Жителите на селото Прждево, општина Демир Капија добија рекреативно паркче кое служи како место во кое децата од селото, но и жителите ќе можат да го поминуваат своето слободно време. Акцијата е дел од проектот „Филантропски акции“ која се реализира во соработка со „Акција Здруженска“ на иницијатива на месниот женски совет во село Прждево.
Паркчето е направено во рамки на подрачното училиште во оваа село и во акцијата беа вклучени жители од селото, активистки од село Бистренци и претставници од организацијата „Ромалитико“ кои се вклучија во делот на донирање.
Обезбедени се четири клупи за седење, две отпадни канти, мрежа, засадени се дрвца и детска лулашка. Дел од овие реквизити беа обезбедени од „Ромалитико“, а остатокот е обезбеден од луѓе филантропи кои се вклучија во оваа акција, а заслуга имаат и жителите во селото кои несебично со работна рака помогнаа и придонесоа за реализација на оваа иницијатива.
Менче Николова, програмска раководителка на организација на жени „Женско Лоби“ – Демир Капија вели дека до оваа иницијатива дошло преку одржување на состаноци на месниот женски совет на кој разговарале со жените околу нивните проблеми и потреби.
„Жените од село Прждево кажаа дека во нивното село недостасува едно вакво катче, место во кое самите деца во попладневните часови ќе се дружат и играат бидејќи немаат каде да се собираат и да го минуваат слободното време. Така дојдовме до идеја заедно со нив да сториме нешто. Нормално овде ќе можат да доаѓаат и жителите од селото и да го користат. Кога веќе ја имавме идејата, претседателката на месниот женски совет Зумрет беше упорна да го реализираме тоа“, вели Николова.
Таа вели дека во вакви мали средини како селото Прждево каде трендот на иселување е уште поголем од другите поголеми населени места, жените и децата се соочуваат со тоа што немаат простор за дружење и за средби.
„Во некои села дури немаат ни основни потреби како што е инфраструктура, па и фекална канализација, проблем со кој се соочува ова село. Генерално, потребите на жените честопати се и занемарувани за жал, па така ние како организација одлучивме да вклучиме што е можно поголем број рурални жени во креирањето на локалните политики, да се позанимаваме и да помогнеме во реализирањето на нивните потреби.
Реализацијата на филантропските акции е од исклучителна важност пред се за заедницата во која што таа се спроведува бидејќи имаме учество на повеќе чинители и доприносот кој што го даваме од поединецот за заедницата и за доброто на истата е нешто бесценето кое и понатаму треба да се негува. Јас апелирам ваквите акции да продолжат, како во село Прждево, така и во останатите населени места“, додаде таа.
Според Зумрет Фејзулова, член на „Женско Лоби“ и претседателка на месниот женски совет, идејата е преку ваквите иницијативи селото да се направи поубаво место за живеење.
„Со помош на локалната власт, поставен беше летниковец и некои улици ни беа асфалтирани, а нашата следна желба е да имаме канализација. Можам да кажам дека тоа е нашиот најголем проблем. Ние тоа веќе го побаравме од локалната власт, ни беше кажано дека проект има и дека се аплицира во соодветните фондови, така што се надеваме дека и овој проблем ќе биде решен“, вели Фејзулова.
Таа зборуваше и за тоа колку жените од селото се активни и дали учествуваат во иницијативите кои се однесуваат на подобрување на условите во нивното село.
„Да бидам искрена, жените во нашето село не се многу активни и не се трудат доволно. Иако на сите поединечно им пристапивме, сепак од повеќето добивме негативен одговор за присуство и за учество во било какви иницијативи. Вкупно 10 до 15 жени е бројката на најактивни жени во селото. Во селото има повеќе стари луѓе, млади нема многу, што ја отсликува состојбата во нашето село“, објасни таа.
Сепак, за некои работи, поместување има. Жените сè повеќе се охрабруваат да бидат вклучени во локалните политики каде директно разговараат со локалните власти за нивните потреби.
„Организираме состаноци со локалните власти на кои ги истакнуваме нашите барања каде директно со одговорните лица можеме да разговараме за приоритетите на селото. Има сериозно поместување во некои работи кај жените. Порано воопшто не знаеа како да поднесат одредени барања, не беа информирани за таков вид на процедури. После низа на обуки, состаноци и фокус групи, ситуацијата се подобри. Јас се надевам дека во иднина жителите на селото ќе се охрабрат и ќе ни се придружат во заедничкото креирање на локалните политики“, децидна е Фејзулова.
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата ,,Акција Здруженска“