,,Онлајн вознемирување доживеав во две различни ситуации, еднаш поради напишан текст, а другпат поради организиран напад врз организацијата во која што работев. Во двата случаи пријавив во МВР при што во едниот случај имаше успех, заканите престанаа а во другиот немаше никаков институционален одговор.”
До пред извесен новинарката Силвана Жежова, мислела дека онлајн вознемирувањето е нормално. Личното искуство и помогнало да разбере со што се соочуваат нејзините колешки и што е уште поважно да сфати дека за овој широко распространет проблем никој не говори јавно, организирано и слично.
,,Вознемирувањето ме натера да го исклучам профилот на Фејсбук, социјалната мрежа каде што се вршеше тоа вознемирување. Ретко зборував за овие психолошки малтретажи поради мојата работа, се до оној момент додека не станав дел од тимот на ПИНА кој правеше истражување за онлајн вознемирување на новинарки.”
Истражувањето кое го спроведе Платформата за истражувачко новинарство и анализи ПИНА во 2022 година, базирано врз анкети со 103 новинарки покажа дека над 81 процент од новинарките во Македонија се соочиле со вознемирување на Интернет поради нивната работа. 24.1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19.5% и закани по животот.
Тоа говори дека секоја втора/трета испитаничка доживеала онлајн вознемирување.
,,Имам впечаток дека после истражувањето на ПИНА, прашањето за онлајн вознемирувањето на новинарки се покрена на повисоко ниво и се зголеми свесноста за овој реален проблем. Истражувањето беше адресирано до новинарите, засегнатите институции, новинарски здруженија кои треба да бидат поддршка и помош на новинарките кои се соочуваат со овој проблем. Да знаат дека не треба да молчат, да пријават, да се борат за своите права. Истото сметам дека ги помести работите од мртва точка, а една од работите која што се промени на подобро е што ЗНМ И МВР донесоа Протокол за безбедност на новинарките на интернет”, вели Жежова.
Протоколот нуди практични совети како новинарите да постапат кога ќе бидат
предмет на закана преку социјалните мрежи и, воопшто на Интернет, преку проактивна вклученост на МВР во заштита на медиумските работници. Како резултат на изработката на овој протокол, меѓу другото, во МВР е назначено лице-контакт точка за интернет заканите кон новинарите и воопшто, медиумските работници. Од ЗНМ сметаат дека на овој начин ќе се намали можноста за самоцензура поради постоечкиот страв од напад, а ќе се зголеми слободата на изразување и професионалните новинарски стандарди.
ОБСЕ разви алатка која ќе помогне во следење и мониторинг на онлајн насилство врз жените новинарки
Безбедноста на новинарите е една од централните теми и за мандатот на ОБСЕ вo сите земји членки. Ова ја вклучува и инклузијата на жените новинарки и предизвиците со кои тие се соочуваат, како интегрален дел од плурализмот и медиумскиот пејсаж.
,,Проектот ,,Безбедност на жените новинарки на Интернет“, започнат во 2015 година, има за цел да ја зајакне безбедноста на новинарките во регионот на ОБСЕ преку промовирање на нивното неограничено и безбедно користење на медиумите и целосно учество во јавната дебата, вклучително и дигиталните технологии. Тој се стреми да го зголеми разбирањето на земјите-учеснички за влијанието на онлајн насилството врз новинарките.
Клучен исход од овој проект е актуелниот развој на Насоки за следење на онлајн насилството врз новинарките, кои воспоставуваат сеопфатен систем за следење и известување со родово сензитивни и родово одговорни пристапи. Четиринаесет индикатори добиени од истражување за ескалација на онлајн насилството ќе го водат процесот на следење и документирање.
Овие индикатори ги одразуваат сигналите поврзани со системите за рано предупредување и брз одговор, дизајнирани да поттикнат интервенции во врска со онлајн нападите. Оваа нова алатка ќе го олесни идентификувањето, предвидувањето и на крајот спречувањето на ескалацијата на онлајн насилството врз новинарките, како во виртуелни така и во реални услови. Тим од тројца експерти, предводени од Џули Посети, успешен австралиски новинар и академик со седиште во Оксфорд, го предводи развојот на овие упатства. Џули служи како заменик потпретседател и глобален директор за истражување во Меѓународниот центар за новинари, како и виш истражувач во Центарот за слобода на медиумите на Универзитетот Шефилд во ОК.
