Бавен пат до правда за злоупотребата на лични податоци при земање брз кредит

0
415
Фото: Christian Dubovan on Unsplash

Проблемот со измамите на граѓани, при што со туѓи лични документи се подигнуваат брзи кредити од финансиските друштва низ државата, и понатаму е актуелен и комплексен. ПИНА пишуваше за проблемот на Бети Кикирекова од Радовиш, која беше жртва со брзите кредити, поради тоа што, според неа, колега од работа со нејзина лична карта земал пари од повеќе финансиски друштва. Откако повторно стапивме во контакт со неа со цел да дознаеме дали има промени во нејзината ситуација, таа вели дека процесот тече многу бавно и има сомнежи за тоа дали и воопшто ќе има правда за неа.

„Моментално јас сум тужена од некои од финансиските друштва поради тоа што ратите за тие брзи кредити не се подмирувани, но зошто јас би ги исплаќала тие рати кога сум измамена во оваа ситуација? Ние всушност се повикуваме на кривичната постапка која е покрената против измамниците, а кој што случај треба директно да влијае врз овој, се со цел сите тие рати да бидат запрени и тие финансиски друштва да престанат да ги бараат парите за тие рати“, вели таа.

Како што појаснува Кикирекова, таа кривична постапка моментално е заглавена во Јавното обвинителство во Радовиш, но нема информации зошто тоа е така.

„Јас лично се уште немам платено за никакви рати за тие кредити кои всушност јас не ги извадив, но повторно истите тие финансиски друштва почнаа да ме бараат и да ми се закануваат се со цел да ги исплаќам тие рати. Околу четири месеци ниту едно од тие финансиски друштва не ме бараше, но сега пак ситуацијата за мене е стресна“, објаснува Кикирекова.

Што преземаа институциите?

Откако ПИНА.мк излезе со сторијата за измама со брзи кредити, а потоа и другите медиуми открија и други случаи, Министерството за финансии направи Правилник за кредитен ризик кој ќе важи од следната година каде тој ќе предвиди задолжителна физичка идентификација на клиентите во подружниците на финансиските друштва, како и задолжително лично ажурирање на податоците на клиентите, односно ќе се забрани онлајн идентификација на клиент и онлајн промена на податоците на клиентот.

„Министерството за финансии во извршените контроли во изминатиот период утврди одредени нерегуларности коишто се однесуваа меѓу другото на кредитирањето преку кредитен посредник и затоа пристапи кон измени на Законот со кои се направија допрецизирања со цел да се оневозможи избегнување на обврската што произлегува од Законот за идентификација со физичко присуство на лицето при подигнување кредит од овие институции,“ изјавија од Министерство за финансии за ПИНА.мк.

Од таму додадоа дека имајќи ги предвид почестите пријави доставени во однос на злоупотреби на личните податоци при подигање кредит од финансиските друштва, бил извршен надзор над работењето на финансиските друштва.

„Пред се, неправилности имаше во делот на одобрување на кредити преку кредитни посредници и при тоа кај пет друштва беше изречена привремена забрана за кредитирање преку кредитен посредник. Истовремено, на едно друштво е изречена целосна привремена забрана за кредитирање во рок од 30 дена“, додаваат од таму.

Се додека се остава простор, измами ќе постојат

Во однос на работата на финансиските друштва, разговаравме со Здружението Кредит Протект кое вели дека поентата е што тие тоа го прават незаконски. Според нив, дури и во ситуации кога на граѓаните навистина ќе им требаат финансиски средства и поради таа причина ќе бараат од овие друштва, услугите што не се задолжителни по закон тие ги подметнуваат, се со цел да извлечат дополнителни средства од граѓаните.

Тие објаснуваат дека најчесто граѓаните од потреба земаат еден брз кредит, а потоа наредните ги земаат за да ги затворат претходните и да исплаќаат рати од веќе земени кредити.

„Имаме граѓани кои имаат по пет или седум брзи кредити земени од различни финансиски друштва. Финансиските друштва и да добијат казни од институциите, тие ќе бидат многу помали во споредба со тоа тие што ќе го заработат. Сите финансиски друштва работат на различен принцип, но во крајна линија ги наплаќаат истите трошоци. Од нивна страна брзите кредити се промовираат дека се без камата, или пак со многу ниска камата, а скриените трошоци не ги споменуваат. Дефиниција за скриени трошоци е се што не е пренесено транспарентно на клиентот,“ велат од Кредит Протект за ПИНА.мк

Од таму појаснуваат дека проблемот е што се зголемува бројката на граѓани која има потреба од финансиски средства, а немаат услови да земат кредит од банка.

„Другиот проблем е што се зголемува и бројката на граѓани на вакви кредити што земаат нови за да затворат стари. Ова им се случило досега на пола од клиентите со којшто сме соработувале и разговарале. Редно време е да се крене свеста кај граѓаните во однос на овој проблем и да бидат повнимателни“, додаваат од Здружението.

Воедно, постојат и таканаречени „скриени“ трошоци, кои во продолжение ги претставуваме преку инфографик, на кој е претставен пример за тоа колку може да изнесуваат трошоците за земен кредит од 10.000 денари во едно од финансиските друштва со рок на враќање од 12 месеци, според информациите кои ги добивме од здружението Кредит Протект.

ПИНА во април годинава пишуваше за слабата контрола врз финансиските друштва кои работат со давање на брзи кредити, за измамите кои се случуваат, како и за бројните скриени трошоци кои постојат при земањето на ваков тип на кредит.

Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА