Изградбата на автопатот кој треба да ја поврзе Македонија со Косово преку граничниот премин Блаце, повеќе од една деценија претставува проект со големи очекувања, но со мала незначителна реализација. Иако токму оваа делница е една од поважните економски рути, десет години од започнувањето на официјалните подготовки, автопатот се уште е далеку од завршен, иако низ текот на годините, со промените на централната власт се споменуваа неколку датуми за негово пуштање во употреба – последниот ваков датум беше март 2024 година.
Проектот започна со големи амбиции уште во 2014 година, кога тогашните власти во земјава најавија дека токму овој пат ќе биде еден од приоритетите за инфраструктруниот развој на државата. Во 2019 година, Косово кој како изведувач на градежните работи ја најми фирмата „Бехтел и Енка“, го заврши својот дел од автопатот до македонската граница, што пак предизвика дополнителен притисок за Македонија и овдешните власти да ги засукаат ракавите и да го завршат својот дел од работата.
Но како тоа изгледа сега, десет години подоцна на терен… Од вкупно предвидените 12,5 километри нов асфалт, завршени се само два, а ништо не наговестува дека наскоро ќе бидат завршени преостанатите 10,5 километри.
Што е предвидено да се изгради, што е изградено и колку автопатот ја чини земјава досега
Изградените два километри се веќе пуштени во функција – од граничниот премин „Блаце“ до истоименото село… Фирмата изведувач „Гранит“ ги заврши градежните работи речиси четири години по официјалниот старт на изградбата, но со поголеми трошоци од првично планираните, односно ако на почетокот се зборуваше за сума од 14 милиони евра, завршната сметка чинеше двојно повеќе, односно 28 милиони евра.
Но, дополнително, попроблематичниот дел е втората делница – од селото Блаце до клучката кај спортскиот аеродром „Стенковец“ бидејќи иако тендерот беше распишан во јули 2023-та година, до денеска не е ангажиран изведувач.
Дополнително, во јавноста се проблематизира фактот што токму за овој проект се обезбедени европски средства – од Европската банка за обнова и развој во износ од 167 милиони евра и грант од 20,8 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан, а постоеа и одредени најави дека трошоците би можеле да достигнат и до 300 милиони евра, што пак предизвика загриженост за потенцијални злоупотреби и корупција. Сумирано, вкупните трошоци за изградба, го прават еден од најскапите автопати бидејќи за еден километар се издвојуваат околу 18 милиони евра.
Зошто и по една деценија Блаце – Скопје останува предизвик за надлежните?
Поранешната и сегашната власт во минатото неколкупати влегуваа во клинч токму за оваа тема – ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција обвинуваше за корупција, велејќи дека средствата кои биле наменети за иградба на делницата биле злоупотребени. Проблематизиран беше и процесот на експропријација оти како што обвинуваа од партијата – функционери од Демократската унија за интеграции и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија купувале имот по трасата каде што било проектирано да оди делницата. Дополнително, еден од клучните проблеми е и тоа што трасата е менувана дури три пати што пак предизвика зголемување на трошоците за репроектирање и ревизија.
Ингеренциите за изградбата на делницата се во рацете на Јавното претпријатие за државни патишта. Па, затоа прашањата – до каде е изградбата и зошто толку долго се работи на изградба на 10 километри ги упативме до нивната адреса. Од Јавното претпријатие за државни патишта за Пина.мк велат дека договорот за заем за изградбата на втората фаза од автопатот Скопје – Блаце е потпишан уште на први јули 2022 година, додека пак Договорот за консуултантски услуги и техничка помош на 14 март 2023 година… Проблемот за застојот го лоцираат во спората испорака на основниот проект без кој не може да се отпочнат сите останати планирани процедури.
,,Во моментов е објавен Повик за претквалификација за надзор на изградба на подделница од автопатот на ТЕН-Т рута 6 во должина од 10,5км., односно за изразување на интерес за надзор за изградба на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце во должина од 10,5 км.
Временската рамка ќе зависи од процесот на претквалификација кој е во координација со ЕБОР. По ова ќе следи повик за финансиска понуда на заинтересирани фирми за надзор“, велат оттаму.
Претходно оттаму информираа дека се исправени пред предизвикот на висока вредност на чинење на проектот, како и исчекување на крајниот износ на предмер пресметката за да не се поништи цела процедура и она што досега е направено.
Македонија како црна точка во ажурноста и изградбата на нови делници
Македонските граѓани веќе се навикнаа на енормни доцнења и неостварени ветувања, барем кога се зборува за изградба на автопати и магистрални патишта. Еден од таквите примери покрај (не)изградениот автопат од Скопје до Блаце е и автопатот Кичево – проект кој започна во 2014 година со планиран рок за завршување во 2018, но како што е веќе познато овој рок беше пробиван неколку пати, за новото раководство на Министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта да постават нов финален рок – 2026 година. Како и Скопје – Блаце и за оваа траса причините за доцнењето се многубројни – од недостатоци во првичниот проект, до доцна експропријација, но и поради појави на свлечишта на самата траса.
Како оваа делница влијае врз бизнисот во Македонија?
Економијата е можеби прва на удар од неефективната изградба и доцнењето со роковите.. Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков за Пина.мк вели дека загубите за бизнисот се огромни, па дури и немерливи бидејќи како што вели, наместо да градиме нови позиции и партнерства со која би се зајакнувала соработката помеѓу економските оператори, со недоволната активност во конкретниот случај како со доцнењето со изградбата на автопатот, македонските но и косовските партнери се обесхрабруваат и стануваат нервозни.
„Дел од загубите се немерливи бидејќи наместо да ја прошируваме трговската, економската и туристичката соработка, ние ги обесхрабруваме клиентите, туристите и компаниите и затоа навистина може да се каже дека трпиме огромни загуби и не ја развиваме економијата и не придонесуваме со ова како еден мал крвоток дека навистина губиме примат и ја губиме одржливоста и го намалуваме и БДП-то со северната граница“, вели Бошков.
Дополнително, вели тој, мора да се потенцира дека системот на мерење на одговорност, работливост и отчетност, не само во јавната администрација туку и во приватниот сектор е нарушен и затоа како држава имаме и слаби ефекти на реализација на овие проекти.
„Имаме сознание дека кога нема политичка кохабитација на владата и локалната самоуправа и одредени агенции во состав на владата, дека има т.н проектно-економски и трговски сопки, народно кажано, односно има препреки кои не служат никому за добро, и кои имаат само неактивна политичка позадина. Реализацијата на капиталните објекти е микс од незнаење без етичка и морална свест, со голем степен на корупција и незнаење за реализација на дадени задачи“, заклучи Бошков.
Зошто оваа делница е важна за Македонија?
Автопатот Скопје – Блаце има регионално значење, како дел од Коридорот 10, тој е предвиден да ја олесни трговската размена помеѓу Македонија и Косово – земја во која нашата земја има голем извоз, а покрај Косово, се олеснува и движењето на товарните возила и пошироко, низ регионот на Западен Балкан.
Одговори за тоа како влијае доцнењето со изградбата врз економијата побаравме од ресорното министерство, од каде не препратија на адреса на Владата. Но, на прашањата колкави се економските загуби и како немањето на квалитетен пат влијае врз македонската економија од во одговорите од Владата не добивме конкретна информација на поставените прашања, туку кус одговор во кој се вели дека токму оваа делница останува еден од нивните приоритети и оти се преземаат сите неопходни мерки за да се обезбеди успешна реализација.
„Во моментов се работи на техничките и административни пречки. Свесни за состојбите кои ги наследивме од претходната Влада, работиме со силна динамика на сите патишта. Автопатот Скопје-Блаце ќе донесе значителни економски придобивки за државата. Ќе го олесни транспортот и ќе ја зајакне трговската соработка со Косово. Проектот ќе придонесе за подобрување на инфраструктурата и економскиот развој на регионот, а тоа се приоритетите на оваа Влада од кои не отстапуваме“, одговорија од Владата за Пина.мк.
Дополнително, овој инфраструктурен проект е важен и за зголемување на туризмот и инвестициите. Недовршените градежни работи секојдневно ја чинат земјава, бидејќи бизнисите од двете страни на границата се соочуваат со повисоки трошоци за транспорт, додека пак патниците се принудени да користат споредни и небезбедни патишта.
Дополнително, поради доцнењето, несомнено дека земјава ќе ја чини и фактот што Бугарија и Романија од први јануари годинава станаа дел од Шенген-зоната, што пак во комбинација со инвестициите кои тамошните влади ги прават во поглед на инфраструктурата ќе значи дека Македонија ќе се најде во незавидна ситуација, во која, доколку сака да остане важна артерија за транспорт и туризам ќе мора час поскоро да започне да испорачува и на терен.
Долгогодишните административни и финансиски пречки, проследени со обвинувањата за корупција го направија овој проект мета на критики од јавноста, и токму затоа неговото завршување би требало да биде еден од главните приоритети во инфраструктурата. Останува да видиме дали ќе има брз расплет и решение како што се најавува и дали конечно автопатот ќе добие и автомобили кои ќе се возат по него.
Автор: Михаил Милошевски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





