата – „Мајка Тереза“ за кого обезбедивме нови простории, односно модерен кампус со сите неопходни содржини за квалитетна настава. Изградивме и нов студентски дом за потребите на Универзитетот во Тетово, а наскоро ќе започне етапната, темелна реконструкција на вкупно 9 државни студентски домови, кои ќе станат енергетски ефикасни. Во првата половина на оваа година градежните зафати ќе започнат во „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, а потоа продолжуваме и во останатите домови“, додаваат од МОН.
Студентскиот стандард причина за иселување на младите
Никица Манџуковски од граѓанската организација „Младите можат“ смета дека во последниве години се бележат и позитивни промени и тековни предизвици во областа на студентскиот стандард, но мерките и активностите кои се преземаат од надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана.
„Подобрувањето на студентскиот стандард бара заеднички напор од сите засегнати страни за решавање на системските прашања, да се даде приоритет на образованието како основно право и да се поттикнат студентите активно да учествуваат во обликувањето на сопствените образовни искуства. Доколку не се покаже итнерес за меѓусебна соработка и прогрес, ќе следува зголемување на бројот на иселени студенти од земјава,“ алармира Манџуковски.
Според Манџуковски за студентите постојат и други предизвици како што се застарена наставна програма, ограничен пристап до технологија и финансиски бариери за образованието. Понатаму, постои загриженост за квалитетот на образованието и релевантноста на вештините што студентите ги стекнуваат за да ги задоволат барањата на модерната работна сила.
„Едно од клучните прашања што опстојува е недостатокот на ефективни канали за комуникација помеѓу студентите и властите. Иако можеби постојат студентски организации и платформи за изразување загриженост, механизмите за овие гласови да бидат слушнати и по нив да дејствуваат од властите честопати не успеваат. Овој јаз во комуникацијата ги спречува студентите ефективно да се застапуваат за нивните потреби и интереси, што доведува до исклучување помеѓу креаторите на политиките и реалноста со која се соочуваат студентите на терен“, вели Манџуковски.
Според резултатите од анализата „Потребите на младите на локално ниво“ која до сега граѓанската организација „Младите можат“ ја спровела во четири скопски општини, како и во Велес, Кочани, Струмица и Крива Паланка, најголем процент од младите во сите осум општини веднаш би се отселиле надвор од државата.
Од организацијата велат дека треба да се анализираат причините кои ги мотивираат да ја донесат таа одлука, а едни од нив се разликата во студентскиот стандард и кариерните можности кои им се нудат надвор од нашата држава.
Автор: Виктор Вукановски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА