Нема проверки за порталите кои ќе го делат рекламниот колач – важен е само ценовникот

0
109
Сите портали кои склучиле договори со политичките партии ќе добијат од колачот за рекламирање на кампањите за претседателските и парламентарните избори.
Државната изборна комисија не врши никакви проверки дали меѓу 249-те портали кои се пријавија за реклами има такви кои се регистрирани во странство, дали сите имаат вработени, импресум и дали воопшто работеле и постоеле пред да се распишат изборите.
Се обидовме од ДИК да добиеме информација колку од нив исполнуваат услови за да добијат од рекламниот колач. Но од ДИК за ПИНА велат дека пари ќе добијат сите оние кои потпишале договори со политичките партии. Единствено треба да го почитуваат членот 75 ѓ од Изборниот законик.
„Државната изборна комисија го изготви Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми соодветно на одредбите од Изборниот закон во кој се впишани сите медиуми кои аплицирале и ги исполнуваат условите од чл.75 ѓ од Изборниот закон,  односно во Централниот регистер се регистрирани на територија на Република Северна Македонија  и имаат тековни состојби не постари од 30 дена. Кои портали ќе добијат средства зависи од тоа со кој од нив политичките партии ќе  склучат договор. Државната изборна комисија врши исплата на средства врз основа на претходно склучени договори  помеѓу медиумите и учесниците во избори, за платено политичко рекламирање, доставените фактури поткрепени со медиа планови потврдени од партиите за нивна реализација“, велат од ДИК за ПИНА.
Но споменатиот член од Изборниот законик не регулира ништо од спорните елементи на голем дел од интернет порталите. Во 15 ставови законодавецот ги утврдил само правилата за објавување на ценовниците, просторот кој партиите можат да добијат за рекламирање и административните обврски кои сопствениците ги имаат, како што е медија планот.

Зошто толку портали?

Впечатокот кој се добива од новинарскиот еснаф е дека зад голем дел од порталите стојат политички партии и лоби групи, кои преку нив ги полнат касите со државни пари.

Здружението на портали, „Онлајн медиа“ се бори за регулација на овој порталите кои на медиумскиот пазар постојат повеќе од 10 години. Еден од неговите основачи, Александар Дамовски го дели токму ова мислење.

„На крајот на краиштата позадината е максималната сума што еден портал може да ја добие, 15.000 евра. Има сега разни лоби групи кои ќе си регистрираат портали, ќе се договорат со политичките партии да ги дадат тие максимални суми на тие портали, после тоа си прават што сакаат со парите“, вели Дамовски во изјава за ПИНА.мк

Истото мислење го дели и првиот човек на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски.

„Сега во овој момент, практично, се пријавува секој оној којшто може да регистрира фирма и портал, а како што видовме во последниот случај се пријавуваат дури и портали коишто не функционираат. Ова не доведува на заклучок дека голем дел од тие пари, практично партиите ги користат или ги употребуваат или ги злоупотребуваат за враќање на парите во нивните партиски каси. Се разбира за ова сè уште нема доказ, но постои огромно поле за злоупотреба на овие пари“, вели Чадиковски.

Сите се свесни за можноста за злоупотребите, но сè е согласно Закон

И надлежните се свесни дека постои огромно поле за малверзации и испумпување на пари од државниот буџет, но сè е согласно Закон.Државната изборна комисија вели, нема надлежност да проверува кој сè се пријавил.

„Согласно чл. 75 ст. 7  од Изборниот законик, Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до Државната изборна комисија, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Македонија, не постара од 30 дена. Државната изборна комисија нема надлежност согласно Изборниот законик да врши проверки на веб-страните на електронските медиуми ниту на домените и постапува исклучиво согласно наведената одредба во однос на исполнување на условите докажани со доставување на валидна документација издадена од надлежните државни органи. Изборниот законик ги дефинира надлежностите на ДИК во однос на составување на Регистарот на медиуми“, велат од ДИК.

И првиот човек на  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски е свесен дека со вакво законско решение, вратата за малверзации е ширум отворена.

„Во сегашниот Изборен законик не постојат стриктни правила кој портал може да се пријави. Едноставно е оставена можноста да имаме ваква ситуација каква што имаме сега. Да се јавуваат портали коишто немаат домејн МК, или имаат домејн за кој не можеме ние како држава да утврдиме каде се регистрирани, колку вработени имаат, каде се носат уредувачките одлуки, кој е сопственик на порталот, итн,“ вели Трајчевски во изјава за ПИНА.мк. 

Но директорот на АВМУ вели дека ДИК само го почитува Законот.

„ДИК ако го почитува, а го почитува Законот не може да им забрани на овие портали да се пријават за платено политичко рекламирање“, вели Трајчевски.