Исто така, дел од тимот се Набила Шабир, хонорарна новинарка и виш научен соработник во Меѓународниот центар за новинари, и Дијана Мајнард, компјутерски научник и компјутерски лингвист која работи како виш научен соработник во групата за обработка на природни јазици на Универзитетот во Шефилд“, велат од Канцеларијата на Претставникот на слобода на медиуми во ОБСЕ за ПИНА, за објавените Насоки за следење на онлајн насилството врз новинарките.
Со онлајн напади се соочуват и новинарките во регионот
,,Ми ги вознемируваа родителите, мојот брат, но и целото семејство. Потоа следуваше уште еден обид, далеку посериозен од претходниот, со закани за силување и убиство.”
Ова е примерот на Јована Глигоријевиќ, новинарка и уредничка во неделникот Време во Србија која неколку пати била цел на сериозни закани. Онлајн вознемирувањето не почнало од непознати, анонимни луѓе, туку напротив двете најголеми хајки против неа кои траеле со месеци ги предизвикале луѓе кои биле јавни функционери.
,,Дел од тоа заврши на суд, има дури и пресуда за луѓето кои ми се закануваа. Меѓутоа оние од кои се почна никогаш не беа дури ни приведени за да дадат изјава во врска со мојата пријава. Имав и случај на прогонство, кој едноставно престана кога дознав дека не сум единствена. Се вмрежив со повеќе колешки новинарки на кои истата личност им се закануваше и заедно излеговме сплотени во јавноста па така самите се заштитивме. Не можам детално да објаснам како се чувствував, затоа што ми е мачно да опишувам колку се што ми се случи влијае на мојот живот”, вели Глигоријевиќ.
Нејзиното искуство, како и на други колешки од Србија ги принудило заедно да се организираат. Глигоријевиќ сега е дел од групата Новинарки против насилство кон жените. Групата која брои повеќе од 70 новинарки и уреднички организирано и гласно се бори против насилството и повикува на одговорност од страна на надлежните институции. Членките настојуваат низ цела земја да изградат мрежа која со заедничко медиумско делување ќе придонесе во борбата против насилство кон жените.
,,Може да кажам дека имам поддршка од дел од невладиниот сектор. Но има и организации во кои нивните претставници мислат дека новинарките служат за да ги ислушаат и пренесат кога тие се нападнати, а потоа кога ќе се случи спротивното тие молчат, остануваат неми кога новинарките се нападнати. Апсолутно немам никаква поддршка од институциите, ниту ја очекувам. Имав некои илузии за неа пред 5-10 години, но потоа ми се случи реалниот живот и видов како тоа вистински изгледа, кога ќе пробате нешто да решите преку институциите. Ако денес ми се повтори се што ми се има случено во минатото не би ја пријавила ниедна закана”, додава таа.
Денес Јована се движи во строго затворен круг на луѓе во кои има доверба. Механизам во начинот на справување изградила со тоа што ги заплашува анонимните напаѓачи. Им вели дека ги познава и дека ќе ги пријави на нивниот работодавец, иако тоа никогаш не го прави. Внимава каде и како комуницира, а на големите собири никогаш не оди сама.
Новинарките немаат доверба да пријават
Новинарките немаат доверба да го пријават онлајн вознемирувањето затоа што не веруваат оти нешто ќе се преземе. Поголем дел од нив во анкетата на ПИНА одговориле дека знаат во која институција треба да се обратат за да го пријават, но и дека се незадоволни од третманот на институциите.
Некои од испитаничките одговориле и дека не пријавиле бидејќи не мислеле дека ќе им поверуваат и чувствувале страв од последиците. На скала од еден до пет колку новинарите, фелата и здруженијата обрнуваат внимание и пружаат поддршка највеќе гласови има за оцената 3.
Само 7 новинарки се согласиле дека има доволно професионални обуки за дигитална и лична безбедност или други постоечки механизми за пријавување малтретирање и злоупотреба на дигиталните платформи и социјалните мрежи. Обуките според новинарките треба да ги спроведуваат и организираат здруженијата, потоа институциите, редакциите и невладините организации.
