Кратењето на буџетот за превенција од ХИВ го „затвори“ дневниот центар во Шуто Оризари 

0
373
фото: ПИНА

Ранец и челична волја – тоа „остана“ од Дневниот центар за намалување на штети од употреба на дроги во Шуто Оризари. На тимот од организацијата „ХОПС“ кој 15 години работи во оваа општина, веќе три недели канцеларијата им е под ведро небо. На седми април, токму на Светскиот ден на здравјето, се затвори единственото место каде луѓето кои употребуваат дроги, а и нивните семејства имаа отворена врата за сите услуги со кои се обезбедува превенција од ХИВ, како и намалување штети од употреба на дроги.

Освен за нега и третман за превенција од ХИВ, сега веќе празните простории, биле спас и во пандемијата. Центарот бил место каде овие луѓе можеле да добијат храна, да се избањаат, да добијат чисти алишта. Сега трпеливо чекаат секој вторник, четврток и петок, социјалниот и теренскиот работник да ги посетат и да им донесат медицинска опрема.

Томислав пред вратите на затворениот центар / фото: ПИНА

До ваков крај дојде, како што велат од „ХОПС“, благодарение на одлуката на државата да ги скрати финансиите од превентивните програми за ХИВ за 40 отсто.

Поминавме еден работен ден на терен со Томислав Ружин, социјален работник од „ХОПС“ и неговиот колега кој е теренски работник. Се сретнавме пред поранешната канцеларија на центарот.

Внатре, освен самолепливите постери на кои на албански јазик пишува „Не допирај – јави се на ХОПС“, не постои видлив доказ дека тука се спасувале животи.

Некои од луѓето кои се корисници на услугите на центарот, ги посетуваат дома – тие што имаат дом. Со останатите, се среќаваат по улиците во Шуто Оризари.

фото: ПИНА

Без лични документи, матичен лекар, а сега и без секојдневна нега се две лица кои инсистираа на анонимност.

Едниот има 37, а неговиот пријател 43 години. Оделе во центарот уште откога е отворен кај нив, во комшии. Тие бараат да се отвори дневниот центар.

,,Ако останеме без помош, секој ден луѓе ќе умираат. Сега нè тераат и нè маткаат, ни велат оди ваму, оди таму. Се молиме за една преврска“, зборуваа во еден глас.

На пат до следната куќа нè пречека 50-годишен маж, за да го преземе пакетот кој му следува.

„Многу сме разочарани. Сите се разочарани. Ми помагаа, ми ги переа алиштата имав каде да се бањам, со кого да зборувам. Не само јас и другите луѓе што се  тука. Навистина е срамота што го затворија центарот. Луѓето сами си купуваат гази, сами си прават преврски, сами се лекуваат. Кога беше центарот имаше доктор кој доаѓаше и се грижеше за нив. Не инјектирам дроги, ама гледав што се случува, им помагав, работев заедно со персоналот на „ХОПС“, раскажа тој.

фото: ПИНА

Тој е на бупренофинска терапија, а моментално е меѓу корисниците на дроги на кои во центарот во Кисела Вода им било кажано дека немаат „бупренорфин“ и не знаат кога ќе биде обезбеден.

„Те тераат и те враќаат пак назад, да земаш дроги, да крадеш, да идеш по затвори – многу сум разочаран верувајте – многу“, коментира тој.

На ова подрачје, од 2007 година досега се опслужени околу 500 клиенти, а месечно тој број е од 50 до 70 клиенти, раскажува Томислав од тимот на „ХОПС“.

„Многу е полошо сега. Многу мал дел од лицата можеме да ги најдеме и да ги контактираме. Најчесто се оди само кај тие што знаеме каде се наоѓаат во моментот, немаат мобилни телефони, тешко се достапни. Ама, оставам опрема кај тие што знам дека живеат сами за да можат да си поделат кога ќе се сретнат. Видовте и сами, каква е состојбата. Дополнително, единствениот контакт што го имаат со лекар овие луѓе е преку нас, одевме заедно да ги преврзат и прегледаат. Кога поаѓаат сами на доктор многу често се дискриминирани“, објаснува Томислав.

Центарот кој неодамна се затвори беше отворен со помош на Глобалниот фонд во 2007 година. До негово затворање дојде откако Владата реши наместо 46.5 милиони денари, оваа години од државната каса да се дадат само 27.5 милиони денари.

Поради ова, бројни граѓански организации во организација на Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ излегоа на протест на 4 април.

Тогаш, Хајди Штерјова-Симоновиќ од платформата, истакна дека Министерството за здравство изјавило дека секој денар вложен во превенција и штеди на државата седум денари за лекување.

„Прашањето е зошто тогаш Владата, Министерството за здравство и Министерството за финансии кратат дури 40% од превентивните програми коишто се наменети за превенција на ХИВ во државата. Ова кратење во пракса значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од системот за здравствена и социјална заштита. Ова кратење значи затворање, значи веќе се затворија некои од центрите кадешто се години наназад се вложувале домашни и странски инвестиции за да се градат тие ресурси, инфраструктура и капацитети“ , изјави на протестот Штерјова-Симоновиќ.

Претходно, на 17 март Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ одржа прес-конференција пред Министерство за здравство. Веднаш потоа поднесено е и барање за средба со премиерот Димитар Ковачевски. За сега и покрај барањето на граѓанскиот сектор за средба со надлежните, дијалог и можни решенија за „спас“ на овие луѓе и на организациите кои работат со нив –  нема.

Авторка: Теодора Цветковска