Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева една година е лице за контакт за предметите поврзани со безбедноста на новинарите во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје.
Во интервју за ПИНА таа вели дека со зголемената употреба на онлајн просторот се регистрираат сѐ поголем број од заканите и вознемирувањата. Според неа често жртви се новинари, особено жени– новинари. Во однос на заплашувањата, заканите и насилството врз новинарите, таа вели дека не постои неказнивост.
Неодамна беа претставени новите Контакт точки во обвинителствата, односно дополнително беа именувани три нови обвинителки од различни градови за предмети поврзани со безбедноста на новинарите. Колку ова ќе придонесе во спроведување на правдата на национално ниво?

Моето назначување како јавен обвинител задолжен да ги следи предметите поврзани со безбедноста на новинарите во ОЈО Скопје, како и назначувањето на уште три јавни обвинители во основните јавни обвинителства во Штип, Тетово и Битола, е одраз на посветеноста на Јавното обвинителство да укаже дека нема толеранција за нападите врз новинари кои ја загрозуваат слободата на говор како еден од највисоките постулати на демократијата.
Ние како контакт-точки не постапуваме по сите предмети кои се однесуваат на безбедноста на новинарите, но го следиме постапувањето, се координираме со колегите, водиме евиденција и овозможуваме транспарентност и видливост на таквите постапки. Секое вакво институционално залагање, кое очигледно и според статистиките и според меѓународните извештаи во оваа област дава резултати, недвосмислено придонесува и за достигнување на генералните цели за спроведување на правдата.
Од досегашното искуство, откако сте назначена за јавна обвинителка за контакт за предмети поврзани со безбедноста на новинарите, што покажуваат статистиките? Колку новинари се обратиле до вас, и за какви сѐ случаи ве контактираат? Дополнително, има ли успешни приказни на добиени спорови за сето ова време?
Да појаснам, новинарите најчесто не се обраќаат до мене, туку настанот си го пријавуваат во полиција или обвинителство, онака како што налага кривичната постапка. Се разбира, јас сум тука и да им помогнам доколку имаат дилема дали одреден напад врз нив има обележја на кривично дело или станува збор за клевета или навреда, на пример за кои е предвидена граѓанска постапка. По поднесување на пријавата, предметот се евидентира и се следи, а за текот на ваквите постапки го известуваме и Здружението на новинари и релевантни меѓународни организации кои изготвуваат извештаи за состојбите со човековите права.
Јас веќе една година сум назначена на оваа позиција од основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје и во овој период, во надлежност на ова скопското обвинителство регистрирани се вкупно 5 предмети поврзани со безбедноста на новинари. Се разбира дека има како што викате „успешни” приказни. Веќе изречени се 2 пресуди, поднесено уште едно обвинение, што практично значи дека во три предмети од обвинителски аспект предметите се решени и е лоцирана кривична одговорност. Во уште два предмети се преземаат дејствија со кои се трага по сторителите. Сепак, јас лично за успешна приказна би сметала доколку во таа статистика на напади врз новинари не би регистрирале веќе ниту еден предмет.
Од 103 анкетирани новинарки во земјава, 81.6% се соочиле со онлајн вознемирување, според истражувањето на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА. Дали вознемирувањето и нападите се се’ почести во онлајн светот, и дали новинарките се поголема мета на заканувачите?
Да, тоа го покажува и нашата пракса. Иако не секогаш станува збор за коментари и пораки кои во себе содржат елементи на кривично дело, сепак има таков тренд кој загрижува. Со зголемената употреба на онлајн просторот на кој практично се префрла поголемиот дел од јавниот дискурс, таму се регистрираат и се поголем број од заканите и вознемирувањата. И точно, често жртви се новинари, особено жени– новинарки.
Нападите врз новинарите и медиумските работници претставуваат и напад на јавниот интерес и демократијата. Дали постојат и кои се превентивни мерки за нивна заштита?
Превентивни мерки постојат, меѓутоа тие не се во надлежност на јавното обвинителство. Превенцијата, во смисла на градење на демократска култура, јакнење на свеста за јавниот интерес, но и на одговорноста на новинарите во заштита на тој интерес е нешто што треба да го градиме меѓутоа преку други институции.
Заплашувањата, заканите и насилството врз новинарите, заедно со неуспехот да се изведат пред правда сторителите на тие дела, имаат ефект на обесхрабрување врз слободата на изразување. Каква е статистиката на неказнивост?
Навистина не би рекла дека кај нас постои неказнивост. Особено кога станува збор за насилство и особено физичко насилство врз новинари, во последниот период обвинителството заедно со МВР, демонстрираше резултати и во поглед на откривање на сторителите и во поглед на брзината на обезбедување на докази.
Од 6 регистрирани случаи од почетокот на годинава во целата држава, во 2 веќе имаме пресуда, во уште 2 е поднесено обвинение против конкретен сторител, од кои во 1 предмет се очекува пресуда откако сторителот на првото судско рочиште призна вина. Остануваат уште 2 нерешени случаи, во кои станува збор за закани преку електронски комуникации и за кои се уште не можеме да дојдеме до сторителите. Лани, од 6 предмети, целосно решени се 5, а во 1 се трага по сторител. Така што, сметам дека нема неказнивост на ваквите дела.
Колку се ажурни обвинителствата брзо да реагираат кога има сериозни новинарски написи во кои се откриваат сомнежи за криминал и корупција?
Јавното обвинителство е ажурно и ги следи сите информации кои укажуваат на можни обележја на кривично дело. Меѓутоа, инструментот на допрен глас е основ за формирање предмет, кој се користи тогаш кога институциите кои се надлежни за откривање на кривични дела не постапуваат и кога оштетените или други лица кои имаат сознанија за сторен криминал тоа не го пријавиле.
Се разбира и самото новинарско истражување треба да содржи доволно прецизни и веродостојни податоци за злоупотребите на кои укажува. Обвинителството има вакви предмети, па и јас работам на такви, во кои навистина новинарски истражувања сигнализирале кривично дело, меѓутоа има и такви во кои, иако бил оформен предмет, новинарските информации на крај не се потврдиле со доказите.
Авторка: Маја Терзиова