Февруарската одлука за покачување на минималната плата на 18.000 денари донесе еден куп средби помеѓу различни синдикати и властите, но и барања, реакции, соопштенија и апели. Економската криза „удри“ по џебот на граѓаните, додека во меѓувреме се наговести „жешка пролет“, која предизвика бројни работници од различни синдикати преку штрајкови и протести да побараат зголемување, односно усогласување на нивните платите со минималната плата.
Еден од највпечатливите овие денови во јавноста е Самостојниот синдикат на образование, култура и наука (СОНК) кој започна со штрајк на 11 април, во градинките, основните и средните училишта.
Покрај нивното главно барање за усогласување на платите во просветниот сектор со минималната плата, тие, меѓудругото бараат и надоместок за превоз на вработените, додаток за работа во комбинирани паралелки, додаток за прекувремена работа и надоместок на регрес за годишен одмор.
Последниот тек на настаните е дека Владата предложи да се зголемат платите во просветниот сектор за 10% со ребаланс на буџетот. Од синдикатот пак, како и претходно, повторија дека ваквиот предлог е неприфатлив за речиси 100% од членовите на синдикатот. Дополнително, тие посочија дека со предлогот на Владата не се остава простор за преговори по ова прашање.
СОНК претходно оствари и повеќе средби со Владата и со социјалните партери од ресорните министерства, но од синдикатот посочија дека преговорите не довеле до никаков резултат.
Претседателот Јаким Неделков пак, во повеќе наврати овие две недели додека трае штрајкот, реагираше дека вработените во градинките се соочуваат со големи притисоци за да прекинат со штрајкот.
Илјадници вработени во државните институции, управите и судовите пак, неколку дена претходно, на 7 април ја прекинаа работата на два часа, два дена по ред. Нивното барање е идентично како и на другите синдикати, покачување на платите и ниво усогласување со новото покачување на минимална плата.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски посочи дека вработените во управата немаат добиено никакво зголемување на платите години наназад. Истовремено, тогаш најавија дека ќе донесат и нови одлуки како ќе постапуваат во иднина по предупредувачкиот штрајк.
Во генерален штрајк на 14 април стапија и вработени во Македонска пошта. Сепак, по нецел ден штрајкот беше ставен во мирување. Управниот одбор уште истиот ден даде предлог платите во пошта да се зголемат за 3.000 денари.
Претседателот на синдикатот во Македонска пошта, Боро Велигданов посочи дека предлогот е платите да се зголемат од 1 јуни за вработените во оперативниот дел, а од 1 август покачување на платата и за административните службеници.
Од 26 април, секојдневни протести пред Владата и Собранието од 16 до 17 часот најавија од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Протестите се најавени доколку не се исполнат нивните барања за зголемување на бодот на 103 денари, со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200 и би се усогласиле останатите плати на сите во јавниот сектор.
Претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција изјави дека членството е „крајно разочарано и се чувствува манипулирано“, а додаде дека решението е многу едноставно. Според него, со овој проблем се засегнати околу 100.000 работници во државата.
Дополнително, од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) упатија повик до сите работници, граѓани и останати синдикати да се приклучат на масовен синдикален протест за први мај.
Главното барање на протестот е најмалку 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати во приватниот и јавниот сектор од 1 мај, вклучително од, како што рекоа „општиот работник до претседателот на државата“.
„Покачувањето на платите ќе спречи подлабока економска криза“
Состојбата е навистина сериозна, а тоа се покажува со тоа што во последните 20 години никогаш не се случило толку многу и толку различни синдикати истовремено да побараат повисоки плати. Вака економскиот експерт, професор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии и поранешен советник во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ ја опишува моменталната синдикална состојба и економска ситуација во Македонија.
Истовремено, тој очекува уште повеќе синдикати во наредниот период да им се придружат на штрајкувачите.

„Моменталната инфлација, која е движена од повисоките цени на храната и енергијата, ги погаѓа пред сè сиромашните и работниците, кои најголем дел од својот буџет го трошат за овие работи. Врз нив претходно падна и товарот на пандемијата. Како капак на сето тоа, владата излегува со арогантни изјави а-ла Марија Антоанета, дека ако се покачат платите на работниците инфлацијата уште повеќе ќе се зголеми, односно, дека работниците треба да гладуваат, за инфлацијата да се намали. Сето тоа иритира, и работниците стануваат да си го бараат своето“, вели Јовановиќ.