Промени бараат сите ама битката ќе се води после изборите

Проблемот со спорни портали не е нов. И во минатите изборни циклуси имаше портали кои беа регистрирани само за таа намена како и портали без импресуми. И секои избори се зборува за промени во Изборниот законик и во регулирање на интернет порталите, но кога изборите ќе поминат сè се заборава.

Интернет порталите не се регулирани и токму тоа е најголемата битка на Здружението „Онлајн медиа“. Дамовски вели дека досега добивале само декларативна поддршка за законски измени. И покрај лобирањето, главниот збор ќе го имаат пратениците во Собранието. Претставниците на Здружението пред да почнат изборните процедури  биле на средби и во ДИК, и во Министерството за правда, но се сретнале и со пратеничките групи во Законодавниот дом.

„Буквално сите, немаше некој кој не кажа „да, конечно ова треба да се регулира“, „да, во право сте, тоа е патот по кој треба да одиме“. Меѓутоа, еве, сè се заврши како што е денес. Буквално никаква промена нема од последниот изборен циклус“, вели Дамовски.

И ЗНМ и Здружението на портали чаре гледа по завршување на изборниот процес за кога најавуваат дека ќе ги притиснат надлежните за конечно да се стави барем основна рамка на интернет просторот.

„Ја изгубивме оваа битка, меѓутоа, не и војната, се разбира. Веднаш, така и се договоривме, веднаш по изборите кога ќе се консолидира целата извршна и парламентарна власт да го почнеме одново кругот и да бараме овие измени да се донесат веднаш. Да не се чека сега наредните избори. Па потоа, знаете, есапот е малку поинаков кај секоја политичка партија. „Уф, па добро беше, тогаш си ќаривме толку“. Секогаш одат на линија на помал отпор: „Ајде и овие избори да ги скокнеме, па ќе видиме за наредните.“ Затоа нашиот план е веднаш кога ќе основа и Собранието и новата Влада да го свртиме овој круг и да инсистираме да се заврши тоа евентуално во 2025 година,“ вели Дамовски.

Чадиковски, пак, вели регулацијата на интернет порталите е неизбежна. Се надева дека по изборите партиите ќе имаат повеќе слух за барањата на новинарските здруженија.

„На тој начин ќе има едни едноставни правила на игра коишто порталите, оние што се професионални и што ги исполнуваат овие базични услови ќе можат да бидат дел од регистарот на медиуми во Македонија“, вели Чадиковски.

Но предлог-закон веќе постои. На него работеа АВМУ, ЗНМ, Државниот завод за ревизија, Антикорупциска комисија, Самостојниот синдикат на новинари.

„Сега само ќе треба да се афимира многу повеќе. Можеби ќе треба да направи поголем притисок врз новиот парламентарен состав тоа што попрво да го усвои, тоа што Агенцијата секогаш ги поддржувала овие активности, но одлуката треба да ја донесат пратениците во Парламентот,“ вели Трајчевски.

Сите соговорници кои ги контактиравме велат дека ова предлог-законско решение е добра основа за базична регулација на интернет порталите.

На овие избори на листата на ДИК се пријавија рекордни 249 портали кои ќе го поделат колачот од рекламните кампањи. За нив плаќаме сите граѓани бидејќи рекламирањето е од народни пари.

Листата на радиодифузери и портали која ја објави Државната изборна комисија изобилува со спорни интернет страници. Може да се забележат портали кои се создадени непосредно пред завршувањето на рокот за пријавување, регистрирани во странство, портали кои не биле активни од минатите избори, портали без импресум, ист портал со два домејна (.com  и .mk) од кои едниот редиректира кон другиот, дури и подпортали на приватни доктори чии главни страници служат за промовирање услуги и производи.

Во еден случај регистрирани се 10 портали на една компанија која важи за блиска до партијата ДУИ, а за кои медиумите веќе пишуваа дека организирале хајки против неистомисленици.

Портали кои објавуваат вести на повеќе јазици, на пример, македонски, албански и англиски исто така на листата се заведени како посебни ентитети. Со тоа тие од реклами ќе заработат двојно или тројно повеќе од останатите.

Согласно Изборниот законик, еден портал може да заработи до максимум 15.000 евра од рекламирање на кампањите од изборите. Тоа се и всушност народни пари, бидејќи партиите добиваат средства од ДИК.

Исплатата на парите се врши врз основа на претходно склучени договори помеѓу медиумите и учесниците во изборите за платено политичко рекламирање. Сопствениците на порталите мора да ги достават сите фактури поткрепени со медиа планови од АВМУ. По проверка на целокупната документација ДИК врши исплата на средствата.

Автор: Даниел Василев

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА