Со дискусијата „Новинарство во време на пандемија“ вчера започна четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје.
Со пофални зборови за изборот на годинешната фестивалска тема „Солидарност“, говорничките Ренате Шродер од Европската федерација на новинари и Киран Назиш од Коалицијата за жени во новинарството, истакнаа дека се неопходни меѓусебна поддршка и солидарни мерки за новинарите кои во овие турбулентни времиња честопати се мета на напади. Шродер објасни дека неодамна, како заштита од можни напади, реномиран медиум од Холандија одлучил да го отстрани своето лого од опремата што новинарите ја користат во јавност, нагласувајќи дека мала група десничарски екстремисти се доволни да направат голем проблем, дури и во т.н. демократски земји во Западна Европа. Европската федерација на новинари активно соработува со Советот на Европа залагајќи се за поголема безбедност на новинарите.
Назиш истакна дека Коалицијата за жени во новинарството евидентирала пораст на организирани онлајн напади со навреди и закани кон новинарки што ескалирале со физичка агресија. Таа додаде и дека ги забележале онлајн заканите и навредите кон македонските новинарки, Мирослава Брнс, поради нејзино известување врзано со пандемијата, и Тања Милевска, за известувањето во предизборието.
Универзален е и впечатокот дека пандемијата само ги нагласи веќе постоечките проблеми како што се родовата нееднаквост во професијата, проблемите со финансирање и растечката недоверба во медиумите. „Големата недоверба во медумите го отежнува и финансирањето, што особено се чувствува во локалните медиуми. Во одредени држави како Турција, Пакистан, Индија и Нигерија скоро е невозможно да се опстане како независен медиум“, објасни Назиш.
„Во Норвешка функционира моделот со претплата бидејќи луѓето се навикнати да плаќаат, што не би функционирало во повеќето други земји“, Ренате Шродер ја истакна предноста на побогатите држави додавајќи дека „Балканот останува „бојно поле“ со повеќеслојни проблеми“ каде сепак е позитивно зајакнувањето на синдикатите. Зборувајќи за невидено честите навреди што политичарите во Средна и Источна Европа им ги упатуваат на новинарите, Шродер ја истакна неодамнешната ситуација каде словенечкиот премиер со навреди се обидува да ги дискредитира новинарите од јавниот сервис, нарекувајќи ја трампизација.
Двете соговорички се согласни дека довербата во медиумите е нарушена и дека е неопходна подобра комуникација меѓу новинарите и народот, за што клучна улога играат локални дописници и репортери на терен.
Ренате Шродер ја истакна иронијата што во период кога постои најголема потреба од новинари, најтешко оди финансирањето на медиумите. „Новинарите спасуваат животи, затоа што се посредници меѓу научната фела и граѓаните, новинарите ги пренесуваат стручните совети на начин разбирлив за народот, ги пренесуваат и одлуките на политичарите во период кога никој не знае што се случува. И сето тоа кога веќе немаме бизнис модели, кога 60-80% од приходите од реклами одат кај големите платформи“.
Соработките меѓу различни медиуми се светлата точка за време на пандемијата. Назиш смета дека доживување на колегите како конкуренција е штетно, со оглед на тоа дека секој новинар треба да му служи на народот. Соработките се вид солидарност и се особено потребни на места каде постојат обиди за цензура и политички притисоци, како што е Белорусија. Шродер со воодушевување зборуваше за истрајноста на новинарите, а особено новинарките, кои не се откажуваат и покрај сите притисоци и апсења и сподели неколку примери за солидарни акции што европски новинари ги прават за своите колеги од Белорусија.