Според него, Владата е затечена, и од барањата на синдикатот, но и од нивната решителност, а тоа кажува колку всушност владата, како што вели, „нема допир со реалноста“.
„Има една изрека – ситиот на гладниот не му верува, и мислам дека тоа совршено ја опишува оваа ситуација. Сместени во нивните удобни фотелји, со луксузни службени коли и шофери, со плати неколку пати повисоки од оние на учителките и работниците, и со бројни други привилегии, премиерот и министрите не ги чувствуваат поскапувањата и не им е ни јасно како некој може да се буни затоа што храната поскапела“, вели Јовановиќ.
„Па наоѓаат разни изговори, дека наставниците не работеле доволно, дека работниците биле непродуктивни, дека прво тоа требало да се подобри, па потоа да се зголемат платите… А никогаш ни збор за тоа како богатите се збогатија за време па пандемијата, ниту за тоа како огромните профити на монополските компании ќе пораснат и во оваа криза“, додава тој.
Јовановиќ вели дека тоа е она што најмногу „навредува и повредува во целата ситуација“, додавајќи дека Владата, за која вели дека е декларативно социјал-демократска, ги обвинува работниците за проблемите во државата
„Без да спомене дека можеби мал дел од вината лежи и кај нив самите, или пак кај олигарсите, кои ја контролираат секоја влада“, додава Јовановиќ.
Во меѓувреме, тој објаснува дека не треба да има никаква дилема околу тоа дали буџетот може да издржи повисоки плати. Јовановиќ вели дека доколку месечната плата се зголеми за 50 евра и бидат опфатени 100.000 работници, од вкупно 130.000 во јавниот сектор, тоа е еднакво на 60 милиони евра годишно.
„Тоа се само 1.5% од државниот буџет, кој изнесува 4 милијарди евра. Или, тоа е еднакво на приходите кои ги остварува државата за 4 дена. Ќе потсетам и дека владата до вчера се фалеше како обезбедила 600 милиони евра поддршка за бизнис секторот во оваа криза. Значи, за бизнисмените можат да се најдат 600 милиони евра, а за работниците не може ни 60?“, запраша Јовановиќ.
Дополнително, професорот објаснува дека од макроекономска гледна точка, во услови на ваква инфлација, наметната од надворешни фактори, најдобриот начин да се заштитат луѓето од сиромаштија, но и да се стимулира економски раст е покачување на платите, пензиите и социјалната помош.
„Инфлацијата ги јаде реалните примања на луѓето, односно, ја уништува куповната моќ на парите, што понатаму доведува до пониска реална потрошувачка, што пак понатаму ја намалува економската активност. Ако се зголемат примањата на луѓето, се штити нивната куповна моќ, со што понатаму се поттикнува и потрошувачката, а со тоа и економската активност“, посочува Јовановиќ.
Според него, апсолутно не се издржани аргументите дека покачувањето на платите ќе доведе до уште повисока инфлација.
„Оваа инфлација не е предизвикана од повисоките плати на луѓето, туку од повисоките цени на енергијата и храната секаде во светот, поради војната во Украина. Покачувањето на платите ќе има минимален ефект врз инфлацијата, а ќе спречи да има подлабока економска криза, предизвикана од потисната потрошувачка“, посочи Јовановиќ.
И покрај бројните неусогласувања и поделби помеѓу синдикатите, добро е што тие излегуваат со слични барања и тоа што се „разбудија“, вели Јовановиќ.
Но, додава дека е тешко да се каже колку долго ќе потрае усогласеното дејствување. Истовремено, вели дека искуството покажало дека тешките времиња и кризи ги зближуваат луѓето.
„Така беше и во 2013-2014 година, кога режимот на Груевски беше на својот врв, кога неколку синдикати и граѓански организации се здружија во ‘Повелбата за солидарност’ и дејствуваа заеднички неколку години, до падот на Груевски. Но, откако се смени власта, дојде до раздвојување и на синдикатите и граѓанските здруженија. Тешко е да се каже зошто точно, но веројатно веќе немаше што да ги држи заедно, ја немаше опасноста од режимот“, објаснува Јовановиќ.
„Можно е тоа да се случи и сега, но во моментов е добро што синдикатите се будни и гласни“, дециден е Јовановиќ.
Автор: Мартин Колоски