Ивановска: Страв, збунетост, лутина се нормални реакции при трагедии, но потребно е психолошка поддршка за младите

0
103

Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска ја потресе целата јавност, но речиси најпогодени се учениците и младите. Кај нив се појавија емоции на страв, вознемиреност, тие се чувствуваа загрозени за нивната безбедност, имајќи ги предвид информациите дека Вања исчезна на пат кон училиште.  Сите овие околности и трагичниот настан, ги наметнаа прашања за потребата од психолошка поддршка на младите во овие моменти, и како да им се помогне за да ги надминат емоционалните реакции кои се нормални. За овие прашања разговаравме со психологот и гешталт-психотерапевт Тиана Ивановска, сопственик на „СебеСложувалка“.

Кои емоции се нормални природни реакци при вакви трагедии?

-Секој од нас различно емоционално реагира на различни ситуации. Главно, кај некој може да се појави страв, може да се појави збунетост, кај возрасните лутина спрема институциите и она што можело да се направи, но не се направило. Но сепак е настан кој е од катастрофална природа и како таков, е сосeма валидно да не измести од колосек и покрај тоа што можеби претераното известување за целиот случај од страна на медиумите, во голема мера ги зголеми чувствата на страв, паника и грижа за општата безбедност кај секој од нас.

Младите ги погоди анксиозност, страв, загрозеност на сопствената безбедност. Во кој случај e потребно да се побара помош?

-Секогаш е добро да се побара помош, особено е важно да не се чека да се стигне до степен каде што симптомите на психолошки дистрес ќе влијаат врз секојдневното функционирање и општа состојба. Најчесто како народ, ние тогаш бараме помош што во најголем дел од случаите се покажува дека е веќе доцна. Најдобро е да се бара помош што е можно поскоро затоа што постојат лични тригери, односно секој од нас има различно минато кое кога ќе се поклопи со ваква општествена ситуација, може да претставува ретрауматизација или да ги зголемува симптомите на нешто што и претходно сме го чувствувале. Така што сметам дека најдобро е да се бара помош веднаш.

Која е временската рамка, за ваквата состојба да помине?

– Генерално временската рамка, најмногу зависи од контактот што сме го имале со семејството, колку сме биле поврзани, колку девојката-жртва била дел од нашето секојдневие. И верувам дека оние кои не биле во директен контакт, генерално би требало побрзо и полесно да излезат од таа конфузија и се што се случува во изминатите недели. Додека пак оние кои биле инволвирани во животот на семејството, роднините, оние кои биле блиски ќе поминуваат низ процес на обжалба кој ќе трае подолго. Во психотерапијата најчесто велиме дека процесот на обжалба трае околу две години но нема рецепт, се зависи од личноста и начинот на кој го менаџира надминувањето на ситуацијата, колку бара професионална помош итн.

Каква е улогата на психолошките служби во училиштата во вакви моменти?

-Улогата на психолошките служби е круцијална затоа што во ваквите ситуации тие имаат улога на амортизација на се она што се појавува кај учениците како психолошки дистрес.Потребно е да работиме на готовноста на училишните стручни служби, за да се справуваат со ваков тип на настани, затоа што не се чести. Доцна е да се подготвуваме кога веќе се случува кризата.Потребно е да работиме на превенција и да знаеме како да се справиме со ваквите ситуации.

 Дали психолозите во училиштата треба да ги посетат учениците и притоа самоиницијативно да започнат разговори и да се понудат како поддршка доколку некому му е потребна?

Апсолутно е дека треба иницијативата да произлезе од нас, со тоа што не треба да заборавиме дека немаме култура на грижа за ментално здравје, немаме традиција во работа на себе, така што ќе биде потребно колегите од училиштата да ги зборуваат овие теми и да одберат да не го следат тој генерациски шаблон на ставање на проблемите под тепих, туку да се зборува отворено со цел полесно да се надминат сите последици од ваквите настани.

Постојано зборуваме за менталното здравје кај младите, па оттука, дали здравата психа кај младите придонесува за полесно справување со информациите за ваквите трагедии?

-Во голема мера, нашата лична добросостојба и фазата од развојот на менталното здравје која што сме ја постигнале, игра голема улога во начинот на кој се носиме со ваквите ситуации. Се она што не сме го сработиле кај себе како процес, се она што сме одбрале да не го перцепираме како такво, може да биде истрегерирано од ваков тип на ситуации, затоа што ваквите ситуации претставуваат еден вид на провокација за секоја наша несигурност и за сите наши стравови кои што претходно тлееле во нас, а не сме одбрале да ги работиме и да се справуваме со нив на правилен и здрав начин. Така што младите кои доаѓаат од семејства во кои отворено се зборува, каде што има култура на отворена комуникација, каде што има многу љубов и поддршка и оние кои на тој начин се стекнале со добра емоционална интелигенција, ќе бидат поподготвени со вакви ситуации и ќе имаат помалку последици.

Медиумите при информирање за овој случај, речиси заборавија на овој момент од приказната дека при пишувањето на сензитивни информации,  лошо влијаат врз психата, токму на младите. Оттука, колку ова може да има негативно влијание и на што посебно треба да се внимава?

-Особено е важно да се внимава да не се „брка“ сензационализам и се објавуваат статии кои ќе привлечат повеќе кликови и читаност, а притоа се изнесуваат најразлични сензитивни информации кои ги задираат и семејствата и блиските на починатата девојка.Од особена важност е да се држиме до правилниците на етичко информирање и известување, затоа што секогаш кога правиме поместување во поглед на етичноста, на другата страна некој страда. Потребно и да имаме совесност за се што се пласира како информација во јавноста.

Авторка: Силвана Жежова