ССНМ: Новинарките немаат верба во институциите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) повикува да се пријавуваат вознемирувањата и постојано се обидува да ја крене свесноста околку ова прашање. Од таму велат дека нивната еснафска организација без пријавување не може да знае за какви случаи се работи и не може да изгради соодветен механизам за одговор. За посериозните вознемирувања, напади, навреди и закани реагираат јавно и пријавуваат до институциите, но во согласност со новинарката.
Синдикатот во последните неколку години има регистрирано десетици случаи на онлајн вознемирувања, но нема точна бројка бидејќи најчесто новинарките не ги пријавуваат овие напади. Според нивните анализи тоа го прават прво затоа што немаат верба дека доколку се процесуира во институциите ќе има некаков резултат и второ затоа што многу од новинарките онлајн нападите ги имаат сфатено како дел од работата, односно како нешто што постојано се случува. Еден случај е регистриран во последните години за кој е забележана реакција и за кој се преземени мерки откако е пријавен во МВР. Како и еден случај во кој на новинарката која добила сериозни закани преку партнери на ССНМ од странство и е понудена психолошка помош.
,,Забележуваме раст на трендот на онлајн вознемирување кон новинарките во Македонија, и затоа укажуваме дека треба да се следат сите ресурси и трендови за лична заштита, но и да не се игнорираат, бидејќи иако се онлајн, ваквите закани, напади или навреди сериозно влијаат врз интегритетот и слободата на новинарките, може да остават трајни психолошки последици и често водат кон самоцензура“, објаснуваат од ССНМ.
Обвинителството по службена должност ќе ги гони сторителите
Според Здружението на новинари на Македонија(ЗНМ) иако бројот на вербални и физички закани генерално споредбено со изминатите десет години се намалува, загрижува фактот што новинарките и медиумските професионалци се се почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи. Во декември 2021 година е донесена судска пресуда во корист на ЗНМ за онлајн закана кон сите новинари напишана на фејсбук страницата на Здружението. Ова е прв пример обвинителството и судот да истражат и да санкционираат сериозна онлајн-закана изречена кон новинари. Тие како олеснителна околност ги наведуваат Протоколот за безбедност и измените во Кривичниот законик.
Со новите измени и дополнувања во Кривичниот законик без разлика дали станува збор за новинар или медиумски работник, обвинителството по службена должност ќе ги гони сторителите, а истовремено сторителите ќе се соочуваат со повисока казна затвор и ќе се гонат по службена должност, а не по приватна тужба како досега (член 14 од предлог-измените што се однесува на членот 144 од Кривичниот законик). За Основното јавно обвинителство (ОЈО), тоа ќе претставува олеснителна околност, бидејќи ќе може да ги гони сторителите на напади врз новинари по службена должност, како и за другите службени лица.
,,Ова е особено важно бидејќи новинарите ретко се решаваат самите да тужат при физички напад или при закана по нивниот живот, поради стравот од реперкусии од страна на заканувачите и сторителите на нападите, како и поради високите финансиски трошоци при водењето на постапката”, велат оттаму.
Во септември 2022 година, ОЈО ја номинираше обвинителката Искра Хаџи Василева за надлежна обвинителка, која ќе го следи постапувањето во предметите во кои се нападнати новинари, во кои тие се оштетени, сведоци или се пријавени во врска со извршувањето на своите работни задачи. Се работи за отворена линија во Јавното обвинителство, на која кај Хаџи Василева може да се јават новинари, во врска со постапките за физички напади и насилство, како и за сериозни закани по животот на Твитер, Фејсбук, Ватсап или по емејл. Трендовите во последните три години говорат дека се повеќе се зголемуваат и онлајн начините на вознемирувања или закани.
Оттаму потврдруваат дека онлајн вознемирувањето, заканите и притисоците почесто им се случуваат на жените.
,,Со упатените коментари и/или со пораки поретко се критикува нивниот професионален резултат, за разлика од физичкиот изглед, приватниот живот итн. Најчесто овој тип проблеми е поврзан со цврсто втемелени патријархални родови улоги во општеството, но и со недостиг од јасни правила, процедури, интерни акти во самите медиуми, кои ќе отворат пат и ќе постават насоки за обезбедување родова еднаквост.”
Авторка: Ивана Митровска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА