Почетна Интервјуа ,,Support Kocani”: Повредените имаат потреба од хумани услови за лекување во кочанската...

,,Support Kocani”: Повредените имаат потреба од хумани услови за лекување во кочанската болница

0
105

По трагедијата која го потресе Кочани на 16 март, граѓанската иницијатива ,,Support Kocani” стана симбол на солидарност, истрајност и организирана помош. Без формална институционална поддршка, иницијативата прерасна во клучен фактор за рехабилитација и обнова на животот на повредените. 

Во интервју за ПИНА, со членовите на иницијативата Support Kocani разговаравме за тековната состојба на повредените, предизвиците со кои се соочуваат, улогата на заедницата, односот со институциите, и како остануваат доследни на својата неполитичка мисија — безусловна поддршка за оние на кои најмногу им треба.

  • Каква е моменталната состојба на повредените? Дали сите ја добиваат потребната грижа?

Од вкупно околу 200 повредени во пожарот на 16 март 2025 година, моментално 10 лица се на болничко лекување: 5 во странство и 5 во Македонија. Еден пациент останува во тешка состојба. 58 повредени веќе носат компресивна облека, што покажува позитивни резултати во намалувањето на лузните. 

Дополнително, 16 лица се третираат со ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити) за забрзување на заздравувањето на кожата. 46 лица се на физикална терапија, а 38 се на преврски и други третмани. Рехабилитацијата се одвива во групи, со циклус од две недели во новоадаптираниот рехабилитациски центар на Пониква, каде моментално се сместени 45 пациенти.

Како граѓанска иницијатива, Супорт Кочани пружи постојана поддршка со дел од неопходни медицински материјали, како лепенки, креми и опрема за физикална терапија.

  • Со какви предизвици вие како иницијатива се соочувате периодов?

Иницијативата се соочува со предизвици поврзани со долгорочна одржливост, политички и дезинформациски притисоци, како и емоционалното оптоварување на волонтерите. Дополнително се бориме со дезинформации и мисинформации, цензура и политички етикетирања поради нашите заложби за подобри услови за лекување на повредените, нивната рехабилитација и побрзо враќање во општествениот живот.

Сепак, преку директна комуникација, соработка со институции и локални фирми, и силна посветеност на заедницата, иницијативата продолжува да обезбедува клучна поддршка за повредените и нивните семејства. Мотивацијата и ентузијазмот на волонтерите е огромна, а решителноста да се помогне и заеднички да успееме во целта, сите повредени да се вратат во општествениот живот без никакви препреки.

  • Како ги коментирате условите во општата болница во Кочани?

Како и сите болници во нашата земја, кочанската нема нешто поразлични услови, наше мислење и наша иницијатива уште од почетокот на Супорт Кочани беше дека треба да се направат хумани и стерилни услови за сите деца кои беа вратени од лекување во странство. Повеќе од било кога, Кочанчани имаат потреба од хумани услови за лекување во кочанската болница, болница чиј рентген не работи со месеци, па за една рентгенска снимка се приморани да патуваат во Штип или Скопје, е само еден од примерите на бизарност со кои се соочуваме. 

Знаејќи го фактот дека општата болница Кочани прима пациентите од околните градови Берово, Делчево, Македонска Каменица, Виница и претставува природен регионален центар, заслужуваме опрема по европски стандарди, опремена со современа медицинска апаратура и опрема, но и поголем број на медицински стручен персонал, бидејќи имаме голем недостаток од медицински лица во болницата.

Повеќе општествени компании, хумани граѓани заедно со Супорт Кочани донираа на болницата Хипербарична комора, повеќе од 400 силиконски лепенки за повредените, повеќе од 500 лекови, креми, завои и помагала, ваучери за онлајн шопинг.

  • Супорт Кочани започна како независна иницијатива која се чини дека ја презема палката во обезбедувањето поддршка за повредените во трагедијата. Што се досега обезбедивте како донација и поддршка доставена до засегнатите?

Како иницијатива обезбедена е значителна финансиска поддршка 600.000 евра директно на сметките, медицински материјали (како 4.070 силиконски лепенки), логистичка помош за транспорт и третмани, како и психолошка и заедничка поддршка за погодените од трагедијата, и комплетна опрема за Физикалната терапија.

Иницијативата продолжува да работи на транспарентен начин, со фокус на долгорочна рехабилитација и поддршка за повеќе од 200 повредени и семејствата на загинатите.

  • Каде според вас пациентите треба да се лекуваат, каде може да им се пружи најдобра нега?

Според информациите што ги имаме добиено од повредените лица, сите добиваат нега, а за условите треба да побарате одговор од нив бидејќи најдобро можат да ги доловат проблемите.

  • Неодамна имавте реакција поради изјави од премиерот дека движењето за поддршка во Кочани прераснало во политичко движење. Порачавте дека политиката нема да застане на патот на солидарноста. Како ги коментирате овие изјави за ,,мешање во политиката”?

Супорт Кочани јасно се дистанцираше од изјавата и останува на патеките кои ги има дефинирано уште од самиот почеток, граѓански и ефикасно да помогне на сите засегнати од трагедијата, а понатаму да остане како здраво ткиво и здружение кое ќе остане тука за поддршка на се што е добро за Кочани.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.