Препораки: Говорот на омраза да биде инкриминиран како засебно кривично дело

0
134

„Говорот на омраза во македонскиот правен систем е инкриминиран преку низа законски одредби, а исто така се регулира и преку независните регулаторни и
саморегулаторни тела. Иако не постои една единствена одредба со која се регулираат сите форми на говор на омраза, говорот на омраза во Северна Македонија сепак
е значително регулиран. Како и да е, говорот на омраза не е јасно и директно инкриминиран како засебно кривично дело во Кривичниот законик на Северна Македонија“.

Ова е дел од заклучокот на неодамна објавената Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза во авторство на професорката по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје д-р Елена Михајлова Стратилати.

За ПИНА, Михајлова Стратилати објаснува дека е многу важно говорот на омраза да биде инкриминиран како засебно кривично дело во Кривичниот законик.

„Неговата формално-правна рамка е расплинета во повеќе кривични одредби со различни листи на заштитени карактеристики што придонесува кон одржување на еден општ концептуален проблем со неговото разбирање. Концептуалните нејаснотии врзани за говорот на омраза исто така влијаат врз развојот на судската практика. Понатаму, концептуалните нејаснотии исто така отвораат простор за преголема дискреција на органите за примена на правото и потенцијални злоупотреби како на пример за политички прогон на неистомисленици или кривична одговорност за навреди кои не влегуваат во овој концепт“, објаснува Михајлова Стратилати.

Таа вели дека концептуалната правна рамка на говорот на омраза е важно прашање кое заслужува посебно внимание, барем од две основни причини.

„Во Северна Македонија сè уште постои општ концептуален проблем со разбирањето на говорот на омраза, кој не се разликува доволно од акти на лична навреда и клевета и не се фокусира на поттикнувањето на омраза и дискриминација против одредена идентитетска група, како што се етничките, верските или сексуалните малцинства. Иако ситуацијата на препознавање на говорот на омраза е значително подобрена изминатите неколку години, што е пред се резултат на активностите на меѓународните организации и на граѓанскиот сектор, сепак потребни се натамошни напори за адресирање на концептуалните недоразбирања и појаснувања во насока на тоа дека не секоја омраза е и говор на омраза. Тоа е едната причина. Другата причина е што говорот на омраза не ужива универзално прифатена формулација, односно правно обрзувачка дефиниција и тоа е резултат на два главни фактори, имено, различното толкување на слободата на говорот меѓу земјите или регионите како и меѓусебно поврзаните диференцијации во концептуализацијата на штетата или повредата“, вели Михајлова Стратилати.

Во однос на казните за сторено вакво дело, таа спомена дека во Анализата е препорачано ублажување, но и поголемо вклучување, онаму каде што е соодветно, на паричните казни, по примерите кои се среќаваат во националните законодавства на земјите-членки на Советот на Европа и Европската Унија.

„Се препорачува прибегнување при изрекувањето на казните и кон изрекување на мерка на општокорисна работа, доколку се исполнети условите за тоа. Како на пример, барањето да се извршат одредени работи за лицата кои биле цел на говор на омраза или доброволна работа во невладини организации во областа кои даваат поголеми резултати односно имаат потенцијал да го сменат ставот на сторителот и малку е веројатно да бидат сметани за непропорционални и според тоа оспорувани во најголем број од случаите“, додава таа.

За ситуацијата кај нас во однос на регулирањето на говорот на омраза на социјалните мрежи, професорката рече дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во рамки на Министерството за внатрешни работи е телото одговорно за постапување по случаи на говор на омраза направен преку Интернет и спречување на неговото понатамошно ширење.

„Способноста да се реагира на говорот на омраза на Интернет зависи и од подготвеноста на меѓународните платформи да соработуваат со Министерството за внатрешни работи. Имајќи на ум дека државите се оние кои ја имаат крајната обврска за заштита на човековите права и слободи и во дигиталната средина, од Северна Македонија се очекува да донесе ефикасна легислатива за спречување и борба против говорот на омраза на интернет. Во процесот на изготвување на една хармонизирана легислатива, Актот за дигитални услуги на ЕУ ќе има огромна важност“, децидна е Михајлова Стратилати.

Разговаравме и со Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет за човекови права кои имаат создадено веб-платформа – www.govornaomraza.mk. Основната цел на граѓаните да им овозможи пријавување на сите случаи на изразување во кои постојат елементи на омраза поради припадноста на лице и/или група лица, кон одредена група или заедница.

„На корисниците на платформата им се овозможува да препознаат говор на омраза преку примерите достапни на табот ‘Препознај говор на омраза’, како и преглед на веќе доставените пријави, категоризирани по посебни кривични дела. Крајна цел на оваа платформа е подигнување на свеста на граѓаните за феноменот говор на омраза во јавниот простор, што ќе им помогне да му се спротивстават, а со тоа и да го спречат неговото ширење во општеството. Овaa платформа функционира врз основа на пријава на граѓаните за случаи на говор од омраза“, рече Петковска.

Таа објаснува дека говорот на омраза може да се пријави на неколку начини, преку интернет формуларот достапен на веб-платформата, преку кој може да се испрати и фотографија или видео и на мејл адресата helkom@mhc.org.mk.

Хелсиншкиот комитет останува единствена организација која успешно регистрира случаи на говор на омраза и криминал од омраза на своите две платформи www.govornaomraza.mk и www.zlostorstvaodomraza.com, вели Петковска.

„Во 2023 година, за периодот од јануари до септември, на нашата платформа регистрирани се вкупно 805 случаи на говор на омраза со елементи на кривично правни дела, како и дискриминаторски и вознемирувачки говор. Од вкупниот број пријави 406 се однесуваат на говор на омраза врз основа на етничка припадност, 256 се однесуваат на случаи поврзани со говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, а регистрирани се и 169 случаи поврзани со национална припадност и 100 врз основа на политичка припадност“, додава таа.

Невладиниот сектор се обидува да допре до одговорните органи и да им пружи помош за да се реши проблемот со тоа што ќе се донесе ефикасна легислатива за спречување и борба против говорот на омраза на интернет. Но, според правната советничка и проектен координатор во Хелсиншкиот комитет Славица Анастасовска, интересот за соработка е слаб.

Анастасовска смета дека судската пракса сѐ уште не е на завидно ниво, особено кога станува збор за заштита на маргинализираните групи и дека нема ниту една пресуда за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

„Важно е државата да ги мапира ‘болните’ точки во нашето општество и да работи како на санкционирање, така и на превенцијата на појавата на вакви негативни феномени како што е говорот на омраза“, појаснува таа.

Анастасовска посочува дека за стратешки да се постават приоритетите, потребна е статистика од сите релевантни институции како МВР, обвинителството, судовите и Комисијата за заштита и спречување на дискриминација која понатаму ќе се анализира и преточи во национален план за справување со омразата и нетолеранцијата генерално.

„Иако Хелсиншки комитет има воспоставено соработка со органите на прогон, сепак недостасува сериозна посветеност и целосен пристап за справување со предрасудите кои пак се манифестираат како омраза и нетрпеливост кон различните групи“, децидна е таа.

Доколку говорот на омраза нема соодветна формалноправна квалификација, тој останува надвор од видното поле на службените статистики и другите извори на податоци, се посочува во заклучокот на Анализата.

Таму, децидно се наведува дека на тој начин, не само што нема доследно гонење за казнените дела за говор на омраза како заштитна функција на казненото право, туку изостанува и превенцијата за нивно извршување и за понатамошно ширење на говор на омраза во јавната сфера на општеството.

Автор: Кристијан Трајчов