Анализа: Допрва ќе ги гледаме последиците од измените во Кривичниот Законик

0
153

Пратениците во Собранието експресно со европско знаменце усвоија измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за одредени кривични дела, но се укинуваат и одредени членови од Законот.

Наместо министерот за правда, Кренар Лога, измените во Законодавниот дом ги бранеше неговата заменичка, Викторија Аврамовска Мадиќ која рече дека намерата била да се обезбедат јасни, прецизни и цврсти описи на кривичните дела. Според неа, предлог-измените ќе доведат до проширување на опфатот за дела за кои се предвидува конфискација.

Измените кои се донесоа со европско знаменце значеа бришење на ставот 5 од членот 353 кој предвидува затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата на Буџетот. Измени има и во членот 394 кој го регулира т.н. „злосторничко здружување“. И тука измените се кај висината на казната, па наместо до 10 години, како што предвидуваше досега, сега за вакво кривично дело ќе може да се одлежи до најмногу три години затвор.

Ваквите измени, за кои јавноста дозна само еден ден пред да се најдат на пленарна седница предивизвикаа лавина реакции. Невладини организации бараа од претседателот на државата, Стево Пендаровски да не ги потпишува, реагираа помали политички партии, опозицијата, правни експерти, но и странски амбасади.

Затечени правни експерти

Власта, измените ги подготвила без консултација со правните експерти во исто време работеле и на комплетно нов Кривичен Законик. ПИНА контактираше двајца правни експерти кои навидум имаат дијаметрално спротивни ставови за измените.

Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“, една од организациите кои бараше од Пендаровски да не става потпис, во изјава за ПИНА вели дека биле затечени од измените, бидејќи никој воопшто не бил информиран дека такво нешто се подготвува. Иако знаеле дека формирана е работна група која работи на комплетно нов Кривичен Законик.

-Не се согласувавме со начинот на кој беа донесени ваквите измени, со скратена постапка, со европско знаменце под превезот на усогласување на регулативата со меѓународни документи, брзината со којашто беше донесено, отсуството од било каква јавна дебата. А дополнително што намалувањето на казните за ваков тип на висока корупција, како што се направи со овие измени на Кривичниот Законик, ќе има многу сериозни последици во пракса кои ќе се манифестираат преку застарување на определени предмети за кои долго време се водат постапки за кои се направија сериозни трошоци, вели Аврамовски, појаснувајќи дека не станува збор само за судски трошоци, туку и за формирање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Според него, ваквите измени на КЗ ќе придонесат сѐ што се работело и вложило во СЈО да пропадне во вода.

Не е сѐ така црно – бело

Аврамовски вели дека ваквите измени испраќаат лоша порака за сегашните, но и за идните функционери кои ќе ги преземат институциите.

-Од друга страна, се праќа порака дека корупцијата не се доживува како сериозен престап и сериозно кривично дело бидејќи ја казнуваме со најмногу пет години затвор. Иако во практиката видовме дека во нашата држава имаме примери кадешто биле нелегално заработувани милиони евра со корупција и организиран криминал, вели Аврамовски.

Од друга страна, универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев вели дека за општиот криминалитет не е толку важна казната да е строга, туку е важно е да има одговорност.

-Дури и престрога казна може да биде и пречка, ако луѓето чувствуваат дека казната е престрога за некое поведение за кое по нив е на граница, или се толерира. На пример, дури и поранешниот премиер, Љубчо Георгиевски тврдеше дека еден премиер или министер има и некои привилегии. Значи, границата меѓу привилегии и злоупотреба е многу тенка. Ако не е некоја голема корист во прашање можеби строгата казна ќе ја сметаат и за пречка за процесуирање, вели Калајџиев за ПИНА.

Со ваквата констатација делумно се сложува и Аврамовски, но вели дека со овие измени законодавната власт заборавила на еден клучен детаљ. Доколку идејата на власта е да ја намали казната за да се справи со неказнивоста, тогаш требало да се намалат сите казни подеднакво.

