Учениците кои минуваат низ дуално образование, имаат предност пред останатите

0
103

Единаесет ученици од насоката „Техничар за производно машинство” од Електромашинскиот училиштен Центар „Св.Наум Охридски“ од Охрид ја извршуваат практичната работа во компанијата ЛТХ Леарница. Тие се дел од дуалното образование кое овозможува, преку работа во компанијата директно да се запознаваат со производствениот процес. За време на праксата имаат можност да го видат и почувствуваат она што го учат теоретски за време на наставата. Ваквото комбинирање придонесува за развој на високо квалитетни практични вештини кои ги бараат работодавците и компаниите.

Професорката Моника Матеска од Електромашинскиот училиштен Центар „Св.Наум Охридски“ смета дека учењето преку работа е процес на учење, каде што учениците вршат реална работа во реална работна средина, па така се директно поврзани во процесот и имаат можност да ги следат технолошките постапки на процесите од почеток до крај.

„Процесот учење преку работа на учениците им овозможува да се стекнат со широк дијапазон на резултати како што се: поврзување на теоријата со практичната работа, учење и користење на стручна терминологија, стекнување со нови стручни знаења, учениците реално се стекнуваат со специфични алатки, средства, уреди и направи,“ изјави Матеска за ПИНА.мк.

Учениците пак се едногласни дека праксата им овозможила многу повеќе да го унапредат своето знење.

„Теоретскиот дел подобро се разбира и восприема кога можеме да го видиме, односно практично да го примениме,“ вели Марина Петреска, ученичка во втора година на насоката, производно машинство.

На прашањето што е она што практично го учат во компанијата, ученичката Теодора Крстановска од четврта година вели дека учат како правилно и безбедно да ги користат ЦНЦ машините и обработките што следуваат на истите. Се што имаат учено до сега, го имаат спроведено во практичната настава.

„Подобро може да се снајдеме во праксата кога предвреме се информираме со теоретскиот дел од наставата“, вели Љупчо Илиески, ученик по производно машинство во трета година. Тој смета дека теоријата и праксата секогаш одат подобро заедно.

Ученикот во трета година Амар Јашари вели дека тоа што можат теоријата да ја применат во пракса, е доволно значајно за понатаму, и дека многу значајно за него како ученик е тоа што се запознал како работат ЦНЦ машините.

Ваквиот начин на учење преку работа им ја олеснува работата и на професорите, со тоа што тие имаат можност комплетно да ја реализираат теоретската настава, преку реални примери од процесите кои се извршуваат во компнијата.

„Преку учење, преку работа професорот има можност учениците реално да ги доближи до професијата и директно да ги поврзе со процесот, постапката, направите, алатките“, објаснува професорката Матеска.

Една генерација ученици, веќе се вработени

Менторот по производно машинство и конструткор во Алатница, Владо Пуцоски вели дека во учениците кои доаѓаат на пракса во ЛТХ Леарница препознаваат потенцијал  за идни работници во компанијата.

Владо Пуцоски, ментор по производно машинство и конструткор во Алатница

„Една од причините да се приклучиме во системот на дуално образование беше да обезбедиме идни млади работници преку директна соработка со средните стручни училишта, преку образовна програма која би обезбедила учениците да се стекнат со соодветни стручни знаења и вештини во текот на нивното образование со учење преку работа кај работодавач, така што, после завршување на средното училиште би биле спремни директно да се вклучат во производствените процеси во компаниите,“ вели Пуцоски за ПИНА.мк.

Тој додава дека од првата генерација од насоката Техничар за производно машинство поголемиот дел од учениците кои биле дел од практична настава во нивната компанија денес се таму вработени, а допрва очекуваат и таквиот тренд да продолжи како со втората така и со идните генерации.

Според професорката Матевска стручните училишта кај кои се изведува учење преку работа во компанија, покрај тоа што учениците се стекнуваат со диплома и теоретско знаење, тие се стекнуваат и со вештини од производните процеси, а со тоа се и поразлични од останатите ученици.

„Средните стручни училишта во кои што се рализира учење преку работа, на учениците им овозможија вештини, знаења, способност за брзо вклучување во процесите на конкретна технологија и работа,“ дополнува професорката.

Сите недостатоци кои се јавуваат во образовниот процес се дополнуваат со ваквиот тип на настава со тоа што теоријата е поврзана со практичниот дел. Со ваквиот начин на настава сликата за стручното образование се менува полека но сигурно. Подобрувањето на квалитетот и релевантноста на наставата и практичната обука кај работодавач се главните причини за популаризирање на средните стручни училишта.

Поврзување на теорија и практична работа

Ивана Георгиевска, раководител за стручно образование и обука на проектот „Образование за вработување“, вели дека уште од почетокот на проектот постоел интерес и подготвеност кај компаниите да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава.

„Бројот на компании вклучени во дуално образование имаше драстичен пораст од година во година како што се зголемуваше популарноста и информираноста за придобивките“, дополнува Георгиевска.

Во учебната 2020/2021 година бројот на компании изнесувал само 16, додека минатата 2023/2024, се приклучиле 560 компании.

Според Георгиевска, самата бројка не е толку важна колку што е важно во секој момент да има доволен број на компании кои што учествуваат во дуалното образование и ги апсорбираат учениците за нивно соодветно остручување.

„Учениците и нивните родители сега ја согледуваат можноста преку стручното образование да стигнат до вработување, за разлика од претходно кога средното образование служеше само како на пат до високото образование“, објаснува таа.

Проектот „Образование за вработување Е4Е “ од самиот почеток во 2018 година, применува инклузивен системски приод кој се заснова на зајакната соработка со партнери од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор на национално и локално ниво, надлежни за донесување на одлуки во системот на формално и неформално стручно образование и обука. Проектот настојува да соработува со Министерство за образование и наука, Стопанска комора на Македонија, Центар за стручно образование и обука, партнери кои имаат заедничка визија и заеднички цели со цел таквото партнерство да биде засновано на комплементарни придонеси од сите страни.

Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија од 2018, преку размена на искуства, знаења и најдобри пракси. Швајцарија е позната по системот на дуално образование преку кој, учениците ги комбинираат учењето преку работа во компанија со наставата во стручното училиште.

На овој начин приватниот сектор се поврзува со образованието, со цел да му овозможи на истиот да пристапи до квалификувана работна сила и да придонесе за пристојни можности за вработување на младите во земјата.Преку ваквиот приод, проектот со своите активности се стреми да придонесе кон системски промени кои ќе бидат одржливи на долг рок.

Актуелните бројки говорат дека од запишувањето ученици во средно стручно образование во учебната 2023/24 година, 3.895 ученици биле запишани во дуални паралелки, за разлика од 2020 година кога имало само 98. Последната учебна година има 235 дуални паралелки, наспроти во 2020 година, кога имало само 11. Потоа, 60 средни стручни училишта се вклучени во дуалното образование, наспроти 8 во 2020 година. Во однос на вклученоста на компаниите бројките се дека 560 компании се вклучени во дуалното образование, за разлика од 2020 година кога имало само 16.

Авторка: Ивана Крстеска Јаневска

  • Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата Хелветас