Повик за ангажирање на соработник/чка за изработка на публикација за искуствата со онлајн вознемирување на новинарки и мапирање на можни решенија
Во рамки на проектот „Промовирање на безбедноста на новинарките и професионалните стандарди во медиумите“ кој го спроведува ПИНА – Платформата за истражувачко новинарство и анализи, а е поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, распишуваме отворен повик за ангажман на еден/на соработник/чка за изработка на извештај/анализа која ќе биде објавена како публикација за состојбата и искуствата со онлајн вознемирувањето на новинарките како и мапирање на можни решенија.
Краен рок за достава на пријавите: 11.05.2022 до 21:00 часот
Цели на повикот
Во изминатиот период, сознанијата од терен како и јавните податоци од новинарските здруженија и организации говорат дека новинарките во нашата земја сѐ повеќе се соочуваат со онлајн вознемирување, сајбер малтретирање, како и други видови на онлајн напади при извршувањето на нивната работа.
Поради важноста на ова прашање, кое недоволно се третира во јавноста и поради нормализацијата на ваквиот вид случувања, истите можат да имаат сериозни влијанија врз работата на новинарите како и нивната безбедност. Преку овој ангажман ПИНА се посветува на подлабинско испитување на состојбата за да дојде до релевантни сознанија од самите новинарки кои преку своите искуства ќе споделат како оваа појава влијае врз нив и нивната работа со цел да се изнајдат дополнителни решенија за надминување на овој проблем и оснажување на новинарките да се заштитат и побараат соодветна помош.
Во рамки на проектот предвидено е спроведување на истражување во вид на анкета и подготовка на извештај/анализа за состојбата со онлајн вознемирувањето на новинарките во земјата како и мапирање на можни решенија за надминување на проблемот и идентификување на дополнителни механизми и ресурси за соодветна заштита и помош.
За таа цел, ПИНА го објавува овој повик за ангажирање на еден/на соработник/чка со задача да:
– Изработи извештај/анализа базирана на претходно спроведени анкети со новинарките во земјата, да направи синтеза и анализа на добиените податоци и да извлече заклучоци за наодите и состојбата со проблемот, а по потреба да консултира и други извори;
– Соработува со истражувачите/ките кои ги спроведуваат анкетите за да се подготви финална публикација, како и да биде проактивно вклучен/а со предлози во целиот процес на изработка на анализата;
– Вклучи предлози за надминување на проблемот, како и да идентификува можни слабости кои треба да се подобрат од страна на релевантни тела, институции и организации и потенцијални други фактори кои може да влијаат на подобрување на состојбата.
Документи за пријава
Сите заинтересирани кандидати потребно е во рамки на наведениот рок да ги испратат следните документи по електронски пат на: info@pina.mk, со назнака „Повик за соработник/чка за публикација за онлајн безбедност на новинарки“:
– Кратка биографија (CV) на кандидатот/ката;
– Финансиска понуда за сработеното, која ќе ја вклучува вкупната цена во бруто износ, со кратко образложение во Ворд документ;
– Линкови или документи од претходно сработени слични извештаи или анализи, претходно искуство со изработка на анализи, извештаи и публикации ќе бидат земени предвид како предност.