-Генерално многу поважно е казната да Ве стигне отколку каква е казната. Меѓутоа, мора да имаме предвид дека во кривичното право постои принципот на сразмерност на тежината на стореното дело со тежината на санкцијата која се изрекува. Мора да имаме сразмерност помеѓу нанесеното зло и онаа ретрибуција која општеството ја бара од тој што го сторил таквото дело. Тоа значи дека доколку со измените се намалеа буквално сите казни за сите кривични дела ќе можеше да станува збор за тоа дека се стремемиме кон тоа правдата да ги стигне сите, а не е важна тежината на казната. Меѓутоа, исклучително е сомнително зошто се намалуваат казните само за ваков вид на кривични дела, вели Аврамовски.

Допрва ќе ги гледаме последиците од застарување на делата

Аврамовски вели дека јавноста, но и правниците допрва ќе ги гледаат последиците од застарувањето на кривични дела. Максималната казна за злоупотреба на службена положба која со новите измени на КЗ ќе може да се изрече е пет години затвор, што значи дека релативната застареност е пет години од сторувањето на делото, а апсолутната – 10 години од сторување на делото.

-Ако се земе предвид дека имаме сериозно искуство со влијание на извршната власт врз Јавното обвинителство и врз судовите, 10 години се практично два мандати. Ако во тие два мандати тој што го сторил таквото дело на почетокот на својот мандат и успее некако да издејствува да не се поведе постапка, практично ќе нема шанса и ќе нема простор да се решаваат случаите за сериозна корупција преку злоупотребата на службената положба и овластувањето, вели Аврамовски.

Од друга страна, Калајџиев вели дека проблемот е во водењето на долгото водење на истрагата, бидејќи додека таа трае се оцрнуваат самите осомничени. Според него, истрагите кои траат по пет-десет години ги уништува осомничените без пресуда.

-Вие ако сте 10 години во процедура, по судови, вие сте уништен човек од секој аспект. И да ве ослободат, за Вас веќе нема вистинска рехабилитација. Да не зборувам за последиците по имотот и бизнисот ако ви е замрзнат имотот неколку години. Тоа може да биде многу проблематично. Не е нормално. Зошто една судска постапка би траела 10 години? Ниту е нормално, ниту е хумано, ниту треба да се поддржи. Ако треба нека застари. Каква е таа постапка 10 години?, прашува Калајџиев.

Прашан каде да се гледа вината за ваквите долги постапки, тој прстот го посочува кон судовите.

-Не можат тие со тој менталитет, еднаш на два месеци да се закажува рочиште. Па никаде го нема тоа. Како во Америка со порота случајот мора да заврши за една недела или за две? Нормален случај нема зошто да трае седум години, вели Калајџиев, додавајќи дека ниту Обвинителство не ги почитува роковите за истрагата.

Како да се врати довербата во правосудните органи?

Речиси сите анкети кои се спроведуваат во државата покажуваат дека граѓаните имаат убедливо најниска доверба во судството и во правосудните органи. Измените во Кривичниот Законик не помагаат во подобрување на сликата, напротив во иднина би можеле да видиме уште полоши бројки на анкетите.

Но ниту правниците немаат решение како после вакви измени судството ќе ја врати довербата кај граѓаните. Професорот Калајџие вели дека една позитивна работа од овие измени е тоа што тие т.н. „шок терапија“ која би требало да нѐ натера да видиме каде сме во моментот и каде се проблемите во системот.

Аврамовски, пак, вели дека овие измени освен што ќе ја намалат довербата во судството, туку ќе ја намалат довербата и во целокупниот систем на правдата во државата.

-Во конкретниот случај иако сметам дека судството и обвинителството треба да сносат определена одговорност затоа што толку долго време не успеаја да ги решат овие случаи, сепак, главната причина поради којашто ќе застарат ваквите случаи се токму интервенциите во Законот кои не доаѓаат од страна на судската власт. И сега доаѓаме до втората голема загриженост која се јавува, а тоа е дека многу често извршната и законодавната власт практично го злоупотребуваат тоа што довербата на граѓаните во судството е премногу ниска и на некој начин сопствените неуспеси се обидуваат да ги оправдаат преку нефункционалноста на судството, вели Аврамовски.

Даниел Василев

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА