Насилството е една од ретките теми околу која успеваме да гравитираме со консензус за осуда и санкционирање. Сепак, кога во таа рамка се отвори темата за сексуално вознемирување на жени нашите „Ама Брат!“ пријатели и пријателки не додржаа. Одеднаш оваа форма на насилство и вознемирување се чешла од сите страни во обид за наоѓање на простори за одобрување.
Деновиве изначитав тиради за човековата сексуалност која сега е нападната. Ама брат, има разлика, и тоа суштинска, меѓу сексуалноста, интимните и сексуални релации и насилството и вознемрувањето. И така брат, луѓето се делат на љубовници и насилници.
Последната студија за опсегот на различните форми на сексуално насилство во Р. Македонија покажува дека 35% од испитаниците имале искуство на сексуално вознемирување. Секој трет испитаник, во огромна предност секако жените, искусиле една од следниве форми на сексуално насилство: сексуално вознемирвање, сексуално вознемирување на работно место или сексуален напад (силување). Овие бројки се аларм кој по се‘ изгледа не е доволно силен за да не‘ разбуди од идиличниот влажен сон. Само кога оваа влага ќе ја погледнеме подобро ќе видиме дека тука има сенешта, ама има и солзи.
Не знам кога се случи тоа, да престанеме да ги слушаме оние чии искуства се тажни, болни, непријатни или трауматски. Одеднаш во реториките на исповед и споделување го втурнавме она „АМА“. Ама брат, тие споделени приказни кои излетаа од процепот кој се отвори се наши, заеднички. И мажите и жените добро знаат како е да се биде втурат во релации кои се непријатни и повредувачки од страна на луѓе на позиција на моќ. Нашите приказни за експлоататорските газди, арогантни и нечесни шефови, неправедни професори се наши заеднички искуства. Овие форми на злоупотреба на моќ треба да не‘ врзат во солидарност и емпатија. Жените, сепак, се подложни, повеќе од мажите, на специфична форма на вознемирување од позиција на моќ, сексуалната. Една од спецификите на овој вид на насилство е што кај голем број од жртвите постои срам и страв да се побара излез.
Како човек чија професија, но и активизам, ме донела често во контакт со жртви, особено жени, можам слободно да кажам дека ние живееме култура на нормализирање на сексуалното насилство и вознемирување. За некои жени, дофрлувањето на улица (catcalling) може да биде ласкаво. Работејќи на истражување за наслство врз жени и девојки на јавен простор, во деновите поминати во слушање на одговорите на жените, се сретнав со огромен број на жени на кои ова им пречи. Нејсе, она што треба да не‘ вознемири е реакциите токму на тие жени. Најчест механизам на одбрана е наведнување на главата и фокусирање на погледот во земја додека се одминува дофрлачот.
Овој телесен гест на срам и повлекување во себе најсликовито го скицира македонскиот профил на жена во таква ситуација. Фрапантни беа и одговорите на девојките кои имале искуство на сексуален напад или вознемирување од непознат сторител на јавно место. Нивните приказни беа кус опис на настанот и локацијата и долга исповест за „нивната грешка“. Нивната грешка најчесто ја лоцираа во изборот да се движат сами во темни улички, да се излегува сама ноќе. Себеобвинувањето е застрашувачки распространето и доминантно. Па така, справувањето со овој вид на насислство во вакви култури, единствено паѓа на грбот на жртвите. Ако тука го додадеме и комплетното отсуство, во формалното образование пред се‘, на информации и знаења за овие теми добиваме еден вид џиберско елдорадо кое е истовремено опресивно и за мажите и за жените кои не ги окупирале троновите на моќ. Ми доаѓа понекогаш да вреснам: Абе брат, заедно сме во ова!
Затоа, оставете ги, барем за кратко, настрана, поривите да обвинувате за пуританзам. Нема ништо пуританско во тоа да имам контрола и вредносен суд во однос на зборовите и допирите кои се однесуваат на мене. Заборавете на ламентирањето „кутрите наши синови нема да можат веќе да се додворуваат“. Додворувањето едноставно нема смисла ако едната страна гледа каде да побегне. Размислете за културните и општествени хистерии кои стапуваат на сила секогаш кога машкото тело е отворено за пентрирање со збор, поглед или допир. Тој фолклор со сапунчиња врзани околу врат при одење во војска, ритуално спасување на машкиот задник, шегите за задникот до ѕид во присуство на други мажи кои можат да ги посакуваат и слично.
Во нашата култура машкиот задник, иако исклучително ретко нападнат, е мобилизирачки фактор на обединување против сексуалноста, а женскиот субјект и тело дел од широк општествен компромис. Ете затоа, потребно е нашите синови, младите момчиња, да почнеме да ги учиме што е додворување, девојчињата што е согласност и да вложуваме во една општа еманципација која оние кои се долу во хиерархијата на моќта ќе не‘ научи да бидеме солидарни и емпатични меѓу себе и свесни за можните злупотреби. За да стигнеме дотаму ќе мора да научиме да слушаме. Верувам дека е тешко да се слушаат искуства кои се непријатни, тажни, болни, ама тоа сега е нужно. Да молчиме и слушаме барем за миг. А тоа „ама брат“ ќе си го упатиме на друга адреса, на оној газда кој решил да ја слета раката на коленото на својата вработена, на пример. Нели брат?!
Автор: Ирена Цветковиќ, активистка за човекови права и познавач на родовите прашања, дел од Коалиција „Маргини“
Мислењата и ставовите во рубриката „Колумни“ на pina.mk целосно им припаѓаат исклучиво на авторите и тие може но и не мора да ја рефлектираат уредувачката политика на pina.mk или позициите на организацијата ПИНА. ПИНА не секогаш се согласува целосно со ставовите изнесени од страна на авторите на колумните.