Хрватскиот веб портал Lupiga.com е еден од најстарите непрофитни медиуми во Хрватска и регионот.
Тие започнаа crowdfunding кампања со која собираат финансиски средства кои ќе им овозможат медиумот да функционира додека не обезбедат други посигурни финансиски решенија. Досега се собрани речиси 23 илјади долари, а нивна цел е да се соберат 30 илјади долари. Во кампањата Лупига ја поддржаа бројни познати јавни личности, пејачи, актери и новинари од Хрватска и регионот.
„Ако успееме да го собереме овој износ кој за нас би значел движење во финансиските рамки во кои и сега се движиме, сите пари ќе ги потрошиме на ангажман на нови автори, кои се препознатливи и на нашите простори како адреса за добро и бескомпромисно новинарство. Имињата и на авторите и авторките кои досега објавуваа на Лупига секако нема да бидат фрлени како мамка, сите автори ни се подеднакво важни. Исто како и секој читател и читателка.
Можеме да ви гарантираме дека од луѓето кои ќе прифатат соработка со Лупига ќе добиете искрени и аргументирани ставови. Со некои ќе се сложите, со некои нема, но и во првиот и во вториот случај ќе бидете сигурни дека сте прочитале автентично мислење, зад кое не стојат задни намери како што се рекламирање, прикривање, манипулирање и се она што досега се изнагледавме во јавниот простор колку за десет животи“, велат од Лупига во нивниот повик.
ПИНА како партнер на Лупига се вклучува во поддршката за медиумот. Кампањата за собирање на средства трае уште девет дена, а повеќе информации за неа може да погледнете на следниот линк.